Истражување

Вакцините што се даваат во Македонија имаат ефикасност од 94 отсто во спречување смрт од ковид-19

Кај вакцините против ковид-19 што се аплицираат во Македонија нема големи разлики во ефикасноста во спречување смрт од ковид-19, но има разлики во спречување хоспитализација. Притоа, една доза вакцина против ковид-19 не е доволна за спречување тежок исход од болеста, па се препорачува да се примат најмалку две дози, покажува истражувањето на вакциналната ефективност во македонската популација.

Во анализата, како што објави Министерството за здравство, биле вклучени вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари, вклучувајќи 779.558 вакцинирани испитаници кои примиле барем една доза вакцина и 1.106 566 невакцинирани испитаници. Од популацијата на која им е понудена вакцината (11 години и постари), во дадениот период 41,33 отсто биле вакцинирани со барем една доза, од кои повеќето (37.78 отсто) биле целосно вакцинирани со две дози. Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината BNT162b2 на производителот Фајзер/Бионтек и вакцината „CoronaVac" на производителот Синовак.

Анализата покажува дека вкупно 30.136 лица биле хоспитализирани од ковид-19 од почетокот на епидемијата во Македонија (26.02.2020) до 30.09.2021, од кои 6.542 починале, односно 21,7 отсто од хоспитализираните. Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година, а 56,5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од осум дена по хоспитализација. Сите оние кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза биле класифицирани како невакцинирани случаи.

Од 15.01.2021 до 30.09.2021, од вкупно 16.691 хоспитализации, 1.114 биле регистрирани по вакцинација, додека 15.577 хоспитализации биле регистрирани кај 1.119.139 невакцинирани. Грубата процена на ефективноста на примени две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација изнесува 88,7 отсто.

Постарата возраст и машкиот пол, како што се наведува, значително ја намалуваа ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаа околу 76 отсто поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години, а мажите имаа околу 23 отсто поголем ризик од хоспитализација од жените. Поради тоа што популацијата вакцинирани беше во просек речиси 10 години постара од популацијата невакцинирани и затоа што вакцините од различни производители се нудени на различни возрасни групи, процената на ефективноста била коригирана за пол и возрасни групи (граѓани од 65 години нагоре наспроти помлади од 65 години). Со тоа, коригираната ефективност на примени две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 90,6 отсто.

Според анализата, две дози од КОВИД-19 вакцината на Фајзер/Бионтек покажала највисока ефективност во спречување хоспитализација, потоа следува вакцината на Астразенека и на Синовак, сите со ефективност над 92 отсто. Вакцините Синофарм и Спутник V покажале послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но се уште имаа висока ефективност, над 80 отсто.

Во анализа на 65.837 лица кои примиле само една доза вакцина од кој било производител, се покажало значително пониска ефективност во спречување хоспитализација од ковид-19. По корекција за пол и возрасни групи, тоа изнесува 40,9 отсто.

Според анализата, во периодот од 1 јануари 2020 до 30 септември 2021 умреле вкупно 42.970 од 1.886.124 испитаници на возраст од 11 години и постари. Од овие, 17.823 смртни случаи се регистрирани во периодот на следење на студијата, од кои 3.947 биле смрт од регистриран ковид-19 (22.145 отсто). Просечната возраст на умрените лица од ковид-19 изнесувала 70 години, половина од умрените биле под 71 година, најмладиот починат бил на 15 години, а најстариот на 99 години.

Од вкупно 3.947 регистрирани смртни случаи на КОВИД-19 во периодот 15.01.2021-30.09.2021, само 179 смртни случаи беа регистрирани кај 712.587 лица кои биле целосно вакцинирани (0.0251 отсто), додека 3.642 смртни случаи беа регистрирани кај 1.106.574 лица кои биле невакцинирани (0.329 отсто). Со тоа, како што се наведува, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од ковид-19 изнесуваше 92.39 отсто.

„Постарата возраст и машкиот пол значително влијаеа и врз ризикот од смрт од ковид-19, при што оние на возраст од 65 години и нагоре имаа речиси двојно поголем ризик од смрт од ковид-19, а мажите имаа околу 28 отсто поголем ризик од жените да починат од ковид-19. По коригирањето за пол и возраст, ефективноста на примени две дози вакцина од било кој производител во спречување смрт од ковид-19 изнесуваше 94,1 отсто“, покажува анализата.

Според анализата, сите вакцини покажаа висока ефективност, над 91 отсто, во спречување смрт од ковид-19. За разлика од претходната анализа во спречување хоспитализација, вакцините Синофарм и Спутник V покажаа многу мала разлика во пружањето заштита од смрт од ковид-19 споредбено со останатите вакцини. Вакцината на Синофарм, како што се наведува, имаше малку пониска ефективност од останатите вакцини во спречување смрт од ковид-19, која е незначителна.

Во анализа на 66.942 лица кои примиле само една доза вакцина од било кој производител се покажала значително пониска ефективност во спречување смрт од ковид-19, која коригирана за пол и возрасни групи изнесуваше 39, 1 отсто.

Инаку, истражувањето е на доброволна основа, истражувачите немаат конфликт на интереси и немаат примено финансиски надомест за истражувањето.

Истражувањето го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство, а во првичната сеопфатна анализа на ефективноста на ковид-19 вакцините во спречување хоспитализација и смрт кај македонската популација биле следени сите корисници на националниот електронски здравствен систем „Мој термин“ од денот на првата регистрирана вакцинација (15 јануари 2021) до 30 септември 2021.

Земјите треба да бараат начини за градење мостови и унапредување на билатералните економски врски, а не да гледаат во минатото и да му наметнуваат на македонскиот народ поинаков идентитет или историски наратив.

повеќе

Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

повеќе

Нам бизнисмените не ни требаат ниту уставни преамбули ниту некакви параграфи за да ги почитуваме Република Бугарија и нејзините граѓани. Ние некого почитуваме доколку прави профит, плаќа даноци и доколку е општествено одговорен.

повеќе