„Идризово“ со весник им даде можност на затворениците да бидат слушнати

Осуденичка за убиство на сопругот опиша како е да си зад решетки преку „Искра“

„Зад решетки сум заклучена со клучеви и катанци. Од прозорец гледам само мал дел од надворешниот свет, а копнеам, несопирливо копнеам по него. Од дебели метални шипки решетки направени. Со тешки катанци заклучени, ме спречуваат да излезам, а толку многу копнеам надвор да заминам. Слободата постојано ја посакувам, сонцето од наутро до навечер без забрани и препреки да го почувствувам. Многу, премногу, најмногу по сонцето и слободата копнеам". Ова не се стихови напишани од поет, туку реченици на осуденичката Марија Зорбовска Ѓеоргиева за нејзините затворски денови. 

Овие стихови си најдоа место на првите страници од затворскиот весник „Искра“, кој најголемиот затвор во земјава, затворот во Идризово, го издаде пред 20 дена.

Весникот е наменет за лицата што издржуваат затворски казни. Во него може да се вклучи секое осудено лице што чувствува дека има нешто да каже, да биде слушнато не само од останатите осуденици, туку и од пошироката јавност. Да каже дека постои, дека има потреба од вработување, психосоцијална поддршка, да каже дека е способен да се врати во општеството како примерен граѓанин. Во весникот се обработуваат прилози што директно се поврзани со потребите на осудените лица и тој нуди решенија што можат вистински да им помогнат во адаптацијата во затворот, но и по ослободувањето.

Редакцијата на МКД.мк прикажувајќи дел од содржините на 29-те страници на овој весник ќе ви даде можност од близу да видите дел од осуденичкиот живот на затворениците и затвореничките во најголемиот затвор во земјава, опишан на парче хартија.

Започнува со стиховите на Марија Зорбовска Ѓеоргиевска, жена осудена за убиство на нејзиниот сопруг. Во затворот во Идризово оваа осуденичка престојувала од 26 август, 2014 до 1 август 2019 година.

Завршува со завршен збор, слично како што привршуваат судските постапки за сите лица што се зад решетки, пред да им биде изречена пресудата. Завршниот збор пред судот на секој обвинет е последна можност пред судечкиот совет да го кажат она што им тежи пред да биде донесена пресудата.

Овде, на крајот од страниците на „Искра“, е описот на затворот како една депримирачка средина, како и дека престојувањето во затвор психолошки тешко влијае врз многу затвореници, дека го губат чувството за општествена моќ и вредност и особено е важно да им се помогне да ја надминат изгубената доверба во себе.

Низ страниците што се мост помеѓу почетокот и крајот на весникот, се провлекува поезија со наслови „Зандана“, „Цензура“, како и стихови за мислите на едно осудено лице.

„Еден ден вратата од капијата ќе се отвори и ќе бидам слободен пак. Но она што се прашувам е што ќе биде со мене? Дали имам иднина која ме чека исто како порано? Ќе бидам ли прифатен од другите, или ќе бидам присилен да чекорам сам? Има ли можности за вработување за мене како човек или ќе мора да продавам дрога пак за да преживеам? Што ќе биде со пријателите кои ги знаев а кои не сум ги видел со години? Ќе го прифатат ли моето пријателство сега без сомневања и без страв? Што ме чека таму надвор кога ќе излезам низ капијата? Има ли сè уште шанса за мене или е веќе доцна?“, се прашањата напишани на 20. страница од весникот, а се со наслов „Мислите на осудено лице“.

Следните стихови, под наслов „Зандана“,се напишани од осуденикот Исак Хаџи:

„Кукли со подадени дланки чекаат милосрдие, мршојадна небиднина, фикција, сите кријат татнеж, матни хоризонти, избришан простор залажувајќи се. Ужас, ко вода изливаат. Отворен стомак, на пес му вели повели убиец е твој судија- лукава измама те стокми во пајтонот на злото, зандана рака подадена за спас ја задржа мртва дланка. Црви в мозок, песок в уста, мртви сме, а гроб си копаме. Изгубен питач подава крвави раце, празен живот во јама со крв, змијогроздна голтка очи за љубов гладни, песок ја покрива црната вдовица. Врани в трупја копаат копнежи чекови сведнат и молчи, без очи се упатува по патот до земјата Недојдија запалени улици, нов гаросан почеток вирче надеж бараат одметнички челични чевли. Играм шах со сатаната, исходот се знае за нив нема гроб- осеќам мирис на стапалки хараат пророчки парадокси поганост- убиецот го промовира убиениот, духот на провалијата те фаќа за рака во колеж фатен се валка во кал на лаги. Свиња во театар на апсурд стои статист сам свој егзекутор иднината е заѕидана, таксана е, завесата се тргна гола драма саботажа, раздор, штама, на фалшливите раце заврати грб. конечно ти најслаба алко, имаш гага шкарт, пливај во мозаикот на подземјето. го надживеа срамот сега си во поголемо ниво, се симна уште подолу - аплауз...“

На еден дел од страниците свое место најде и ХОПС, здружение на граѓани што работи со ранливи категории на граѓани, меѓу кои и осудени лица. Одговорните на „Искра“ контактирале со Ивана Илиев, социјална работничка во Здружението, која одговара на неколку прашања за помошта на осудените лица додека издржуваат затворска казна, како и по нивното ослободување.

„ХОПС почнува како проект што е инициран од корисници на дрога со цел размена на стерилна опрема за инјектирање. Профилот на лицата кои што работат во ХОПС е различен и зависи од активностите што се спроведуваат и од потребите на клиентите. Имено во ХОПС се ангажирани лица од различни профили, со соодветно стручно образование и искуство, и тоа: социјални работници, правници, психолози, педагози, медицински лица, како и лица од заедницата. Успешноста на нашата работа во голема мера зависи од лицата од заедницата и затоа се трудиме тие да бидат вклучени во сите процеси во организацијата“, вели Илиев низ страниците на весникот.

„Минатата година КПУ Штип и Народната библиотека „Гоце Делчев“ од Штип промовираа две книги напишани од осудени лица. Се работи за книгите „Стихови од една водолија“ од Жарко Миличевиќ и „Саркофаг“ од Исак Хаџи. Осудените лица ги имаат напишано книгите додека издржувале затворска казна, а поддршка за нивно издавање добиле од управата на КПУ Штип. Промоцијата се одржа во НУБ „Гоце Делчев“ во Штип, а промотори и рецензенти беа м-р Трајче Кацаров и м-р Милена Ристова Михајловска“, пишува во делот што ѝ е посветен на ресоцијализацијата.

Во уште еден дел посветен на затворската поезија осуденик пишува за запознавањето со затворската ќелија, за тоа како нејзините ѕидови ќе го гледаат неговото секојдневно менување на ликот. Стиховите гласат вака:

„Дојди и раскомоти се, ќе имаме време да се запознаеме. Знам дека си овде затоа што си направил кривично дело, па ќе поминеме некое време заедно. Имам нешто да ти кажам, ќе гледам како се менуваш од ден во ден. Мислите кои ги имаш и работите кои ги чувствуваш, ќе бидам тука за време на секој твој оброк. Ќе чувствуваш тага и осаменост пред да си легнеш, ќе посакаш да си дома. За времето додека си тука направи нешто добро, се надевам нема да бидеш тука за долго. Еден ден ќе се разделиме јас и ти, тоа е денот кога ќе се ослободиш. Знам дека сакаш да го знаеш моето име тоа е се уште исто, двајцата сме заедно во овој пекол. Мило ми е, јас сум твојата затворска ќелија“.

„Весникот е подготвен на лесно разбирлив начин и нуди занимација во нашите затвори, и на тој начин се обидува да ја разбие монотонијата на осуденичкиот живот. Го подготвуваат вработени од секторот за ресоцијализација и осудени лица кои се само посредници на овој дијалог помеѓу осуденикот и општеството. Ќе ни биде особено задоволство да те вклучиме и тебе во наредниот број со твоите видувања на светот преку проза, поезија или друг вид на текст. Слободно можеш да учествуваш во создавањето на весникот без разлика од која КПУ или затвор доаѓаш. До следното читање“, порачуваат издавачите на првиот весник од ваков тип.

Главен уредник на весникот е Александар Ковиловски од секторот за ресоцијализација во затворот, а дел од издавачкиот одбор се директорот Боби Мојсовски, Феми Јонузи, заменик директор на КПУ Идризово, Африм Незири, раководител на сектор за ресоцијализација на КПУ Идризово, Александар Донев заменик раководител на сектор за ресоцијализација на КПУ Идризово, Лазо Трпески раководител на сектор за обезбедување на КПУ Идризово, Јулијана Ангелова здравствено одделение во КПУ Идризово. Свој придонес во весникот дадоа и три осудени лица, како и три лица од секторот за ресоцијализација во затворот во Идризово, Штип и Куманово.

Весникот „Искра“ можеби е парче хартија, но е полн со емоции, настани, доживувања, копнежи и желби што ги имаат осудениците додека се зад затворските решетки. На овие лица овој проект им дава искра надеж дека ги чека живот и подобро утре, дури и откако ќе си заминат од ќелиите. На оние што доживотно остануваат во затвор и далеку им е животот на слобода, им нуди можност и во иднина низ страниците на „Искра“ да се доближат до јавноста и да го кренат својот глас со реченици напишани со црни букви низ бели страници.

Катерина Додевска

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе