Продолжуваат проблемите во ДСУЛУД „Лазар Личеноски"

Во Средното уметничко училиште заменска комисија решава за прием на ученици

Професорите кои деновиве протестираа со барање министерката за образование да го разреши директорот на Средното уметничко училиште денеска не дојдоа на приемниот испит на нови ученици, со образложение дека е незаконски на празник да се принудуваат да одат на работа. Директорот формираше заменска комисија. Учениците - кандидати за упис во училиштето се загрижени. 

Загрижени беа лицата на повеќе 70 кандидати кои утрово дојдоа да полагаат приемен испит за упис во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски", кога во дворот од училиштето дознаа дека не е дојдена Комисијата за упис составена од професори по стручните предмети. Загрижени беа и родителите кои дојдоа со своите деца. Уште повеќе затоа што во изминатите недели беа информирани дека во ова средно училиште има проблем во односите меѓу в.д. директорот и мнозинството професори кои во два наврата организираа протести пред Министерството за образование и наука со барање за разрешување на директорот, а на последниот протест, деновиве, рекоа дека директорот незаконски го закажал приемниот испит во неработен ден, за верски празник. Фидановски тогаш рече дека датумот бил одбран затоа што училиштето е во временски теснец, бидејќи извештајот од испитот мора да биде објавен во понеделник.

И, токму тоа беше причината што немаше комисија – нејзините членови не дојдоа ставајќи го на тенок мраз директорот со нивното образложение дека незаконски го крши нивното право на користење на верски празник како неработен ден.

В.д. директорот Фидановски нешто подоцна формирал, како што им изјави на новинарите, заменска комисија за учениците да можат да го полагаат испитот. Нагласи дека одлуката за членовите на редовната комисија ја донел на 2 јуни и дека веројатно ќе бидат преземени законски мерки поради нивниот бојкот.

Професорот Димитар Филиповски изјави дека директорот го крши законот со денешниот приемен испит, што навремено му било предочено. Но, како што нагласи, директорот можел приемниот испит да го закаже во понеделник, кога е работен ден па комисијата да остане на работа по испитот и да ги сумира резултатите и, до крајот на денот, во законскиот рок, да ги објави резултатите од испитот, односно извештајот. Законите, и кога тие се однесуваат на верски празници, треба да се почитуваат зашто треба да се почитуваат и чувствата на верниците, вели Филиповски.

Сега останува да се види како Министерството за образование и наука ќе постапи по овој случај и дали ќе бидат преземени мерки кон некоја од страните во ова училиште со седум децениска традиција и углед.

Денешниот случај е уште еден од низата на конфронтации во училиштето. На протестот на професорите неделава беше речено дека в.д. директорот се однесува диктаторски, дека не го почитува мислењето ниту на Наставничкиот совет, ниту на стручниот уметнички колегиум, додека пак Училишниот одбор не е законски конституиран. Се нагласува дека тој на своја рака ги променил нормативите на училиштето, поради што дел од професорите токму по стручните предмети наесен можат да станат технолошки вишок.

Проблемот датира од минатата година кога според мнозинството професори, за в.д. директор Фидановски бил именуван од министерството и покрај тоа што, како што нагласуваат, не ги исполнувал законските услови и не бил кандидат на Училишниот одбор, но и дека спротивно на законот, потоа доделен му е и втор мандат како вршител на должноста. Од министерката за образование и наука со писма и протести се бара негово разрешување.

Од министерството велат дека Фидновски е назначен во законска процедура.

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе