четврток, 18 април 2024
Колумна на Џефри Сакс

Ако САД и Британија имаат барем малку срам, ќе ја поздрават Палестина како земја-членка на ОН

Крајно време е двете сили што направија најмногу за да го уништат Блискиот Исток да го поддржат вистинскиот пат кон мирот, пишува американскиот професор и директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија Џефри Сакс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Оваа недела, САД и Обединетото Кралство имаат шанса да ги поправат децениските очигледни геополитички грешки во израелско-палестинскиот конфликт со тоа што ќе ја поздрават Палестина како 194-та земја-членка на Обединетите нации. Повеќе од која било друга земја, САД и Велика Британија го уништија Блискиот Исток преку своето непрекинато мешање и империјалната ароганција. Оваа недела тие имаат шанса да се искупат.

Вкупно 139 земји веќе ја признаа државата Палестина, повеќе од две третини од земјите-членки на ОН. На листата наскоро ќе се приклучат и неколку европски држави. Сепак, САД досега го блокираа членството на Палестина во ОН, а Обединетото Кралство секогаш се држи блиску до американското водство. Двете земји немилосрдно го поддржуваа израелското апартхејдско владеење над Палестина и во моментов активно го поддржуваат Израел во неговото ужасно уништување на Газа.

Оваа недела, најверојатно в петок, Советот за безбедност на ОН ќе гласа за членство на Палестина во ОН – доколку САД и Велика Британија не го блокираат повторно со вето. Во 2011 година Палестина имаше поддршка од Советот за безбедност на ОН за членство, само што САД ги принудија Палестинците да прифатат статус на „набљудувач“, ветувајќи дека наскоро ќе следи полноправно членство, што е уште една американска измама, вели Сакс.

Ниту една земја во светот не направила повеќе за да го уништи Блискиот Исток како Велика Британија и САД. Водечката улога секако ја има Британија, чии империјални махинации во регионот датираат од 19 век и продолжуваат до денес. Велика Британија со децении го држеше Египет под контрола, од 1880-тите до 1950-тите. Таа трипати за време на Првата светска војна измамнички ветуваше преклопувачки делови од отоманскиот Блиски Исток: на Французите (во Договорот Сајкс-Пико), на Арапите (во кореспонденцијата Мекмахон-Хусеин) и на ционистите (во Балфурската декларација), глумејќи дека доделуваат нешто што воопшто не е ни нивно.

По Првата светска војна, Британија си ја зеде Палестина за себе под таканаречениот мандат на новосоздадената Лига на народите, додека Франција го зеде мандатот над Либан и Сирија. Британија во 1947 година ја напушти Палестина во хаос, но продолжи со своето немилосрдно мешање здружувајќи се со Франција и Израел за да го нападне Египет во 1956 година. Мешањето на Британија, исто така, придонесе за уништување и неред во Јемен, Ирак и многу други делови на Блискиот Исток.

Фото: ЕПА

По Втората светска војна, САД продолжија таму каде што запре Британија, прво приклучувајќи ѝ се на Британија во соборувањето на иранскиот премиер Мохамед Мосадег од МИ6-ЦИА во 1953 година, а потоа продолжија со долга серија операции предводени од ЦИА за промена на режими, вклучително и во Авганистан, Ирак, Сирија и Либија, меѓу другите. Во текот на целиот повоен период, САД беа главниот нечесен посредник меѓу Израел и Палестина, на пример повикувајќи на палестински законодавни избори во 2006 година, но потоа бојкотирајќи ги и обидувајќи се да го собори Хамас кога тој победи на тие избори. Во 2011 година, кога Палестина аплицираше за членство во ОН и ја доби поддршката од Комитетот за членство во Советот за безбедност на ОН, САД ја натераа Палестина да чека и наместо тоа да го прифати статусот на набљудувач, ветувајќи дека наскоро ќе следи полноправно членство. Ова беше уште една лага, вели Сакс.

Низ годините, и покрај многубројните резолуции на Советот за безбедност на ОН што повикуваат на решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт, израелските влади предводени од Бенјамин Нетанјаху грубо ја отфрлаа независната држава Палестина. Сегашниот кабинет на Нетанјаху вклучува десничарски екстремисти како Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир, кои отворено повикуваат на етничко чистење на Западниот Брег и Газа за да се создаде Поголем Израел од реката Јордан до Средоземно Море. Сепак, и покрај немилосрдните израелски провокации, рутинското убивање на Палестинците (колоквијално познато како „косење на тревата“), постојаните прекршувања на Советот за безбедност на ОН, а сега и масакрот во Газа, САД и Велика Британија останаа цврсти во поддршката на Израел и спротивставени на Палестина како воопшто да нема никаков проблем тука.

Прашањето е дали САД и Велика Британија имаат барем малку осет и срам во овој момент, вели Сакс. Можеби мислат дека со блокирањето на членството на Палестина во ОН го поддржуваат Израел, но факт е дека Израел е поизолиран и позагрозен од кога било поради екстремизмот на израелската влада, нејзиното шокантно насилство врз палестинскиот народ и нејзиното апартхејдско владеење. Од почетокот на војната минатата есен, 33.000 Палестинци официјално се сметаат за мртви, но вистинскиот биланс на загинатите е многу поголем, а уште десетици илјади сѐ уште се закопани под урнатините или мртви поради екстремната лишеност од храна, вода и здравствена заштита.

За жал, последниве денови, двојните стандарди и лагите на САД и Обединетото Кралство целосно излегоа на виделина. САД и Обединетото Кралство категорично одбија да го осудат израелското дрско незаконско бомбардирање на иранскиот дипломатски комплекс во Дамаск, Сирија, на 1 април, но потоа жестоко го осудија Иран кога изврши контранапад две недели подоцна. Овој апсурден двоен стандард ги прави САД и Велика Британија да изгледаат како насилници во очите на остатокот од светот.

По повеќе од еден век мешање на Велика Британија и САД на Блискиот Исток, време е да се биде искрен во однос на фактите и решенијата. Што е најважно, поканата Палестина да стане членка на ОН и спроведувањето на решението за две држави според меѓународното право се патот кон мирот, правдата и безбедноста и за Израел и за Палестина. Поголем дел од светот енергично го поддржува ова решение. Прашање е само дали Велика Британија и САД ќе стават вето. Крајно време е двете сили што направија најмногу за да го уништат Блискиот Исток, да го поддржат вистинскиот пат кон мирот со тоа што ќе ја поздрават Палестина како суверена земја-членка на ОН сега, а не во некоја измислена иднина, која засекогаш е блокирана од израелските екстремисти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ