Повик до граѓаните за потпис на Деклaрација

„Името не е безбедносно прашање, туку прашање на човековите права“

Имајќи ја предвид критичната состојба во која се наоѓаат Република Македонија и нејзините граѓани, сметаме дека на таквата состојба треба да се одговори само со ургентни и конкретни мерки за зачувување на името на Република Македонија, идентитетот на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историја, се вели во повикот за потпишување на Декларацијата за спас на Македонија денеска од 12 часот пред Собранието во организација на повеќе граѓански здруженија.

Со овие мерки мора да се поништат еднаш и засекогаш политиките на негирање на постоењето на посебен македонски идентитет, јазик и историја, кои почнаа со македонското прашање во 1878 година, заради територијални претензии од страна на соседните држави, а не од страна на македонскиот народ. Парадоксално, Грција успеа да го убеди светот во обратното, односно дека Македонија има „територијални претензии“ кон Грција. На тој начин Грција успеа да го почне „спорот за името“ и да го прикаже како безбедоносно прашање, и да го наметне на агендата на Советот за безбедност на ОН каде што не припаѓа“, се вели во Декларацијата на која досега се потпишаа стотина поединци, партии и здруженија.

Собирањето на потписите ќе продолжи во цела Македонија со карванот „Македонија бојкотира“. Откако ќе бидат собрани потписите Декларацијата ќе се поднесе до сите надлежни институции со барање за недоверба на која било извршна, законодавна и судска власт која нема да ги почитува црвените линии и стратегијата дефинирани во оваа Декларација. Во овој документ се предвидува и „класна акција“ против сите влади, организации, сојузи, ентитети или поединци, кои ќе ја нарушат волјата на македонскиот народ и неговите права и интереси, наведени во оваа Декларација. Можно е и организирање на референдум со поднесени најмалку 150.000 потписи на избирачи, а кој Собранието е должно да го почитува.

Во Декларацијата се вели дека „спорот за името“ е прашање на човекови права и меѓународно право, а не на безбедноста и сѐ додека не се третира како такво, нема да има решавање кое е во интерес на македонскиот народ и неговите права и кое засекогаш ќе го затвори македонското прашање. „Од итен и клучен интерес на Македонскиот народ е ова прашање да се префрли во доменот на човековите права и меѓународното право, како и во доменот на меѓународната политика кадешто македонскиот народ ужива признание, рамноправност и солидарност, а не европската каде има уцени и омаловажувачки и деградирачки третман.

Сѐ додека спорот за името (односно договорот од 17 јуни) не се префрли од Советот за безбедност на ОН (безбедносно прашање) во Генералното собрание на Обединетите нации (меѓународна, а не европска политика), во Меѓународниот суд за правдата на ОН (меѓународно право), како и во Советот за човекови права на ОН (човекови права, и хуманитарно право), ова прашање ќе се третира како безбедносно прашање, а не прашање за човековите права на еден народ и меѓународното право со кое располага тој народ и неговата држава“, пишува во Декларацијата.

Потписниците предлагаат да се направи увид и анализа на почетокот на овој спор, уште од 19-от век, кога почнува негирањето на постоењето на македонскиот народ преку македонското прашање, заради територијални претензии врз Македонија од страна на соседите. 

Советот за човекови права на ОН треба да формира независна меѓународна комисија за увид во злосторствата и сама да види дали тие злосторства се случиле или не. Претпоставките дека тие политики и акти го сочинуваат меѓународното кривично дело геноцид се сосема реални и легитимни, и сочинуваат дел од процесот на развој на една држава. Без соочување со минатото нема развој во иднината, пишува во Декларацијата. 

Во овој документ се бара од претседателот на Македонија да поднесе писмо до генералниот секретар на Обединети нации, односно неговиот претставник Метју Нимец, со барање за поништување на Договорот од 17 јуни, односно да го прогласи за неважечки и бесправен, од аспект на меѓународно право, човекови права, и меѓународно хуманитарно право. Во писмото треба да стои дека Договорот не може и не смее да се смета за исправен во рамките на ОН, сѐ додека не се добие извештај  од независна меѓународна комисија формирана од  Советот за човекови права и мислење од Меѓународниот суд за правдата.

Во Декларацијата се предлага претседателот до 10 септември да поднесе барање Советот за човекови права на ОН да формира независна меѓународна комисија за увид во злосторствата за да се утврди вистината и да се испита дали воени злосторства, злосторства против човештвото, агресија и геноцид биле извршени против македонското малцинство во Грција меѓу 1913 година и денес.  Оваа комисија треба да биде задолжена да ја утврди врската меѓу овие минати прекршоци, и сегашните политики за негирање на македонскиот идентитет, јазик и историја во Грција и надвор од неа, вклучително и преку спорот за името и Договорот од 17 Јуни. 

Освен тоа, бараат потписниците на Декларацијата, претседателот до 18 септември треба да поднесе барање за точка на дневен ред во Генералното собрание на ОН за Резолуција со која се продолжува членството на Република Македонија во ОН под уставното име, и со која се почитува правото на македонскиот народ на само-определување како и неговите културни права (право на сопствен јазик, идентитет, историја).  А ако ова не се изгласа, тогаш претседателот на Република  Македонија да поднесе барање за точка на дневен ред во Генералното собрание на ОН за Резолуција за советодавно мислење од Меѓународниот суд за правдата, кој треба да се произнесе дали е прекршена или не Повелбата на ООН со Резолуциите 817/1993 и 845/1993 на Советот за безбедност со поставувањето на дополнителните услови за прием на Македонија во светскатаа организација, се вели во Декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името на Република Македонија и на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура.

 

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе