ИНТЕРВЈУ: ЏЕЛАЛ ЗЕЈНЕЛИ, ПРОФЕСОР ПО АЛБАНСКИ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА

Со дилетантизам, партиски директиви и недисциплина, наместо вредности добивме лажни вредности во образованието

Наставните програми што не се во чекор со времето, немањето услови за нормален наставен процес, некомпетентни луѓе во образовните институции, недисциплината во училиштата, но и неодговорноста на наставниците и професорите, претворањето на училиштата во заводи за вработување по партиска директива, дилетантски преводи на учебници од некомпетентни луѓе... се само дел од проблемите што ги детектира професорот по албански јазик и литература, Џелал Зејнели. „Во образованието сме направиле и чекори назад. Живееме во време на рушење на системот на вредности и на излегување на површина на псевдовредности и антивредности“, вели Зејнели во интервјуто за МКД.мк.  

Како би ја опишале накусо состојбата во основните и средните училишта во кои наставата се одвива на албански јазик?

-Базирајќи се на резултатите од тестирањата, особено на оние од меѓународен карактер, може да се констатира дека состојбата во основните и средните училишта со настава на албански јазик е загрижувачка.

Зошто е тоа така? Постојат многу причини. Најпрвин треба да се почитуваат и стриктно да се спроведуваат законските норми што се однесуваат на образовниот систем, треба да зајакне дисциплината, да се воспостави и да се почитува редот во училиштата, како од управните раководните органи на училиштето, така и од образованиот кадар и учениците.

Кој е најголемиот проблем со кој се соочуваат, почнувајќи од просторните услови до наставните програми?

-Голем број училишта со настава на албански јазик ги немаат потребните услови за нормално одвивање на наставниот процес. Во многу училишта недостигаат кабинети за физика, биологија, информатика... Во некои училишта недостигаат лаборатории за хемија, има училишта што работат со импровизирани кабинети по информатика, одредени училишта немаат сала за физичко воспитување, односно спортска сала. Во многу училишта салите за физичко воспитување се дотраени и нефункционални. Има училишта каде што недостига водата за пиење, дури и училишта без тоалети, односно со нестандардни тоалети. Хигиенските услови во училиштата не се на потребното ниво.

Што се однесува, пак, на наставните програми, дел од нив не се во чекор со времето. Времето на информатичката технологија бара модернизација на наставните програми. Треба да се посветува поголемо внимание и значење на математиката и на природните науки. Во овие предмети, Македонија, во однос на другите држави на регионот, се наоѓа во дното.

Колку квалитетот на образованието зависи од државната политика, а колку од влијанието на политичките партии?

-Квалитетот на образованието непосредно зависи од државната политика во областа на образованието. Во државните установи што се надлежни за образованието, во последните 25 години беа вклучени и ангажирани лица со ограничени знаења за образованието. Во тие институции работеа и сѐ уште работат некомпетентни луѓе. Државната политика во областа на образованието, како на централно, така и на локално ниво, последните 25 години претрпе пораз. Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, не се на ниво на задачата, и никогаш не биле.

Во голем број случаи, инспекторите за образование, како и педагозите што ги посетуваат училиштата, ја вршат својата задача само формално. Образовните органи и институции се претворени во заводи за статистика: ги собираат извештаите од училиштата и не преземаат ништо за менување на состојбата. Има училишта со десетици илјади оправдани и неоправдани изостаноци, а ниеден ученик не е исклучен од училиштето. Има случаи кога само една паралелка има две илјади запишани оправдани и неоправдани изостаноци.

За бројот на незапишаните изостаноци да не зборуваме. И никој не презема ништо, ни педагогот, ни психологот, ни класниот раководител, ни советот на паралелките, ниту колегиумот на училиштето, ни раководството на училиштето. А што се однесува до т.н. училишни одбори и совети на родители, тие се бедни организми на училиштата и треба веднаш да се укинат. Вообичаено, тие се инструменти во рацете на директорите, избрани се со партиски клучеви, послушни се, слепи и никогаш во овие 25 години не играле никаква позитивна улога. Тие бројки ги имаат и вонучилишните органи, кои исто така не преземат ништо. Морам да кажам дека никогаш во минатото не беше вака.

Зборувате за политизација на образованието, може ли да го објасните тоа низ конкретни примери?

-Што се однесува на влијанијата на политичките партии, може да се констатира дека училиштата на сите нивоа се наоѓаат под целосно влијание на политичките партии. Директорите на училиштата, без ниеден критериум, се именуваат од страна на политичките партии. Учителите, наставниците и професорите, без ниеден критериум, се вработуваат во училишта со директива на политичките партии. Без одобрување и согласност на политичката партија, не можете да се вработите ни во селско училиште дури ни како училиштен служител.

Притоа, не се земаат предвид стручните способности на лицата или нивните етички вредности, туку се бараат партиски книшки, се анализира дали вие ѝ припаѓате на таа партија, дали сте активист на таа партија што е на власт, дали гласате за таа партија и дали сте партиски милитант на партијата што е во власта. Во такви околности, немојте да очекувате подобри резултати.

Каков е капацитетот на образовниот кадар?

-Сме доживеале долг период на транзиција. Никој не знае да каже дали веќе сме го поминале или сè уште сме во транзиција. Во некои погледи, во образованието сме направиле и чекори назад. Живееме во време на рушење на системот на вредности и на излегување на површина на псевдовредности и антивредности.

Не може да се зборува за постоење на капацитет кај образовниот кадар додека се соочуваме со масовно образование, додека имаме образовен систем во кој во целост недостига критериумот на селекција. Кои ученици се определуваат денес за факултетите што произведуваат наставнички кадар-учители, наставници и средношколски професори? Ученици што во средно училиште поминуваат со двојка или со тројка, вклучувајќи ги и учениците што во текот на средното образование имале голем број слаби оценки, односно единици. Таквите ученици никогаш не бидуваат добри учители, добри наставници, добри педагози или добри професори.

Се разбира, има и исклучоци. Имено, на факултетите што промовираат наставен кадар се запишуваат и одреден број добри ученици, но овој процент е мал. Најдобрите ученици се определуваат за медицина и стоматологија. Токму ова е суштината на грешката на државната политика во областа на образованието. И што се случува? Слабиот учител, наставник или професор, со партиска интервенција, се вработува пред другиот, кој е поспособен и поуспешен. Па така, и партиите станаа заводи за вработување.

Проф. Џелал Зејнели

Има многу забелешки дека учебниците за наставната програма на албански јазик се со лош превод. Кој ги преведува тие учебници?

-Преводите од македонски на албански јазик се катастрофални. Учебниците се преведуваат од страна на дилетанти, без никаква компетенција и без никаков критериум. Во преведените училишни текстови наидуваме на правописни, морфолошки, синтактички и терминолошки грешки. Дури има и материјални грешки, а и пропусти од други природи, технички пропусти итн. На пример, терминот магнетно поле е преведен како ара магнетике, што на албански значи магнетна нива. Можеби ова изгледа како виц, но доволно го покажува нивото на квалитетот на преводите во областа на преведувањето. Преведувањето е одговорна професија, која бара јазична и општа култура, а не ангажирање „тезгароши“.

Какви сѐ злоупотреби сте регистрирале во училиштата во кои наставата се одвива на албански јазик?

-Во основните училишта или во средните училишта чести се случаите на продавање книги, односно учебници, што според законот се забранува. Наставниците и професорите им продаваат книги на учениците и ги тераат да ги купуваат. Во многу случаи, книгите, односно учебниците се обични скрипти, поради тоа што не поминале низ процедурите на надлежните образовни органи и не се рецензирани на компетентен начин. Овие таканаречени книги главно се преведени, и тоа лошо, од страна на наставници и професори, или се препишувани од слични книги и учебници, а наставникот или професорот се претставува како автор на книгата.

Таквата книга и таквиот учебник не исполнува ниту една професионална, јазична и педагошка норма. Овде се работи за чист бизнис.

Од друга страна, во голем број училишта, да не речам во сите, се одржуваат курсеви или т.н. курсеви од страна на наставници или професори, што е противзаконски чин. На тие курсеви, ученикот не стекнува никакво знаење или стекнува многу малку знаење, а добива оценка. Имено, оценката ја плаќа, односно ја купува.

И одржувањето на курсевите од страна на наставниците и професорите е чист бизнис. Овие курсеви се држат по одредени предмети како што се: математика, англиски јазик, германски јазик, физика, хемија и информатика, предмети што се сметаат како најтешки или позначајни. Курсевите се држат и во училишните простории, а и надвор од училишните простори.

Никој не презема никаква мерка за да ги спречи овие незаконски и противзаконски дејства. Во тие случаи сите се задоволни: и професорите што држат курсеви или продаваат книги и земаат пари, а и учениците и родителите чии деца добиваат подарени оценки. Додека пак, директорите тераат политика на „незамерување“, и како такви се добри за горенаведените наставници и професори. Од друга страна, пак, речиси ниеден наставник или професор не држи дополнителни часови, што е предвидено со закон, иако во дневниците се пишува дека таквите часови се одржани во целост.

Никогаш не се реализираат ни т.н. проектни активности. Таквите активности треба да се укинат што поскоро. Преку овие активности се вработени голем број наставници и професори. Но училиштата не треба да се претворат во заводи за вработување.

Финансиски злоупотреби на штета на учениците и родителите се случуваат и при организирање еднодневни прошетки, повеќедневни екскурзии, при фотографирање ученици, организирање матурски вечери, шиење униформи, одредување на училишно обезбедување, лично осигурување на ученици итн.

Во многу случаи, ако не и во сите, политичките партии, односно општинските органи, кои исто така се партиски органи, интервенираат во училиштата и одлучуваат за одредени работи што би требало да бидат исклучиво право на училиштата. Па така тие одлучуваат за туристичките агенции што ги изведуваат ученичките екскурзии, фотостудиото што ќе го изведува сликањето на учениците, хотелот или ресторанот каде што ќе се одржува матурската прослава, музичката група што ќе свири за матурската прослава,  фирмата што ќе ги шие ученичките униформи, фирмата кај која ќе се изврши личното осигурување на учениците, агенцијата што ќе го врши обезбедувањето на училиштето...

За некои од овие активности се формираат и комисии, составени од наставници или професори. Но таквите комисии не се ништо друго освен инструменти на директорите и како такви, се формираат само формално. А и директорите не се ништо друго, освен слепи партиски инструменти. 

Тендерите што се објавуваат за одредени училишни работи исто така се објавуваат само формално, бидејќи однапред се знае која фирма ќе го добие тендерот. Таквото грубо мешање на вонучилишните фактори во училишните работи е во спротивност со времето во кое живееме и со европските стандарди кон кои целиме.

Во Вашите анализи велите дека државните органи и училиштата треба да се борат против нередот и недисциплината, како предуслов за подигнување на квалитетот на образованието. На каква недисциплина мислите?

-Пред сѐ, треба да се разликува гимназиското образование од стручните или професионалните училишта. Кај нас, ни едното, ни другото, не се на потребното ниво. Запишувањето во гимназија, на пример, треба да се врши со приемен испит, и тоа реализиран од ДИЦ (Државен испитен центар). Учениците што нема да успеат да го положат приемниот испит треба да се определат за стручни училишта. Бројот на учениците што би го положиле приемниот испит, како услов за запишување во гимназија, би бил мал. Општеството нема потреби од квантитет, туку од квалитет.

Од друга страна, стручните училишта произведуваат ученици на кои државата и општеството не им овозможуваат никаква перспектива. За да ги вработи учениците што излегуваат од стручните училишта, државата треба да поседува голем економски капацитет. За жал, таков капацитет Македонија не поседува.

И што се случува? Голем број ученици од стручни училишта се запишуваат на факултет и дури некои од нив магистрираат. Па така, се соочуваме со инфлација на студенти. Како последица на сето тоа, имаме релативизирање, обезвреднување и банализирање на високото образование. Универзитетите не се многу загрижени за овој проблем. Зашто? Затоа што тие се заинтересирани да имаат што повеќе студенти, за да можат да функционираат и да не ги изгубат работните места. Секоја година, претставници на високото образование пропагираат по средните училишта за да се запишат кај нив. Меѓутоа, треба да знаеме дека студентите не се стока за купување или за продавање. Некогаш не било така. За да стекне статус на студент, порано идниот студент патуваше 500 до 1.000 километри и загрижено чекаше два часа во ред, за да ги достави документите.

Не се врши никаква реформа на гимназиското образование, се додаваат несоодветни предмети, како што се економија, бизнис, менаџмент, вовед во право и сл. Тоа претставува оптоварување за учениците. Горенаведените предмети не се за гимназиско образование. Тие се за економски училишта. Како што веќе реков, училиштата не треба и не смее да се претворат во заводи за вработувања.

Што се однесува до дисциплината, треба да се истакне дека дисциплината во училиштата се крши секој ден, и тоа на многу начини. Голем број ученици доаѓаат во училиште со искинати фармерки на пример, бидејќи тоа е мода и било во тренд. Сите треба да знаеме дека училиштето не е дискотека. Учителите, наставниците и професорите, особено жените, во многу случаи не се облекуваат во согласност со педагошките норми. Исто така, треба да знаеме дека училиштето не е салон за свадби. За матурантите учебната година завршува на 20 мај, но тие почнуваат да се олабавуваат, да не доаѓаат на училиште или да не присуствуваат во настава уште од почетокот на второто полугодие. Училишното ѕвонче ѕвони предвреме, додека последниот час, односно седмиот час се држи или до половина или воопшто не се држи. Кога некој наставник или професор е отсутен, две паралелки држат заеднички час, и еден таков час не може да биде наставен час. Има случаи кога заеднички час држат две паралелки од различни години, односно I-5 со III-4 на пример. Целта е како да се оди дома што поскоро. Надоместување на изгубените денови, одржувајќи настава во сабота, е чиста фарса и чиста формалност, поради тоа што се работи со капацитет од 30%. Одморот меѓу часовите, кој трае само пет минути, се продолжува на десет и повеќе минути. Во такви околности не може да се очекува успех.

Во училиштата, ниту се наградува добриот учител, наставник или професор, ниту се казнува лошиот. Сите се ставаат во ист кош.

Излегуваат ли, според Вас, од училиштата образовани деца, спремни за натамошно образование, бидејќи резултатите од ПИСА-тестот на пример, покажуваат сосема друго?

-Сѐ на сѐ, училиштата не промовираат подготвени ученици за понатамошно образование. Секако дека има и добри ученици, но државната образовна политика и општеството не се грижат доволно за нив. На овие ученици треба да им се посветува поголемо внимание, да се поддржуваат со разни студентски стипендии за да можат да студираат во престижни универзитети.

Бројот на учениците што го повторуваат класот поради слабите оценки, е мал и симболичен. Поминуваат и ученици со многу слаби оценки, единици. Бројот на учениците што се исклучуваат од училиште поради неоправдани изостаноци, исто така е мал, или поточно, ниеден не се исклучува, ниеден не се упатува во друго училиште и се случува одличен ученик од одредена паралелка да биде во иста средина со голем број слаби и недисциплинирани ученици. Во еден таков амбиент, трпи и одличниот ученик.

Вештачкото зголемување на оценките е многу раширена појава, како во основните, така и во средните училишта. Особено во основните. На 1 јули ученикот има оценки четворки и за десет дена поминува одличен, па дури и со оценка 5.00. Ниту Алберт Ајнштајн не би можел да поминува со 5.00. Не може истиот ученик да знае сѐ: и математика, и физичко воспитување, и филозофија, и музичко воспитување и да биде сликар. Ученик што никогаш не бил присутен на час по физичко воспитување на крајот има одлична оценка. Ама, знаете, секој лекар или стоматолог посакува по секоја цена и неговото дете да стане лекар или стоматолог, па дури и со „пумпање“ на оценките, претворајќи ги оценките во обични бројки.

За нивото на образованието во Македонија и за квалитетот во образованието зборуваат и резултатите од ПИСА-тестот, каде што Македонија се рангираше на 77. место, од вкупно 80 тестирани држави.

Никогаш не сме имале повеќе магистри и доктори на науки од денеска, но никогаш не сме имале помалку наука отколку денеска. Никакви студии, изучување, откритија, истражувања, иновации и патенти. Со преводи, копирања и плагијати не се прави наука. Ниту, пак со инфлација на академски титули.

Како да се излезе од ваквата состојба?

-Од оваа состојба не се излегува лесно. Не се постигнува резултат со екстерно тестирање, реализирано чисто формално, при што ученикот што има слаба оценка, односно единица, препишувајќи или копирајќи, добива одлична оценка, петка. Не се постигнува успех со една државна матура чија конечна оценка не е плод на образовен критериум, туку на политички став на владата и на министерството за образование. За каква државна матура зборуваме кога бројот на тие што повторуваат е само 1% или помалку од тоа?

За да излеземе од горенаведената состојба, потребно е државната образовна политика да влијае на компетентен начин, а не дилетантски. Општеството исто така. Образованието не трпи експерименти и импровизирани семинари.

Жана П. Божиновска



Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе