Од денес на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје: „Вистина, лаги и лајкови“

Озимец: Дезинформациите влијаат на одлуките во нашиот приватен, јавен, понекогаш и политички живот

Врвни гости од светски медиуми и платформи кои се занимаваат со истражувачко новинарство, од денес до 27 октомври во Кино Култура ќе ги споделат своите искуства и филмови на второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје. Тридневната фестивалска програма вклучува прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот, но и гости од Гугл, Базфид, Ла Република, Велт, Панорама и други реномирани светски медиуми. За фестивалот кој обединува локални, регионални и светски теми поврзани со новинарските предизвици и потфати разговаравме со Кристина Озимец, уредничка на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, која е организатор на ИФФС.

Фестивалот годинава се одржува по втор пат. Почнавте со еден силен концепт кој сака да му даде фокус на истражувачкото новинарство. Ве охрабри ли првото издание за да продолжите во добра насока и да создадете програма која нема да сака да ја пропушти ниту еден новинар?

Да, реакциите на првиот Истражувачки филмски фестивал Скопје ни дадоа сигнал дека дефинитивно ваков вид на настан е повеќе од потребен во нашата земја. Преку фестивалот се фокусираме на значајноста на истражувачкото новинарство, но и пошироко, им даваме фокус на многу актуелни теми во светот на медиумите. Се обидуваме да понудиме програма со свежи теми кои може да се погледнат на фестивалите од ваков тип во Европа и САД. Говорниците, филмовите, работилниците, дискусиите сите се обидуваат да понудат несекојдневен и интересен пристап за теми за кои читаме во странските и домашните медиуми, но можеби немаме шанса да дознаеме подлабоко и посуштински нешто за нив. Се надеваме дека овој пристап и програмата ќе биде интересна не само за новинарите и луѓето кои работат во медиумите, туку и за пошироката публика која ја интересираат вакви теми.

„Вистина, лаги, лајкови“ е мотото на фестивалот. Тоа асоцира на „Фејсбук“, но и на еден од главните проблеми – тој на лажните вести. Ајде повеќе да објасниме за темата и концептот на второто издание.

Сметаме дека ова е вистинската тема за разгледување и промислување во време кога социјалните мрежи преокупираат значаен дел од нашето време, кое го поминуваме на платформи преку кои се информираме, забавуваме, дискутираме, дознаваме илјадници информации кои влијаат на нашите животи и како го организираме нашиот живот. Влијаат на одлуките во нашиот приватен но и јавен, понекогаш и политички живот. На тоа дали и како ќе гласаме, дали критички ќе ја опсервираме работата на институциите, дали ќе ги бараме нашите права, дали ќе учествуваме во процесот на носење одлуки од страна на власта, на локално, на државно ниво итн. Со оглед на постоењето на бројни дезинформации во онлајн светот, и покрај тоа што дигиталниот живот понуди многу повеќе можности за информирање од кога било претходно во историјата, сепак, истовремено станува уште потешко да се дојде до вистината и фактите. Затоа се одлучивме за темата, која преку разни филмови и дебати ќе ги разгледа предизвиците во онлајн светот и доаѓањето до вистинската информација и контекст.

Имате врвни гости кои доаѓаат од светски медиуми и платформи кои се занимаваат со истражувачко новинарство. Гости од Гугл, Базфид, Ла Република, Велт, Панорама и други реномирани светски медиуми. Беше ли тешко да ги убедите овие професионалци да дојдат како гости на фестивалот, којшто е сѐ уште многу млад?

Па може да се каже дека не е лесно. Македонија е мала земја, која не е често на радарот на овие луѓе, чии распореди се зафатени со планови уште неколку месеци претходно. Нашиот фестивал е навистина млад и се одвива по втор пат, обично тие се ориентираат кон гостувања на поголеми фестивал со стотици гости кои се одржуваат во Европа, САД и на други места. Ние како организација исто така сме релативно нови, но мислам дека лани покажавме дека имаме капацитет да се носиме со ова што го правиме. И покрај тоа што сме нови, се трудиме да влијаеме на медиумската сфера со еден друг поразличен пристап, кој се надеваме дека ќе биде препознаен. Да разговараме за темите во медиумите, но на еден интересен и современ начин. Мислам дека годинава успеавме да составиме една квалитетна програма со гости за кои навистина е ретка шансата да се видат во живо на едно место.

И самата работите истражувачко новинарство. Како би го оцениле во моментов? Имаат ли желба новинарите во Македонија да истражуваат и уште повеќе дали нивните уредници тоа го поддржуваат на секој можен начин?

Постои желба кај одредени новинари секако да го работат овој жанр и да се развиваат понатаму во него. Мислам дека и многу млади новинари, освен во дневното известување сакаат да се развиваат и преку создавање на истражувачки стории и посериозни анализи. Дневното новинарство е исто така едно од најтешките во нашата работа, често пати динамиката која се бара од него не дозволува да навлезете посериозно во некоја тема, посуштински и подлабоко. Секој ден има нови и нови настани, во земји како нашата - нови и нови кризи, нови афери... За развој на истражувачкото новинарство е потребно многу време, финансиска поддршка, добар тим од квалитетни новинари, атмосфера во која се поддржува независно и критичко размислување и секако поддршка од уредниците кои ќе знаат да промовираат и одржуваат ваква атмосфера. Тоа кај нас е реткост, го има, но навистина такви уредници мислам дека не се многу на нашата медиумска сцена и тоа е еден од проблемите зошто немаме квалитетни медиуми.

ПИНА – Платформата за истражувачко новинарство и анализи стои зад фестивалот. Станува збор за неколкумина млади новинарки со искуство во медиумите. Во која насока ќе се развива организацијата во иднина?

Ние сме релативно млада организација, составена од млади луѓе, но со значајно искуство во медиумите. Се надеваме дека ќе привлечеме уште млади луѓе од медиумите кои би сакале да ни се придружат во она што го работиме. Идејата за фестивалот не постоеше на почетокот кога ја формиравме организацијата, туку дојде малку подоцна. Фестивалот е придружен дел на ПИНА. Се собравме за да создадеме можности да работиме на проекти поврзани со истражувачкото новинарство, на создавање платформа која со тек на време ќе стане читан медиум каде читателите ќе можат да прочитаат квалитетни анализи и стории на најразлични теми. Се надеваме дека освен фестивалот, кој веќе значајно се развива во еден важен настан за земјава, ќе успееме да најдеме поддршка и модел со кој ќе ја развиеме и Пина.мк како значаен медиум кој ќе си го најде своето место на домашната медиумска сцена. ПИНА беше формирана пред само нешто повеќе од една година, а веќе организиравме два фестивали, пуштивме две веб-страници, една фестивалска и еден медиум (пина.мк), работевме партнерски и на други проекти со други организации. Важно е да се спомене и дека повеќето од нас кои работат на фестивалот се жени новинарки, па така спонтано сфативме дека дел од она што сакаме да постигнеме преку организацијата е и подобрување на состојбата на жените новинарки во медиумите, која не е добра. Се надеваме дека организацијата ќе се развива во насока на тоа секогаш проектите кои ги работиме да бидат базирани на идеи кои се интересни за нас, ни значат и ги работиме со многу страст и жар и со кои ќе влијаеме во општеството нешто да се промени на подобро. Тоа е нашата цел.

Д.В.



 

Во дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот професионалните кадри треба да бидат повеќе застапени од политичките.

повеќе

Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

повеќе

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе