ИНТЕРВЈУ СО ПРВИОТ ЧОВЕК НА ЗДРУЖЕНИЕТО ДЕМОС НОПОМА

Емил Анастасов: Време е за изворните идеи на Лигата за демократија

Можеби е дојден моментот кога народот на Македонија ќе сфати дека му е потребна вистинска промена во политичкиот и економскиот систем за да живее во нова, подобра Македонија, вели Анастасов во разговорот за МКД.мк.

Емил Анастасов Емил Анастасов беше еден од основачите на првата политичка партија во Македонија, Лигата за демократија. Беше активен во почетокот на македонскиот плурализам само 4 години. Вели, македонските граѓани не го препознаа концептот на Лигата, па можеби е време сега, 21 година потоа, повторно да се промовираат тие идеи.

По 1994 година, по политичките ангажмани со Лигата за демократија и Демократската партија, пак се враќате во политиката. Зошто?

-Лигата за демократија беше првата политичка партија што се формира во Македонија, веднаш штом се појави и најмала можност за такво нешто. Иницијативата за формирање на Лигата датира од 21 ноември 1989, а основачкото собрание се одржа на 8 јануари 1990 година, 3 до 6 месеци пред сите останати партии.

Ентузијазмот и очекувањата беа големи бидејќи Лигата се профилираше како модерна, наднационална демократска партија, со програма што гарантираше формирање модерна и ефикасна македонска држава. За жал, народот не ги препозна и не ги прифати идеите на Лигата и таа мораше да згасне. За изборите во 1994 година, Лигата се стопи во Демократската партија, но за жал, тогашниот Сојуз за МК, на чело со претседателот Глигоров, плебисцитно победи на изборите и јас решив дека треба да се повлечам од политиката, онака како што се прави во целиот демократски свет.

21 година подоцна Македонија повторно е на крстопат. Како времето да застанало! Помислив дека сега е повторно време изворните идеи во политиката за кои се залагаше Лигата за демократија, а кои досега не се остварија, по толку време е можеби дојден моментот кога народот на Македонија ќе сфати дека му е потребна вистинска промена во политичкиот и економскиот систем за да живее во Нова Подобра Македонија. За таа цел ние, една група ентузијасти, го формиравме здружението ДЕМОС НОПОМА со цел да се обидеме да го подобриме животот на граѓаните на Македонија.

Што Вам како бизнисмен Ви пречеше во водењето на политиката во Македонија од 1994 до денес?

-Најголем проблем во водењето бизнис во Македонија, од осамостојувањето до денес, е големата нестабилност на правниот и економскиот систем. Законите постојано се менуваат според желбите на групи и поединци во владејачката партија и тоа доведува до огромни проблеми и загуби во работењето на компаниите.

Вториот голем проблем што многу му пречи на поголемиот дел од бизнисот е воспоставената партиска држава во Македонија. Тоа значи дека доколку една компанија не е блиска со власта, таа е осудена на животарење на пазарот, а неретко и на пропаст. Обратно, до власта блиските компании ги уживаат сите можни привилегии – добиваат тендери преку ноќ, инспекции не ги контролираат... и со тоа целата конкурентност на пазарот е нарушена и имаме несправедлив и неефикасен систем.

Зошто досега во Македонија не успеа ниту една трета опција, а амбицијата за освојување на тој простор секогаш постоеше?

-Прашањето за досегашниот неуспех на трета политичка опција во Македонија е обвиено со вел на мистерија...!? Одговорот можеби никој точно не го знае. Но тука сигурно голема улога одиграа двете мастодонтски парти со по неколку стотина илјади члена. Основната идеја во сите модерни држави е партиите да имаат малку членови, а многу симпатизери и гласачи, коишто ќе ги привлекуваат со добри идеи и со ефикасна нивна реализација. Обратно, кај нас се создадоа огромни партиски структури, неефикасни по вокација, тие структури штом ќе дојдеа на власт ја проголтуваа државата, се однесуваа како бироа за вработување и што е најлошо, партиската држава направи потполно да се разводни одговорноста во државата и секој што е на власт да прави што сака, сите институции се осакатени, медиумите се под неверојатна контрола, дури ни правосудството не функционира... Резултат – конкуренцијата е нарушена, развојот е сопрен, огромни средства се трошат нетранспарентно за сомнителни мегаломански проекти, а неодговорните функционери само мислат како да ги наполнат своите приватни џебови!

Очигледно, огромната моќ што ја стекнуваат голема група луѓе, експоненти на партиската држава, таа моќ на разни начини ја злоупотребуваат и не дозволуваат да се развие критична маса за формирање трета политичка опција.

Граѓанското здружение ДЕМОС НОПОМА верувам дека има и амбиција да ја освојува власта, да учествува во власта – како партија, коалиција со партија, со повеќе партии... како?

-ДЕМОС НОПОМА е формирано како граѓанско здружение. Но свесни сме дека нашите идеи нема да може да се спроведат ако не се обидеме да ги артикулираме заедно со некоја сериозна политичка партија со учество на следните избори како трета опција на македонската политичка сцена.

Значи, целта на ДЕМОС НОПОМА е да учествува во следната власт во РМ, со учество во власта да ги наметнеме и оствариме нашите најдобри идеи за да ја оствариме таа цел. Во најскоро време ќе се здружиме со некоја од помалите модерни демократски партии што ќе се согласат да прифатат голем дел од нашите идеи содржани во програмата на здружението. Не верувам дека третата опција како коалиција ќе брои голем број партии – две, три партии и неколку граѓански здруженија во коалицијата се оптимумот што не би требало да се наруши.

Во Вашата програма велите дека ќе се базирате на искусни и неизвалкани поединци и професионалци во својата област. А младите?

-Ние немаме ништо против младите! Конечно, на младите светот останува... Но македонското искуство покажа дека масовното учество на младите на високи и одговорни функции е голем меч со две острици! Да, точно е дека младите поседуваат енергија со која може да ги придвижат работите нанапред. Но се покажа дека нивниот ангажман носи една голема опасност – заради нивната неизживеаност, заради дотогашното немање статусни материјални добра (станови, куќи, коли...), заради неискуството, непросветеноста и непрошетаноста, тие се склони полесно да ја злоупотребуваат власта и често да мислат само како да ги наполнат џебовите – општиот интерес сосема го оставаат настрана!

Обратно, повозрасните политичари, кои преовладуваат во сиот нормален демократски свет, се многу помудри, постабилни, материјалните барања им се главно веќе задоволени, децата им се пораснати и згрижени и со тоа тие по дефиниција немаат потреба да мислат само на сопствениот интерес... туку почесто и повеќе ќе мислат и на општиот интерес. Се разбира, доколку се имплементираат идеите на ДЕМОС НОПОМА, тоа со сигурност ќе се оствари и напредокот на Македонија е гарантиран!

Како тоа го замислувате со концентрационата влада. Сите партии што ќе влезат во Собранието да бидат дел од власта. Па зошто ни се тогаш избори?

-Концентрационата влада е најсофистицираниот модел на управување со една земја. Тој досега перфектно функционира во Швајцарија, од неодамна функционира и во Германија. Дури и на прв поглед неограниченото владеење на американскиот претседател е толку ограничено со механизми на контрола преку Сенатот и Конгресот, што дури и таму можеме да зборуваме за демонополизација на власта. Очигледно е дека државите што се раководени од концентрациони или коалициони влади функционираат подобро. Таму не се создаваат непремостливи спротивности помеѓу двата блока и со тоа се постигнува стабилно и ефикасно владеење. Политичарите, членови на коалиционите и концентрационите влади брзо научуваат дека во животот сè е компромис и дека со консензус сите прашања можат безболно и успешно да се решат. И сето тоа во интерес на сите граѓани претставени преку пратеници во парламентот!

А избори мора да има! Мора да ги има заради тоа што преку нив граѓаните ќе одлучуваат на кои поединци и групи ќе им ја дадат довербата да учествуваат во работењето на парламентот и концентрационата влада. Никој не е од господ даден па да може вечно да владее. По 4 години можеби ќе се појави нова група луѓе што ќе имаат уште подобри идеи за управување со земјата и тие ќе заслужат да учествуваат во новата власт. Панта реи – сè тече, сè се менува, избор мора да се има и избори мора да се одржуваат!

А.Д.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе