„Жан Митрев“ ги намали цените за лекување на ковид-пациенти, наместо 12.000 ќе се плаќа 6.000 евра

Клиничката болница „Жан Митрев“ од денеска има поевтини пакети за лекување од ковид-19, откако вчера разговараа со министерот за здравство Венко Филипче за намалување на цените со цел да им излезат во пресрет на што поголем број граѓани во оваа тешка ситуација.

Досега пациентите плаќаа 12.000 евра, а од сега за пациенти кои ќе се лекуваат на полуинтензивна нега, лекувањето во траење до 10 дена ќе чини 6.000 евра, додека за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10 дневно лекување ќе изнесува 8.000 евра. Една хемофилтрација која што претходно чинеше 4.000 евра, сега со намалување од 10 отсто ќе чини 3.600 евра. Оваа метода на лекување, како што велат од болницата, се применува по согласност од семејството на пациентот.

Од болницата информираат дека имајќи ги предвид можните сериозни постковид последици т.е можните компликации по прележана инфекција од вирусот, за сите пациенти кои се лекувале во ковид центарот во болницата, одобруваат 50 отсто намалување на цената на услугите за МР на срце и КТ на белите дробови.

„Како што во многу наврати досега сме информирале, нашите капацитети се во континуитет полни и имаме и листа на чекање. Во моментов се хоспитализирани околу 100 тешко болни пациенти од кои 40 се на респираторна поддршка. За негата на овие пациенти се грижи комплетниот лекарски тим кој како и сите здравствени работници во државава е веќе преморен. Во процесот на нега во нашата болница се вклучени и дел волонтери од немедицинскиот персонал, со цел да им помогнат на своите колеги. Сепак, за да помогнеме секаде каде што е потребно и каде што можеме, еден од нашите лекари ќе биде прераспределен согласно барањата на министерот за здравство“, стои во соопштението од болницата.

Оттаму апелираат до пошироката јавност и ги повикуваат сите кои се чувствуваат способни да помогнат и кои би сакале да волонтираат, да се пријават.

„Ќе бидат соодветно едуцирани и вклучени во нашите процеси. Искрено се надеваме дека наскоро на пандемијата ќе ѝ дојде крајот, а во меѓувреме потребно е сите да останеме максимално дисциплинирани, посветени и да се вложиме како поединцни во справувањето со последиците за доброто на сите“, се додава во соопштението.

 

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе