Нема потреба од построги мерки, ама се мобилизираат здравствените работници

Здравствените работнички со бебиња наместо по 8 часа, ќе работат и дежурства поради големиот број пациенти

Здравствените работнички што имаат бебиња и деца помали од 3 години наместо по 8 часа, со пациентите болни од ковид-19 во сите ковид-центри во државава ќе работат и дежурства, кои вклучуваат работа по 12 часа. Облечени во скафандери и целосно покриени, со маски и визири преку кои одвај дишат, здравствените работници повеќе од една година се на првата линија на фронтот на пандемијата. Борбата да спасат човечки животи им стана секојдневие.

Од Министерството за здравство на прашањата на редакцијата на МКД.мк за мобилизирање на здравствените работници и за воведување дежурства на мајките што имаат бебиња и деца под 3 години, ни одговорија дека оваа одлука ја носат директорите на здравствените установи и се повикаа на членот 217 од Законот за здравствена заштита.

Но во овој случај никој од директорите конкретно не побарал да се донесе ваква одлука, туку Министерството за здравство оценило дека согласно со зголемениот број хоспитализирани, целиот медицински персонал треба да биде ставен на располагање.

„Информацијата е точна и одлуката се спроведува врз основа на членот 217 став (3) алинеја 1 од Законот за здравствена заштита, во кој е образложено дека секој здравствен работник што наполнил 57 години возраст за жена и 59 години возраст за маж, мајка и дете до тригодишна возраст или родител што негува дете со пречки во психичкиот и физичкиот развој е должен по барање на директорот на здравствената установа да спроведува дежурство во време на епидемија, како и во други случаи во кои се загрозени животот и здравјето на луѓето, поради зголемен обем на работа при обезбедување на непрекината здравствена дејност“, стои во одговорот од МЗ до редакцијата на МКД.мк.

Наспроти одлуката да се зголеми работното време на сите здравствени работници, односно сите да бидат вклучени во дежурствата, Комисијата за заразни болести денес одлучи дека немало потреба од дополнителни построги мерки оти, како што велат, вирусот бил раширен насекаде.

Иако бројката на починати веќе со денови е повеќе од алармантна, никој од надлежните не смета дека треба да се промени нешто во мерките за да се спречи и пренатрупување на ковид-центрите, кои и онака се преполни со пациенти, како и да се спречи преморот на здравствените работници, но и колапс на здравствениот систем.

Сведоци сме на непочитување на мерките, односно на отворено не носат сите маски, во затворен простор исто така граѓаните се движат без маски или пак, маските ги носат под брада или под нос. Дури сѐ уште има и такви што не веруваат дека постои ковид-19.

Минатиот викенд поради убавото време преполни беа и парковите, граѓаните ниту држат дистанца, а голем дел од нив се без маски на прошетка. Преполни се и автобусите на ЈСП, а најголем дел од оние што се заразиле, а кои велат дека не излегуваат никаде освен на работа и ги почитуваат мерките, велат дека можеби се заразиле и додека патувале во автобус. Маски не ви требаат и ако сте во кафуле, каде што може да седат по четворица на маса.

За една недела во државава има 221 починат од ковид-19, но според анализите на епидемиолозите, нема потреба од воведување нови дополнителни рестриктивни мерки, односно тие не би дале резултат со оглед на тоа што се наоѓаме на крајот на активноста, на респираторниот вирус, односно на 6 до 8 недела од третиот бран.

Тоа, според епидемиолозите, значи дека вирусот има широка инфекција на територијата на целата држава, но од друга страна во сите болници во државата има слободни кревети.

Се чини дека само се чека да се промени состојбата, која подолг период е алармантна, а наместо построги мерки, надлежните упатуваат молби и апели до граѓаните да ги почитуваат мерките што се во сила.

И високите бројки со над 1.000 заразени секојдневно укажуваат дека состојбата е алармантна. Но додека се чекаат построги мерки, пак, се чини дека најмногу изложени на ризик се здравствените работници, кои се преморени бидејќи сѐ повеќе се примаат пациенти со тешка клиничка слика, а бројката на хоспитализирани сѐ повеќе расте.

Вкупната бројка на пациенти во земјава што болнички се лекуваат како позитивни или суспектни на коронавирусот вчера изнесуваше 1.577 и има околу 260 празни болнички кревети, додека во Скопје се лекуваат 666 пациенти. Ова е највисока бројка на хоспитализирани од почетокот на пандемијата со ковид-19.

Од денес во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје почнува имунизацијата на населението со вакцините на Астра зенека.

Министерот за Здравство, Венко Филипче вчера најави дека оваа вакцина нема да се дава на лица под 60 години. 

К.Д.

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе