Министерката Мила Царовска вели дека доколку состојбата драстично се промени поради ризикот со омикрон и ако во други сектори се донесат други, како што рече, драстични мерки за ограничување, МОН тогаш има одговорност да ги разгледа тие факти и аргументи и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесе одлуки што ќе бидат во интерес на учениците и на заштита на јавното здравје.
Според неа, наставата со физичко присуство која се спроведува од септември како најпосакувано од трите подготвени сценарија, покажува одлични резултати.
„Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министерството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. МОН дневно од сите училишта собира податоци и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти. Вкупно, во еден момент, активни случаи со ковид-19 кај ученици со физичко присуство во училиштата никогаш не надмина 0,3 проценти. Ова укажува на стабилност на состојбата и дека највисок интерес на децата во моментот е да бидат во училиште“, изјави Царовска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Факултетот за земјоделски науки и храна.