Министерство за здравство

Утре први ќе се вакцинираат здравствените работници од Инфективната клиника

Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почнува утре, и тоа најпрвин со вакцинирање на зравствените работници од Инфективната клиника во Скопје. Надлежните потврдија дека подготовките за масовното вакцинирање се во тек, а до крајот на месецов се очекува да пристигнат и кинеските вакцини.

Вакцинацијата ќе почне во среда во 10 часот, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Министерството за здравство соопшти дека пунктот во модуларната болница каде има шест вакцинални позиции ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.

Националниот систем до ковид-центрите низ државата во текот на вчерашниот ден испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите.

Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови.

Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Првата вакцинацијата ќе се изврши со 4.680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, донирани од Србија. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини, ќе се врши дистрибуција низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.

Како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението.

Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.

Надлежните најавија дека до крајот на февруари се очекува да пристигнат кинеските вакцини.

Според премиерот Зоран Заев, кинеската вакцина против Ковид-19 е во постапка на договарање и регулирање.

„Ветувањето е дека до крајот на февруари ќе стигнат вакцините. Секој ден за нас порано е важен, но додека се реализираат, имплементираат овие 4680 вакцини кои српскиот народ вчера му ги подари на македонскиот народ, ќе се дореализираат и останатите до 8000 вакцини, заради тоа што трипартитната спогодба меѓу нас, Србија и Фајзер е за осумте илјади вакцини“, посочи вчера премиерот.

 Очекувањата се вакцините да стигнат, посочи тој, од крајот на оваа седмица, па се до крајот на следната седмица, кога завршува и месецов.

Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од Фајзер кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

Голем дел од граѓаните се заинтересирани за вакцинирање против Ковид-19, покажува веб-страницата vakcinacija.mk.

Заклучно со вчерашниот ден, на оваа страница за вакцинирање се пријавија вкупно 46.023 граѓани. Преку матичните лекари пријавени се 13.511 лица.

Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

По релативно високите бројки на новорегистрирани случаи на Ковид-19 кои во изминатите седум дена дена се движеа меѓу 180 и 416, вчера беше забележано намалување и на бројот и на процентот на новозаразени. Беа потврдени 51 нов случај од направени 755 тестови, што е 6,75 отсто.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 592. Има околу 470 празни болнички кревети во ковид центрите. Во Скопје се лекуваат 243 пациенти сомнителни и потврдени за ковид-19.

Oд почетокот на епидемијата, вкупниот број на ковид-дијагностицирани во земјава  изнесува 97.101, оздравени се 87.960, починаа 2.998, а во моментов како активни случаи се водат 6.143 лица

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе