Директорката на Инфективна клиника, д-р Милена Стевановиќ предупреди дека земањето антибиотици на своја рака може да предизвика низа на несакани дејства.
„Антибиотици не треба да се земаат на своја рака, ниту пак превентивно. Тоа важи и за витамините и разните суплементи. Секое несоодветно земање на лек, па дури и на суплемент може да донесе несакани дејствија. Лекарот е тој што треба да ја определи терапијата доколку е потребна. Тоа важи за секоја болест, тоа важи и за ковид-19“, нагласи Стевановиќ во емисијата Клик-плус на ТВ21.
Проф. д-р Дејан Докиќ во истата дебата, истакна дека основно е да се пијат многу течности и да се земе витаминска терапија, но притоа да се биде внимателен, а најдобро е да се добие совет, препорака од лекар. Во однос на превентивата и при симптоми на ковид-19 потребни се витамини, но треба да се дознае кои и во какви дози, рече тој.
„Ц-витамин е потребно да се зема, но претпазливо, затоа што може да ги оштети бубрезите. Потоа, цинк, некои антиоксиданси, Д-витамин од 2.000 до 4.000 интернационални единици. Но она што е важно, е дека не би сакал граѓаните да земат парацетамол непотребно. На телесна температура од, на пример, 37, 2 голем број луѓе пијат парацетамол. А не знаат дека температурата е дел од одбранбениот систем. Се зема кога температуратa е висока, околу и над 39 степени за таа да се намали, но не нагло, со цел организмот да 'живне' и да ја продолжи својата борба“, објасни Докиќ.