Ковид-19 ги потисна другите вируси

За 40 пати помалку заболени од грип во споредба со ланската сезона

Во сезоната 2020/2021 во Македонија се регистрирани 751 случај на грип, што е за 40 пати помалку во споредба со претходната сезона карактеристична за оваа вирусна болест, се вели во последниот извештај на Институтот за јавно здравје. Лабораторски пак, само два од земените примероци се потврдени на грип од типот инфлунца Б - кај пациенти од Куманово и од Прилеп.

Во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје биле тестирани 30 примероци земени од пациенти кои биле на болничко лекување. Дополнителни 3.722 материјали се паралелно тестирани за грип и ковид-19. Детектирани се два позитивни материјали – Инфлуенца Б, наведува Инситутот.

Во деновите од 8 до 14 март биле пријавени нови 35 случаи на грип и тоа во Дебар, Кичево и Струмица.

Минатата сезона 2019/2020 беше карактеристична по големиот број на заболени од грип. Институтот во својот завршен извештај објавен на 24 мај минатата година, соопшти дека „вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесуваше 33.171 случаи (I=1.603,1/100.000)“. Тоа значеше за 54,1 отсто повеќе заболени во однос на сезоната 2018/2019 година.

Најголем број на болни имаше во Скопје, над 18 проценти од вкупно заболените, а потоа со по близу 10 проценти следеа Струмица, Велес, и Кавадарци. Според бројот на населението, грипот најмногу циркулирал низ Кавадарци. Но болни имаше во сите општини.

Смрт предизвикана од грипот била потврдена кај три лица, кај кои бил детектиран вирус од типот А/Х1 пдм.

Во годинешната сезона против грипот се вакцинирани близу 40 илјади граѓани, од кои над 29 илјади лица од ризичните категории кои добиле бесплатна вакцина.

Според епидемиолозите, речиси целосното исчезнување на грипот се должи и на заштитните мерки против ширењето на ковид-19 како што се држењето на растојание, негрупирањето, носењето на маски и дезинфекцијата на рацете, но и на предметите, просториите, имајќи предвид дека, како и коронавирусот, и вирусот на грипот се шири со пренесување на капки од лице на лице преку директен контакт, зборување, кивање и кашлање, како и со внесување на вирусот преку допир на устата, носот и очите по допирање на предмети врз кои има сѐ уште жив вирус.

Според лекарите, сепак бројот на случаи на грип е поголем од регистрираните, имајќи предвид дека луѓе со симптоми се тестираат на коронавирусот, а по негативниот тест се лекуваат во домашни услови со терапија за настинки и болести слични на грипот. Само сериозните случаи завршуваат во болница како сомнителни на ковид-19, а по негативниот тест, можно е да биде направен и тест за грип, но во сегашни услови на епидемија од коронавирусот, тоа не се прави често.

Има и епидемиолошки студии кои велат дека силен вирус, како што е тоа ковид-19, едноставно не му дава простор на вирусот на грипот да се прошири.

И на целата северна хемисфера од планетата грипот не е карактеристичен за оваа зимска сезона, како што грипот исчезна и на јужната хемисфера во нашите летни месеци, кога таму календарски беше зима.

П.Џ.

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе