Почнувајќи од денеска преку Мој термин за Скопје се отворени 1.800 термини за вакцинција проти сезонскиот грип, а попладнево ќе се дадат уште 1.080 термини, известува Минитерството за здравство. Станува збор за деновите петок, понеденик, вторник и среда, а од попладнево и за деновите - сабота, четврток и петок.
Во работните денови пунктовите за вакцинација работат до 19 часот, а во саботите од 8 до 14 часот, нагласуваат од Министерството.
Дистрибуцијата по останатите градови е во тек и граѓаните дополнително ќе бидат информирани за отворените термини за вакцинација
Вакцинација е бесплатна за следните дефинирани ризични групи: за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и за децата на возраст од 6 месеци до 5 години.
Во однос на забелешките дека се доцни со вакцинацијата, Министерството за здравство одговара дека според препораките од страна на епидемиолозите нема период во кој може да се задоцни со вакцинацијата.
„Добро е секој граѓанин да ја прими вакцината во било кој пердиод до започнување на пикот на сезоната на грип. Порано пикот на сезоната бил во декември и јануари, а сега со временските промени пикот го очекуваме при крајот на месец јануари и почеток на февруари. Во однос на ова, според епидемиолозите никогаш не е доцна граѓаните да се заштитат од сезонскиот грип и да ја примат потребната вакцина", велат од Министерството.
Оттаму потсетуваат дека поради пандемијата со коронавирусот, потребни се дополнителни заштитни мерки кога во прашање е вакцинацијата. Наместо на 5 минути разлика помеѓу една и друга вакцинација, таа на пунктовите да се спроведува на секои 10 минути.
Министерството за здравство информира и дека засега не е регистриран случај на грип во земјава.