Од 68-та седница на Владата

Задолжителна изолација за патниците од Индија и Бразил

Македонската Влада на денешната 68-ма седница донесе одлука согласно која од 5 мај, среда, забраната за движење со цел заштита од ковид-19 наместо од 21:00 часот, ќе започнува од 23:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наредниот ден. Мерката започнува да важи од 5 мај и ќе трае до 15 мај.

„Соодветно на овие измени угостителските објекти ќе бидат отворени за гости до 22:30 часот и тоа само на отворените делови, тераси, на угостителските објекти, како што е утврдено со постојните мерки и наменски протоколи.
 
Комисијата за заразни болести дополнително предложи, а Владата на седницата прифати воведување мерка за задолжителна самоизолација (карантин) во траење од 14 дена за сите домашни и странски физички лица – патници кои пристигнуваат од Индија и Бразил заради спречување на ширење на новите соеви на коронавирусот.
 
На оваа седница Владата донесе одлука за формирање Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал 2020, одложено од минатата година, а кое ќе се одржи годинава. Координативното тело има за цел да ја помогне организацијата, комуникацијата и промоцијата на настапот на фудбалската репрезентација на Северна Македонија на ова европско натпреварување.
 
Владата ја разгледа и усвои информацијата за статусот и состојбата на воздухопловите Ер Трактор - Фајр Бос АТ-802А на Дирекцијата за заштита и спасување, ја задолжи Дирекцијата да продолжи со постапката за годишно сервисирање на воздухопловите и донесе заклучок од Бирото за јавни набавки да се побараат насоки за најдобро и применливо решение за спроведување јавна набавка во скратени рокови во интерес на спроведувањето на сервисирањето на овие авиони.
 
Владата ја разгледа и усвои Информацијата и го прифати усогласениот текст на Договорот за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
 
Договорот за грант во висина од 8.258.792 американски долари е наменет за зајакнување на економска конкурентност, на проекти за зголемен придонес на младите во општеството, како и за проекти за сузбивање на корупција преку зголемена отчетност на јавниот сектор и со зајакнување на културата на отчетност кај граѓаните.
 
На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за градежно земјиште.
 
Со новото предложено решение им се овозможува на компаниите погодени од кризата произлезена од заразната болест ковид-19 ослободување од договорните обврски/казни (плаќање пенали) за договорите за отуѓување или давање под долготраен закуп по пат на јавно наддавање и анексите потпишани со единиците на локалната самоуправа заради објективна спреченост да ги реализираат градежните активности.
 
На 68-та седница Владата го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството за одбрана на Република Чешка и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија за техничка соработка за работи поврзани со ремонтот на транспортните хеликоптери со кои располагаат двете министерства и на кои во наредниот период треба да се изврши сервисирање, односно ремонт“, се вели во соопштението од Владата.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе