Дуално образование

Во средно земјоделско во Швајцарија - четири дена неделно на фарма

Само еден или 1,5 ден теорија, сè останато пракса. Престој и работа директно на фарма, понекогаш континуирано и по две недели. Одгледување животни и растителни култури, садење, кроење, орање, копање, жнеење, молзење, правење сирење или вино, управување со механизација… Вака се учи земјоделство во Швајцарија ако по основното школо одберете тригодишно стручно образование.

Професијата е атрактивна и годишно привлекува по околу 1.000 млади луѓе.
„Секоја година по 1.000 млади луѓе во нашата земја го почнуваат стручното земјоделско образование. Тоа е, помалку или повеќе, бројот што ни треба. Земјоделството е атрактивна професија кај нас, иако подразбира посветеност, многу работа и плати кои не се исти со оние на канцелариските струки. Многу млади се заинтересирани да изучуваат земјоделство зашто вистински сакаат природа, животни. И не се откажуваат иако знаат дека тоа значи станување рано, останување доцна во ноќта – едноставно се свесни дека произведуваат храна, а тоа е многу важна, значајна мисија“, вели Петра Зигарт од швајцарската Асоцијација на фармери.
На Швајцарија, нагласува Зигарт, ѝ се потребни земјоделци – професионалци кои ќе знаат да управуваат со фармите.
„Затоа е неопходно да привлечеме што поголем број млади луѓе во оваа професија. Правиме сѐ за да има доволно и тие да добијат најдобро можно образование. Работиме на тоа. Всушност деца на 15 – 16 години почнуваат со стручно образование за земјоделство кое, меѓу другото, може да се изведува и на курсеви или во тренинг центри. Тоа подразбира многу пракса, директно на фарма. Сите на крајот знаат горе-долу исто и стекнуваат федерална диплома“, напоменува Зигарт.
Учениците, објаснува, обично престојуваат на различни фарми за да ги научат спецификите на производство – некои фарми се само со крави и произведуваат млеко, други се специјализирани за растително производство, некои се планински, други низински, трети висински…
„Освен овој сегмент, карактеристиките на фармите, важни ни се и јазиците – сакаме младите да научат барем два од трите јазика кои се зборуваат во државава“, дополнува Зигарт.
Земјоделското дуално (стручно) образование во Швајцарија посебно внимание посветува и на руралните жени. И тие можат, ако сакаат, да минат низ овој процес. Така стекнуваат диплома и „фактичка професија“. Учат како да ги манаџираат домаќинствата, но не само од финансиски аспект, туку и во однос на готвење, чистење, перење…
„Кај нас има големи домаќинства не од по три до пет луѓе, туку со цели генерации семејства. Жените обично се грижат за работата во домот, но и на фармата. Тоа отсекогаш го правеле, но немале диплома, никаква „хартија“. Сега не е така“, нагласува Зигарт.
Швајцарското стручното образование во земјоделството е партнерски организирано и поддржано од конфедерацијата, кантоните и професионалните организации. Конфедерацијата е одговорна за законодавството, за менаџирање и развој, кантоните тоа го имплементираат и вршат супервизија, додека професионалните организации ги креираат едукативната содржина и местата за обука (тренинг).
Секој кантон има свои земјоделски школи и сам одлучува како ќе ја менаџира образовната програма, а главни тренинг-центри се фармите.
„Треба да се храни светот, треба да ја нахраниме Швајцарија и ние токму тоа го правиме – произведуваме храна“, подвлекува Зигарт.
Со Зигарт имавме можност да поразговараме на саемот „SwissSkills 2022“ во Берн. Неизбежно беше и прашањето за глобалната криза со храната. Нејзиниот став, како експерт за земјоделство, е дека храна во светот има доволно за сите, но клучен проблем е дистрибуцијата. Посебно сериозно прашање, додаде, е и фрлањето храна.
Додека ни го објаснуваше швајцарскиот стручен модел на образование, млади се обидуваа да возат трактор, да молзат крави, да дестилираат вино,…
„Може да видите крави, вистински растенија, механизација. Имаме сѐ за да им покажеме на младите како изгледа една фарма и што сè работиме. Може да се качите и да повозите трактор или некоја друга машина што е многу значајно за нашата професија“, рече Зигарт.
Факултетот за земјоделство во Швајцарија е пет години и порано имал најмалку шест месеци пракса. Денес, повеќето со факултетски дипломи, како што вели Зигарт, работат во администрација.
МИА
 

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе