„Менување на државниот јавен обвинител и назначување на нов, предложен од опозицијата за да ги испита сите нерегуларности на референдумот, но и на целото владеење на СДСМ во изминатава година ипол. Ќе предложам на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да предложи формирање на анкетна комисија во Собранието, која ќе се позанимава со целокупниот процес на референдумско изјаснување, ќе го разгледа од моментот на организирање на кампања, колку средства, за што се трошени, колку чинела секунда во поедини медиуми, па се до бруталното полнење“, рече Мицкоски.
За Мицкоски нема никакви дилеми дека референдумот пропаднал.
„Многу пати сме го виделе Заев да каже, па да се демнатира. Законот е јасен, бројките се јасни што значи успешен референдум. Она што е потрагично е дека и тие бројки што ги презентираше не се такви. Законот е јасен и стои дека за успешен рефереудм треба 50 отсто плус еден. Далеку сме од таа бројка, и покрај сите девијантни појави вчера и како револвераши се појавија на избирачките места низ Македонија. Повеќе од 50 илјади гласа се брутално наполнети во кутиите“, рече Мицкоски.
Има многу примери за фалсификатот кој се случи вчера, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Грушино, Арачиново просечно на претходните избори излегувале 40% од вкупниот број регистрирани гласачи. А вчера изчегле повеќе од 88%. Она што е симптоматично е што тие наеднаш добиле желба да излезат и да гласаат и тоа во периодот помеѓу 17 и 19 часот. Па од 38% излезност во 17 часот до 19 часот имало над 80%, што значи дека на секои 15 секунди гласачите го оствариле своето право на глас“, вели Мицкоски.
Таков е примерот и во Зајас, рече тој.
„Таму во просек на претходните избори, излезноста била 40%, а на референдумот била 80%. И таму излезноста многу се сменила 17 до 19 часот, па требало по еден гласач на секои 20 секунди да гласа. Ист е случајот и со Шишево каде од 17 до 19 часот се гласало на секои 15 секунди“, вели Мицкоски.
За Мицкоски повеќе од 50.000 гласови биле насилно и девијантно полнети во избирачките кутии.