Конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија“

Одржливото управување со водите – клучно за развојот на државата и за влез во ЕУ

Севкупниот развој на државата во голема мера зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водни ресурси. Доколку не превземеме долгорочни мерки за нивна заштита, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме", рече претседателот Пендаровски во своето обраќање.

Заштитата на водите во земјава е предуслов за членство во големото европско семејство, но и наш влог за идните генерации, но дали се превзема доволно за заштита на нивниот квалитет и квантитет– на оваа тема се говореше на виртуелна конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија“. Истата е во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ)  во рамки на кампањата „Разбистри сѐ”.  

Квалитетот на водите е еден од приоритетите на Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан и во Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени.

Европската Зелена агенда ја наметнува заштитата на водите како предуслов за членство во ЕУ и затоа е потребно да се вложат значителни напори во реализацијата на законодавството во оваа област и на мерките за намалување на загадувањето и уништувањето на реките и езерата, како и за инвестирање во водната инфраструктура, со цел одржливо користење и заштита на водите, беше порачано на конференцијата.

При отворањето на конференцијата, директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска потенцираше дека животната средина е една од областите од пристапниот процес во ЕУ во кој не може да се забележи поголем напредок и истакна дека целта на конференцијата е да се создаде простор во кој ќе сеповрзат националните и ЕУ политиките во оваа област.

Според претседателот на државата Стево Пендаровски кој беше еден од говорниците на вебинарот, ова е исклучително важна тема која, како што истакна, не треба да биде на дневно политичката агенда, туку егзистенцијално прашање.

„Севкупниот развој на државата во голема мера зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водни ресурси. Доколку не превземеме долгорочни мерки за нивна заштита, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме“, рече Пендаровски во своето обраќање.

Според некои проценки, рече претседателот, во државата се прочистуваат само околу 3-4% од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем, според претседателот, е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми, како што рече, прераснува во de facto легализирано уништување на речните корита.

„Постојат неколку причини за ваквото неодржливо управување со водите. Прво, ниското ниво на јавна свест и лична совест. Се уште доминира сфаќањето дека водата е ресурс што може неограничено да се троши. Ваквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11% од вкупниот број на индивидуални домаќинства во Северна Македонија сѐ уште немаат пристап до вода за пиење”, смета  Пендаровски.

Слаба алка во нашиот систем, според претседателот Пендаровски, е инспекцискиот надзор, кој оцени дека е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.

На конференцијата свое обраќање имаше и амбасадорката на Велика Британија во земјава Рејчел Галовеј која од почетокот е вклучена во проектот „Разбистри сѐ!”.   

„Западниот Балкан е дом на последните чисти реки во светот. Северна Македонија ги поседува едни од најубавите езера. Потребата од зелена транзиција во земјите од Западен Балкан се зголемува и време да се превземат мерки. Обединетото Кралство ја поддржува кампањата, како и националните власти во носење на соодветни политики за управувањето на водите“, рече Галовеј.

Жанета Трајкоска од ИКС заблагодарувајќи се за поддршката на сите чинители вклучени во „Разбистри сѐ” истакна дека транспарентноста е клучна за добри политики во управувањето на водите.

„Цврсто веруваме дека јавните и отворените податоци се клучни за да имаме демократско, плурално ошттество и сите ние  да се вклучиме во креирањето на подобри јавни политики, законски решенија и подзаконски акти за животната средина“, рече Трајкоска потсетувајќи дека оваа кампања  се фокусира на две компоненти и тоа заштита на водата и водни ресури и зголемен надзор на инспекцискиот надзор во делот на заштита на природните ресурси.  

Според податоците, во Северна Македонија се прочистуваат само околу 3-4 проценти од вкупното количество отпадни води. На овој проблем се осврна и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

„Инвестираме во најголемата постројка за третман на отпадни води во Скопје и започнавме проекти за Битола, Кичево и Тетово. Ние сме посветени да имаме чиста вода за пиење за нашите граѓани. Ве повикуваме да работите со нас, да создадеме свест за решавање на овие проблеми", рече министерот Нуредини.

Професорот од Инситутот за биологија Светослав Крстиќ изјави дека иако водите се крвотокот на државата, тие се трујат со штетни материи. „Некои имаат претстава дека она што ќе се испушти во реките ќе замине, но тоа не е вистина. Нашите речни системи, во поголем дел од нивните текови се регистрирани како 'мртви' екосистеми", вели професорот Крстиќ.

Според Јадранка Иванова, долгогодишнa експерткa во областа на водните ресурси, за да ги исполниме ЕУ стандардите, потребни се 1,7 милијарди евра за третман на урбаните води и 87 пречистителни станици, а директивите на ЕУ треба да ги исполниме до 2041 година.

Орхидеја Каљошевска од Инвестициска рамка за Западен Балкан рече дека интервенциите во пречистелните станици се најскапите инвестиции кои не можат да се покријат само од еден донатор или само од буџетот на државата и дека проектите во животната средина можат да бидат спроведени и преку ИПА програмата за прекугранична соработка.

Затоа,  според Давор Перчан од Директоратот заживотна средина на Европската комисија, многу е важно целите за водните ресурси треба да бидат интегрирани во другите политики на ЕУ што се поврзани со климатските промени, а особено со енергетика и земјоделството.

Кампањата „Разбистри сѐ" ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе