Во текот на вчерашниот ден, Институтот за јавно здравје соопшти дека на 1.261 тестирањe регистрирани се нови 148 случаи на ковид-19, од кои 40 се реинфекции. Оздравени се 45 пациенти и нема пријавено починати лица за изминатото деноноќие, но согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од „Мој термин“, евидентиран е 84-годишен пациент од Скопје кој починал на 27 јуни 2022 во болнички услови.
Комисијата препорачува граѓаните да бидат совесни и да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска, одржување растојание и почесто миење раце.
Засега, како што соопшти КЗБ во сила останува само обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.
Зголемен број на позитивни лица на коронавирусот е забележан во регионот и Европа. Во Хрватска вчера се регистрирани 1.197 нови случаи, а починато е едно лице. Зголемен број на случаи има и во Албанија и Грција.
Директорот на францускиот истражувачки центар ЦНРС, Семјуел Алисон изјави дека зголемениот број на нови случаи се должи на олабавувањето на мерките, но и со падот на имунитетот на луѓето.
„Европа минува низ седмиот бран на ковид-19, во голема мера објаснет со новите соеви на вируси кои имаат силен капацитет да ја избегнат заштитата создадена од вакцинацијата и претходните инфекции“, рече Алисон.
Советот на Европската Унија даде зелено светло за продолжување на користењето на дигиталните сертификати за ковид-19 до 30 јуни 2023 година. Оваа регулатива ќе обезбеди патниците од ЕУ и трети земји поврзани со системот да можат да го користат дигиталниот сертификат за патување во Унијата во земјите-членки каде што се потребни тие сертификати.
Вкупниот број на ковид-дијагностицирани во Македонија од почетокот на епидемијата е 313.856 од направени 2.080.874 тестирања. Бројот на оздравени пациенти е 303.783, починале 9.323, а активни случаи има 750.
Најголем број на активни случаи во моментов има во Скопје – 452. Валандово, Виница, Кратово, Демир Хисар, Демир Капија, Македонска Каменица, Пехчево и Дојран немаат активни случаи на ковид-19.