По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 79 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 65 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 57 болни, а во Куманово 116 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 123, во ковид центарот во Гостивар 61, а во Струга 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 68 пациенти, во Кочани 18, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 17 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.
Од Министерството за здравство посочуваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Од МЗ потенцираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, како што соопштува, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.