Лекување во Македонија

Од околу 6.000 починати во болнички услови, 377 ковид-пациенти починале во приватните клиники

Од почетокот на пандемијата со ковид – 19 во Македонија приватните болници пријавиле 377 починати пациенти, или нешто повеќе од 6 проценти од вкупниот број на лица кои ја загубиле битката со болеста, односно од  околу 6.000 починати лица во болнички услови. Капацитетот на приватните болници за ковид - пациенти не е поголем од, на пример, капацитетот на државната Инфективна клиника.

„За времетраењето на ковид-19 пандемијата, до Институтот за јавно здравје се пријавени 377 смртни исходи кај лица кои починале во приватното здравство", одговорија од Институтот на прашање на МКД.мк за бројот на починати лица од ковид-19 во приватните клиники.

Но, од Институтот не можевме да добиеме податок за бројот на заразени со коронавирусот кои се лекувале во приватните болници ниту пак за процентуалниот сооднос лекувани/починати во државните болници.

„Институтот за јавно здравје не располага со податоци за бројот на заразени со коронавирусот кои болнички се лекувале во приватното здравство, бидејќи такви информации не се испраќаат", гласи одговорот од Институтот.

Упатените лекари во состојбите со здравството во земјава за МКД.мк велат дека во Македонија ковид – пациенти лекуваат „Жан Митрев Клиника", „Аџибаден Систина" и „Плодност Битола". Но, нивниот капацитет за ковид – пациенти не е така голем, вкупно сите три клиники не лекуваат поголем број на пациенти од, на пример, државната Инфективна клиника заедно со својата модуларна болница.

Заради пример, „Систина“ има капацитет од 69 кревети на инфективното одделение, а во една објава на својот сајт од јануари велат дека за пет месеци лекувале 337 високоризични пациенти главно на возраст над 65 години, добар дел од нив биле поставени на респиратор. И од „Жан Митрев клиника“ велат дека често нивните пациенти се примаат во многу сериозна состојба и дека во лекувањето се применуваат најдобри методи и средства.

Како што добро не држи паметењето, првпат официјално од страна на здравствените власти беше објавена информација за починати пациенти во приватна клиника во февруари годинава кога беше јавено дека во текот на јануари во „Жан Митрев клиника" починале 14 ковид – пациенти. Таа бројка на 3 февруари беше додадена во дневниот билтен на Институтот за јавно здравје, па беше јавено дека се починати 20 пациенти, од кои во текот на јануари 14 лица починале во таа клиника. Следуваше протестно писмо од Клиниката до Министерството за здравство во која остра реакција беше наведено дека е доведена во прашање објективноста на Министерството кое не навело и колку лица во текот на јануари починале во други државни или приватни институции.

Во тоа протестно писмо беше наведено дека во Клиничката болница во јануари починале 4,9 отсто од вкупниот број на починати лица во земјата, а потоа и беше наведен уште еден податок кој се однесуваше до почетокот на февруари годинава.

„Ако земеме предвид дека од почетокот на пандемијата бројката на вкупно починати е 2.893, процентот на вкупно починати во нашата институција е 5%. Клиниката Жан Митрев како институција од самиот почеток на пандемијата секојдневно се бори за животите на најтешките пациенти, па дури и на оние од кои сите останати се откажале", наведе тогаш Клиничката болница.

Оттогаш па до денеска здравствените власти не излегоа со нов податок колку пациенти се лекуваат, ниту пак колку од починатите борбата со болеста ја загубиле во некоја од приватните болници.

На нашето прашање упатено до Инситутот за јавно здравство колку пациенти лекувани од ковид-19 починале во „поголемите, попознати клиники" во Скопје и во земјава", не добивме одговор.

„Во актуелната состојба, не е од епидемиолошки интерес да се следат само одредени болници, во смисла на попознати или поголеми и тоа не се прави", изјавија од Инситутот за МКД.мк.

Ако се земе предвид дека од почетокот на пандемијата во земјава вкупно починале 6.577 лица, а имајќи предвид дека еден број од нив починале во домашни услови, излегува дека нешто повеќе од 6 проценти од пациентите кои биле во болница, починале во приватните клиники, односно вкупно 377 ковид – пациенти.

Последниве денови како повторно да насетуваме обид на здравствените власти да сигнализираат дека еден дел од починатите битката со ковид-19 не ја загубиле во државните болници. Во вчерашниот ковид – билтен, во кој беше јавено дека во изминатите 24 часа починале 17 лица, го пишува и следното:

„Дополнително, согласно Регистерот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од МојТермин, пријавени се уште 3 лица, со датум на смрт во период од 12.09.2021 до 22.09.2021 година".

Ден претходно јавено е дека во Регистерот влегуваат и 6 лица, со датум на смрт во период од 22 август до 19 септември, а во четвртокот пак, беше јавено за уште 14 лица починати во периодот 2 до 17 септември, при што беше наведено дека седум од нив починале во домашни услови, а седум во болница.

Се разбира, фокусот на јавноста па и критиките оправдано се насочени кон јавното здравство, имајќи предвид дека е платено од сите граѓани и дека граѓаните имаат право да бидат добро згрижени и лекувани. Критиките се насочени како од аспект на условите за лекување и стручноста на медицинските тимови, така и од аспект на големата смртност по која Македонија е во самиот врв во Европа и во светот. А бројките се неумоливи и велат дека над 90 отсто од починатите битката за живот ја загубиле во државни болници.

Лекувањето во приватните болници е сепак избор на пациентот или на неговото семејство и за лекувањето е потребно да се издвојат не така мали суми на пари. Секако, болничките услови се подобри како и можноста лекарите и медицинскиот персонал повеќе да се посветат на секој од пациентите. Понекогаш лекувањето во приватните клинике е нужност и за оние граѓани кои не се финансиски моќни, во обид да се сочува здравјето, кога тоа не е можно навремено или пак, целосно да се добие во државното здравство.

Еден лекар предупредува дека критиките кон лекарите како од државното, така и кон приватното, генерално не се издржани: „Во болница се лекува, во болница може и да се умре".

Најавите поради пандемиските услови лекувањето од ковид-19 во приватните клиники да се стави под капата на јавното здравство, засега не се реализирани.

Инаку, од почетокот на пандемијата во Македонија смртноста од ковид-19 изнесува 3,47 проценти. Односно, заклучно со вчерашниот извештај, од вкупно дијагностицираните 189.551 лица на ковид-19, починале 6.577 лица.

П.Џ.

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе