Поради намален број на заразени со коронавирусот

Владата ќе одлучува дали ќе се олеснат анти-ковид мерките, фокусот се става на вакцинирањето

Претстојнава седмица се очекува Главниот кризен штаб да ги одобри новите препораки на Комисијата за заразни болести, а Владата да ги усвои. Комисијата препорача само учениците од основните училишта да бидат ослободени од задолжително носење заштитни маски, а мерката да остане да важи за наставниците и техничкиот персонал. Препорачано е капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како опери, театри и кина, да може да се зголеми од 50 на 75 проценти и да се укинат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти.

Од Комисијата за заразни болести соопштија дека мерките ќе се олабавуваат или заоструваат во зависност од епидемиолошката состојба и доколку таа се влоши и се зголеми ризикот, може повторно во сила да се вратат истите мерки.

Додека во Македонија бројот на новозаразени со ковид-19 од ден на ден се намалува, во исто време во многу држави од Западна Европа, но и во Азија се случува нов бран, со мнгоу голем број на заразени на дневна основа, што се должи на новата подваријанта на сојот омикрон на ковид-19, но и на веќе олабавените здравствени мерки.

Според последната статистика на Институтот за јавно здравје, регистрирани се  2016 активни случаи на ковид-19, над половината (1087) се во Скопје, а трицифрени бројки сега имаат само Прилеп (144) и Битола (129). Во вкупниот број активни се и новите 273 потврдени случаи во вчерашната статистика на Институтот за јавно здравје.

Сепак, треба да се има предвид дека голем број од граѓаните не прават тестови на ковид во здравствените установи и лаборатории, дел од нив и поради тоа што немаат пари, а треба да се има предвид и дека дел од граѓаните не ни пријавуваат на лекар дека се болни се додека симптомите не се сериозни, па затоа се смета дека за неколку пати треба да се помножат официјалните бројки.

Македонската комисија за заразни болести фокусот го става на вакцинирањето и нејзино рекламирање, како најдобар начин и клучна алатка за справување со пандемијата.

Според претседателот на Комисијата д-р Александар Петличковски, испраќањето на СМС-пораки до граѓаните со кои тие се потсетуваат за корисноста од вакцината дава извесни резултати и затоа, рече тој, на тоа ќе се насочат интензивно – најпрво кон луѓето што се во поголем ризик, а потоа и кон сите што примиле втора доза доколку оттогаш поминало подолго време.

„Во моментот стандард за најдобра заштита е три дози на вакцина и тоа интензивно, интензивно ќе го објаснуваме“, рече Петличковски.

Од утре ќе почне и карванот за антиковид-вакцинација кој до 3 април ќе помине во 14 општини и населени места: Шуто Оризари, Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Скопје (пред Ист гејт мол), Куманово, село Матејче во Липково, Арачиново, село Сандево во Чучер Сандево, Зелениково, село Неготино во Врапчиште, Кичево и Струга.

Карванот ќе го организира Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.

Четири часа во денот (од 11 до 15 часот или од 12 до 16 часот) на плоштади, пазари, домови на културата во овие локални заедници граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против ковид-19. Оние што се вакцинирани во странство, пак, на локациите ќе може да се евидентираат во системот „МојТермин".

Покрај карванот за вакцинација, кој ќе биде активен во наредните две недели, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат во здравствените домови низ државава. Министерството за здравство соопшти дека располагаат со доволно количини вакцини и нагласува дека тие се безбедни и се најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт.

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе