Ковид-19

За можни нови мерки за заштита од делта сојот на коронавирусот ќе се разговара в понеделник

До следниот петок, според најавите од здравствените власти, ќе бидат вакцинирани половина милион граѓани, а засега имунизацијата се одвива непречено.

Од денеска активна е и веб-страницата за ревакцинација на граѓаните кои се вакцинирале во странство, а в понеделник ќе се разговара за евентуалните нови мерки за заштита на границата, против ширењето на делта сојот на вирусот.

Комисијата за заразни болести в понеделник ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа, и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.

Инаку, Министерството за здравство најмногу е фокусирано на вакцинацијата, а министерот Венко Филипче очекува до петок следната недела да бидат вакцинирани околу 500.000 граѓани.

„Поделени се сите вакцини, согласно бројот на пријавени граѓани. Во вторник ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени граѓани во сите градови, освен во Скопје, Тетово и Битола. Во овие три градови ќе се вакцинираат сите пријавени граѓани до петок следната недела. Што значи вкупната бројка на вакцинирани граѓани ќе биде околу 500 илјади, што не е доволно“, изјави вчера Филипче.

Тој додаде дека теренската вакцинација ќе се интензивира следната недела и ќе придонесе да се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови.

Во однос на вакцинирањето на трудниците и доилките, ставот на Стручниот комитет е дека за нив треба да се преферира вакцината на „Фајзер“.

„Нема контраиндикација за ниту една вакцина, но се дава предност на ‘фајзеровата‘ вакцина“, рече Филипче.

Според последниот извештај на Министерството за здравство, вакцинирани се вкупно 346.836 граѓани. Вкупно се аплицирани 572.176 дози вакцини, а ревакцинирани се 225.340 граѓани. Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „vakcinacija.mk" е 481 809 граѓани. 

Масовната вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски" во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Што се однесува до оние граѓани кои се вакцинирале во странство, а сакаат да се ревакцинираат во државата, тие можат да се пријават на веб-страницата „https://vakcinacija.mk/revaccination“, која ќе биде во функција до 10-ти месецов.

Од Министерството за здравство посочуваат дека преку регистрацијата на граѓаните, ќе можат да добијат детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат. Со вакцината на Астра Зенека во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години.

Инаку, пред два дена во државата пристигнаа 10 илјади вакцини на Астрааенека, како донација од Хрватска. Тие од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата, а хрватската Влада донесе уште една одлука да донира дополнителни 20 илјади вакцини кои ќе бидат од производителот Астразенека или на производителот Модерна. 

Данската Влада пак, намени два милиони вакцини Астразенека“ како донација за Западен Балкан, од кои 250.000 дози за Македонија. Овие вакцини кои Данска ги порача и ги плати, но сѐ уште не се испорачани. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци.

Инаку, темпото на намален број на новозаболени од ковид-19 во државата продолжува и вчера беа регистрирани нови 11 случаи од направени 2.723 тестирања. Регистрирани беа четири оздравени пациенти, а пријавено е едно починато лице. Досега во земјата се направени вкупно 884.593 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.700, бројката на оздравени пациенти е 150.067, на починати е 5.486, а активни се 147 случаи.

 

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе