Зошто се зголемија цените?

За Фондот за здравство инфлацијата ги зголеми цените за кардиоваскуларните операции, но не и за другите

Лани во ноември и годинава во февруари Фондот за здравство ги зголеми референтните цени за кардиоваскуларните операции од 15 до 30 отсто со образложение дека се пресметала „кумулативна инфлација". Така, приватните болници кои имале профит и од досегашните цени на овие операции, сега ќе имаат уште поголем профит. Во исто време, таква корекција на цените не е направена на пример за ин-витро или за офтамлошките интервенции. Кој најмногу ќе заработи од оваа неочекувана одлука на фондот?

Со новите одлуки на Фондот за здравство и однапред дефинираниот буџет што им се дава на приватните болници за кардиоваскуларни операции се нарушува правото на пациентот за избор на доктор, за избор на болница. Според овие буџети (доделени без тендер) бројот на пацинетите што ќе се оперираат во болницата „Жан Митрев“ е многу поголем од оној во болницата „Аџибадем Систина“.

За 2019 година Фондот за здравство за „Аџибадем Систина“ предвидел 403 милиони денари (6,5 милиони евра) за операции на срце, а за „Жан Митрев“ 562 милиони денари (9,1 милиони евра). Или кај „Аџибадем Систина“ зголемувањето во однос на 2018 година е 10%, а кај „Жан Митрев“ речиси 30 %.  Ниту една од овие болници не се пожалиле дека цените на операциите кои ги покрива Фондот за здравство се мали, дека инфлацијата си го прави своето, дека се зголемиле цените на другите елементи кои влегуваат во методологијата за доаѓање на конечната цена... Напротив, завршните сметки и профитабилноста на двете болници го покажува спротивното. А сегашните цени веќе го достигна чинењето на истите услуги по приватните болници од регионот (Бугарија, Турција, Србија...).

И наеднаш на 8 ноември минатата година Управниот одбор на Фондот за здравство го зголемува фондот за покривање на операциите на срце со образложение за пресметка на „кумулативна инфлација“, но истата логика не ја применува и за покривање на трошоците за други операции.

За само три месеци, во февруари годинава, доаѓа до уште едно зголемување на цените за операции за срце. Случајно или не, само два месеци пред тоа, лани во декември беше обзнането дека операциите на срце за деца отсега ќе се вршат само во болницата „Жан Митрев“ со која Министерството за здравство потпиша јавно приватно партнерство, па речиси целиот тим од државната болница се пресели во приватната болница. Тогаш беше соопштено дека ништо не се менува во однос на буџетот. „Средствата кои фондот ќе продолжи да ги обезбедува за овие здравствени услуги ќе бидат на исто ниво, но условите за работа ќе бидат значително подобри. Тоа е најголемата мотивација бидејќи го реализираме ова јавно-приватно партнерство“, изјави тогаш Ден Дончев, директор на ФЗОМ.

Но, истиот тој Дончев, како прв човек на ФЗОМ, во февруари годинава, заедно со членовите на управниот одбор (двоецот Дончев/Орхан Рамадани) решаваат цените на детските кардиохируршки операции да ги зголемат за најмалку 30 отсто.

Така на пример, кардиоторакалните/васкуларни процедури на новороденчиња кои до ноември чинеле 782.302 денари за една операција, во ноември лани цената се зголемила на 899.647 денари, а од 1 февруари годинава 1.124.559 денари. Или зголемувањето е 40 %, а фондот пресметал кумулативна инфлација од 15%.

Или кардиоторакалните/васкуларни процедури на деца до 18 години од 8 ноември 2018 година чинат 797.880, на 1 февруари се зголемија на 997.350 денари. Или за само три месеци зголемување од 25%, а кумулативната инфлација што ја пресметал фондот е 15%.

Еве што на ова велат од Фондот за здравство: „Здравствените услуги од болничка здравствена заштита кои имаат договор со Фондот за здравство извршените услуги до Фондот ги прикажуваат по методата Дијагностичко сродни групи (ДСГ). Во ДСГ методата во нашата држава се содржат 679 ДСГ групи со референтна цена. До јануари 2019 година Фондот немаше направено корекција на референтните цени на 572 ДСГ од 2010 година, кај 70 ДСГ од 2012 година, додека за останатите ДСГ групи направени беа корекции на референтна цена во последните 3-4 години. Овие цени важат подеднакво и за јавните и за приватните здравствени установи.

При прилагодување на референтните цени, Фондот како основа за зголемување на трошокот на здравствените услуги тргна од кумулативната инфлација за периодот 2010-2018 (со проекција за 2018) според официјалните податоци на Народна банка на Р. Македонија, која изнесува 15%. За ДСГ групите чија референтна цена не е променета од 2012- 2013 година усогласувањето е 9% (инфлација за периодот 2012-2018).

Оттаму, зголемувањето на референтните цени од јануари 2019 година не е само за кардиоваскуларните операции, тука за лекување на пациентите во над 640 ДСГ групи.  Зголемување на цени на кардиоваскуларните операции нема, но во февруари, откако тимот за детска кардиохирургија од ЈЗУ Универзитетска клиника за детска хирургија започна со работа во ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев, беше потребно да се усогласат референтните цени на двете ДСГ групи кои ги покриваат кардиоваскуларните операции за деца, бидејќи согласно Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените  услуги на здравствените установи кои вршат болничка здравствена заштита, здравствените услуги извршени во специјализираните здравствени установи за детска популација се искажуваат зголемени за 25% т.н. Терциер 2, поради повисоките трошоци за третман на децата во специјализираните установи. Тоа значи дека на пример референтната цена за ДСГ групата F23Z Кардиоторакални/ васкуларни процедури на деца до 18 години на Универзитетска клиника за детска кардиохирургија изнесува 797.880,00, плус 25% односно вкупно 997.350,00. Терциерот 2 се пресметува системски, но може да се додели само на болница, а не на поединечна ДСГ услуга. Бидејќи, Фондот со ПЗУ „Жан Митрев“, покрај договорот за детска кардиохирургија има договор и за кардиохирургија кај возрасни, не може да му се додели Терциер 2 само за детска кардиохирургија. Од тие причини се направи усогласување на референтната цена за овие две ДСГ групи“, ни одговорија од Фондот за здравство.

Главното прашање и натаму останува отворено - зошто сето ова не се прави на тендер, зошто не им се овозможува на приватните клиники да се натпреваруваат за овие пари кои државата ги обезбедува, туку одлуката за тоа кој колку пари ќе добие им се остаvа на неколкумина членови на управен одбор. А тогаш, сомневањата за можности од коруптивни зделки неколкукратно се зголемуваат.

А.Д.

Сегашниот изборен модел е причината и генераторот  на сите проблеми на општественото и политичпко уредување на Македонија.

повеќе

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе