Институт за јавно здравје

Вирусот „Корона“ може да се појави во услови на раздвиженост на патниците во меѓународниот сообраќај

Главните симптоми на корона вирусот се висока температура, треска и тешкотии во дишењето.

Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје отвори стандардни постапки и подготовка на документација за набавка на новите дијагностикуми, за дијагностика на новиот Корона вирус, што се појави во Кина.

„Светската лабораториска мрежа за вакви заканувачки вируси веќе понуди земјите да можат да си набават реагенси за дијагностика на овие вируси. Се надевам дека во најблиска иднина ќе ги добиеме тие реагенси и ќе можеме да тестираме и случаи со новиот Корона вирус“, изјави денеска епидемиологот Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Таа посочи дека доколку кај некој од патниците се појави симптоматологија и ако се има податок за враќање од Кина, тогаш ќе се направат тестирања со тоа што веќе располагаат.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали постои можност вирусот да се прошири во државава, рече дека во услови на раздвиженост на патниците во меѓународниот сообраќај секогаш постои можност некој да ја извезе таа болест и да ја пренесе во некоја друга земја, како што се случи во Тајланд со регистрираниот импортиран случај од Кина или постои можност наш или кој било граѓанин на која било друга земја таму да заболи и да го донесе во својата земја.

„Во такви услови сите земји си преземаат мерки и се прави проценка на ризикот. До овој момент се цени дека можноста за проширување на болеста е на многу ниско ниво иако не се исклучува појава на импортирани случаи во која било земја. Светската здравствена организација не препорачува никаква рестрикција на меѓународните патувања, ниту рестрикција на патувањата во Кина, ниту скрининг на аеродромите, ниту некаква посебна препорака за патниците во меѓународниот сообраќај со исклучок на тоа што важи за сите други респираторни заболувања“, истакна д-р Кузмановска.

Појасни дека симптомите за заболувањето се како и кај останатите респираторни заболувања и  можат да предизвикаат цела палета различна симптоматологија од многу лесна клиничка слика која корелира со настинка, па до многу тешки форми како што е Сарс, сериозно акутно респираторно заболување кое може да ги нападне и другите органи и многу често има смртен завршеток.

„ Главните симптоми на корона вирусот се висока температура, треска и тешкотии во дишењето. Од 3 јануари нема нов случај на заболени во Кина, ниту во околните држави. Болеста не е проширена кај здравствените работници, бидејќи корона вирусите тешко се пренесуваат од човек на човек. Генерално тоа се зоонитични вируси кои се пренесуаат од животни на човек. Од човек на човек се пренесуваат малку потешко, единствено во услови на многу близок контакт, како што е кај здравствените работници кои се грижат за заболените и кај семејни контакти“, додаде д-р Кузмановска.

Заболените од Корона вирусот, чиј број од декември до 2 јануари кога беше регистриран последниот случај, изнесува 41, се од кинескиот град Вухан. Еден пациент веќе почина од пневмонија предизвикана од вирусот.

Една од особеностите на словенската јазична група е дека нема случај два народи да зборуваат еден ист јазик или барем тоа да е официјално признаено.

повеќе

Оваа администрација нема намера Скопје во догледна иднина да стане одржлив зелен град и тоа е јасно одразено во буџетот за 2020 година.

повеќе