Доктор Есати, инаку специјалист анестезиолог, бил известен за лошата среќа на работникот кој лежи тешко повреден откако паднал заедно со бандерата која попуштила во својата основа. Доктор Џеки, како што поточнпо е познат меѓу граѓаните од тетовско - теарскиот крај, успеал да ја имобилизира ногата, да ја најде „животната вена“ и да ги врати виталните функции на работникот и да му се спаси животот.
„Интервенцијата заврши задоволително, пациентот беше контактибилен, ми се заблагодарија колегите што дојдоа од Итната медицинска помош, па потоа ми се јави дежурниот анестезиолог Рувиде Скендери и ортопедот Митра. Ми рекоa: Ништо повеќе не направивме, болниот го транспортиравме за Скопје поради фрактурата што не може да се реши во Тетово“, раскажува доктор Есати.
Благодарение на докторското куферче кое е постојано во автомобилот, како и на другите медицински средства во багажниот простор, лекарот успева да им помогне на граѓаните.
„Имам статус пензионер, меѓутоа, уште го немам почувствувано што значи тоа да се биде пензионер, затоа што и сега давам анестезија, помагам, одам кај болните. Никогаш не се сум рекол не никому, не затворам мобилен телефон. Криза е низ целиот свет, а јас затоа би направил волонтерска екипа составена од синот, зетот, ќерката, сопругата, снаата...сите се доктори“, вели докторот.
Тој специјализирал на Воено-медицинска академија (ВМА) во Белград, а поминал вкупно 36 години на работа.