Обвинителството го преквалификува кривичното дело

Осомничените за смртта на Саздовски ќе одговараат за убиство на свиреп начин, им се заканува доживотен затвор

Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за смртта на Никола Саздовски и донесе одлука дека тројцата осомничени наместо за насилство, треба да се гонат за убиство на свиреп и подмолен начин. Кривичниот закон за ова дело предвидува казна од 10 години до доживотен затвор.

Одлуката на обвинителството следи откако Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје го достави обдукциониот наод во врска со повредите на Саздовски, како и откако обвинителството ги обезбедило сите релевантни докази.

„По преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во предметот против трите лица осомничени за кривичното дело извршено на 29 јуни 2018 година при кое почина лицето Н.С., Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за кое до сега се водеше истражната постапка. Имено, наместо за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата осомничени ќе се води истражна постапка за кривично дело Убиство извршено на свиреп начин од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик. Ваквата одлука на јавниот обвинител следи откако во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, беше прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт", се вели во соопштението на обвинителството.

Ова вештачење беше доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдува и причинско-последичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот исход.

Одлуката за преквалификација на кривичното дело можеше да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбеди сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврди фактите кои произлегуваат од тие докази.

Истражната постапка против тројцата осомничени ќе продолжи за кривичното дело убиство. Пред да биде донесена јавно-обвинителската одлука, двајцата осомничени кои се наоѓаат во притвор во Затворот Скопје ќе бидат доведени пред надлежен јавен обвинител за да дадат своја одбрана за ова кривично дело. За третиот осомничен кој се уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.

Воедно, надлежен јавен обвинител во текот на истражната постапка, продолжува да презема и други истражни дејствија, меѓу кои ќе издаде и наредба за медицинско психијатриско вештачење на двајцата осомничени.

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе