„Состојбата со коронавирусот во земјава остава впечаток дека работите се мирни. Во моментов, во регионот состојбата со ковид-19 е стабилна, но во Кина минатата недела беа регистрирани 32.695 случаи на инфекција со коронавирус. Иако е далеку од нас, во изминативе години научивме дека ковид-19 не е болест што лесно може да се предвиди и од таа причина мора да се почитуваат мерките за заштита како и претходно. Не смееме да си дозволиме да не се заштитиме. Не е поентата да се плашиме и да паничиме, туку да се грижиме и да бидеме одговорни“, изјави за МИА д-р Стевановиќ.
На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје во моментов има пет до шест хоспитализирани пациенти, додека во амбулантата дневно доаѓаат околу десеттина пациенти. Директорката на Клиниката за инфективни болести вели дека дијагностички, ковидот и грипот имаат слични симптоми во дадениот момент, како покачена температура, сериозна главоболка, омалаксаност и од таа причина бараат пациентите да се тестираат.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани вкупно 33 лица, со 32 проценти зголемување во споредба со претходната недела, од нив шест се на кислородна поддршка и нема пациенти на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.