Реакција

Жан Митрев: Јавното обвинителство да се вклучи во разјаснување на вистинските афери во здравството

Ве поттикнуваме да барате и да решавате афери, но онаму каде што тие реално постојат, а не онаму каде што се работи од сопствен труд и за доброто на сите пациенти, се вели во реакцијата на Жан Митрев на соопштението на Алијансата за Албанците за зголемување на цените за операции на срце од страна на Фондот за здравство. Реакцијата на Митрев на обвинувањата за наводен скандал со детската кардиохирургија ја пренесуваме во целост.

„По повод спомнувањето на моето име и името на мојата установа во медиумите од страна на политичката партија Алијанса за Албанците, за наводна инволвираност во „финансиски скандал“ , јас академик д-р Жан Митрев, чувствувам морална обврска да го изнесам мојот демант за овие неосновани обвинувања.

Имено, нашето постоење во Македонија е речиси 20 години и за тоа време направивме над 30.000 операции и пруживме повеќе од 1,5 милиони различни медицински услуги.

И во минатото, некои политички структури, се обидувале мојата работа да ја девалвираат измислувајќи бројни „скандали“, со цел минимизирање на мојата работа, како што е впрочем случај и сега.

Затоа морам да потсетам на неколку реални факти. Во 2009 година буџетот на клиниката доделен од страна на ФЗОМ, изнесуваше 9,6 милиони евра, за да со доаѓањето на Аџибадем, ФЗОМ го намали доделениот буџет на 5,8 милиони евра, кој остана непроменет се до 2018 година.

Во меѓувреме, т.е. во 2014 година, без никаква официјална постапка, од страна на ФЗОМ беше укинат и буџетот од еден милион евра за детската кардиохирургија. Тој ист буџет ни го врати ФЗОМ во февруари 2019 година.

Актуелниот буџет, за ваша информација, денес изнесува осум милиони евра, плус еден милион евра доделен за детска кардиохирургија. Само уште неколку потсетувања на досегашните скандали: Во 2011 година тогашното Министерство за здравство спроведе „тендерска постапка“ за изнајмување на просториите во тогашната Воена болница, во која беше сместена нашата установа, при што ја зголеми киријата на еден милион евра годишно.

Притоа беше поставен услов за спроведување на 1.000 операции на срце годишно, како и развивање на детска кардиохирургија во рамките на установата. Но, наместо договореното, го намалија бројот на фондовски операции на 500 до 600 годишно, за да во 2014 година се укине и буџетот за детска кардиохирургија, при што висината на киријата остана непроменета и ние плаќавме еден милион евра годишно, непрекинато дури и 8 месеци откако се вселивме во новоизградената болница.

Кога најпосле во 2017 година го раскинавме договорот за кирија (а во новата болница се вселивме во март 2016 година) при раздолжувањето со Министерството за здравство, од вкупно 8 милиони евра кои беа инвестирани од моја страна во инфраструктура и опрема во тогашната Воена болница, со спроведеното „вештачење“ од страна на комисијата при Министерството за здравство, ни беа признаени како вложување само 2 милиони евра. Со еднострана одлука на Министерството за здравство, еден милион евра ни пресметаа за неплатена кирија, а уште еден милион го пресметаа како „отштета“ за предвремено раскинување на договорот за закуп! Да потсетам уште и на тоа дека во 2012 година, за тендерот за земјиштето за градење на новата болница, со одлука на Владата цената на земјиштето од 35 евра за м2 , преку ноќ се зголеми на 210 евра за м2.

Последователно на тоа, ние плативме 2 милиони евра за откуп на земјиштето. Исто така, во 2013 година со одлука на Владата, сите комуналии се намалија на 5 евра/м2 за хотели и инвестиции, освен за болници, па оттука ние плативме 185 евра/м2 т.е. приближно два милиони евра за комуналии. Имаше многу „афери“, но колку што се сеќавам, никој не реагираше на сето ова. А кога сме кај буџетот, треба да се разјасни уште една работа. Мојата установа од самиот почеток работи и редовно ги плаќа сите давачки кон државата.

На пример, во 2014 година Фондот ни доделил 5,8 милиони евра од буџетот, а ние по основа само на ДДВ и придонеси, назад на државата сме вратиле 4,3 милиони евра. Значи 75% од средствата сме ги вратиле назад на државата.

Во 2015 година доделениот буџет изнесува 5,8 милиони евра, а назад по истиот основ наведен погоре е вратено 4,2 милиони евра на државата. За 2016 година буџетот е исто така 5,8 милиони евра, а 3,9 милиони евра или 65% е вратено назад кон државата.

Или, вакви бројки не се интересни за Вас? По единствено достапните податоци од Фондот за здравство за 2015 година се гледа дека нашиот буџет е 5,8 милиони евра, а доделениот буџет на Аџибадем Систина е 5,3 милиони евра.

По која постапка е направена оваа распределба не е јасно. Немаше официјални податоци на веб страницата на Фондот за тоа, и истата беше целосно нетранспарентна, како за нас, така и за јавноста. Интересно би било да се види, колку би бил буџетот на Аџибадем Систина, ако кон официјално доделениот буџет се додаде и она што е исплаќано под ставка „лекување во странство“?

На крајот, сакам да Ви кажам дека имате, навистина има многу афери, вистински афери како во јавното, така и во приватното здравство. Погледнете само како за пример она што се случува во Бугарија со некои приватни болници, кои правеле разни манипулации со Фондот и лажно пресметувале и фактурирале услуги.

Искрено, ја поздравувам Вашата иницијатива, да се вклучи јавното обвинителство и барем некои вистински афери, конечно да почнат да се разјаснуваат. А за крај, сакам да дадам отчет за она што го сработивме во делот на детската кардиохирургија во овие четири месеци.

Од 1 февруари од кога детската кардиохирургија се префрли во нашата Установа, згрижени се и третирани повеќе од 40 деца, од кои најголем број се новородени и дел пред времено родени деца со исклучително мала родилна тежина. Од нив 15 бебиња се оперирани и тоа со најтешки конгенитални срцеви аномалии како: тетралогија фалот, АВ канал, прекинат аортен лак и еднокоморно срце.

Меѓу другото се оперираше и едно дете кое требаше да оди на операција во Турција, каде трошоците за оваа операција на товар на ФЗОМ ќе беа неколку пати поголеми. Ве поттикнуваме да барате и да решавате афери, но онаму каде што тие реално постојат, а не онаму каде што се работи од сопствен труд и за доброто на сите пациенти!“.

Со почит,

Академик д-р Жан Митев, директор и сопственик на Жан Митрев клиника

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе

Хрватскиот музичар и кантавтор Дадо Топиќ уште во далечната 1973 година во неговата култна песна „Македонија" ја опиша нашата татковина како „земја каде сонцето вечно сјае".

повеќе

Одолговлекувањето на истрагата за случајот „Рекет" е тесно поврзана со политичките проценки за тоа до каде може да се оди во тактиката „жртва за квалитет".

повеќе