Стабилна ковид-состојба

Утре ќе се разговара за евентуални мерки за заштита од делта-сојот на коронавирусот

Во услови на стабилна ковид-состојба здравствените власти најавуваат дека до следниот петок ќе бидат вакцинирани половина милион граѓани, а утре ќе се разговара за евентуални нови мерки за заштита од ширењето на делта-сојот на вирусот.

Комисијата за заразни болести утре ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа, и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.

Министерството за здравство, пак, сега е најмногу фокусирано на вакцинацијата, а министерот Венко Филипче најави и интензивирање на теренската вакцинација оваа недела со што ќе се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови. Во однос на вакцинирањето на трудниците и доилките, ставот на Стручниот комитет е дека за нив треба да се преферира вакцината на „Фајзер“.

„Нема контраиндикација за ниту една вакцина, но ѝ се дава предност на Фајзеровата вакцина“, вели Филипче.

Што се однесува до оние граѓани кои се вакцинирале во странство, а сакаат да се ревакцинираат во државата, тие можат да се пријават на веб-страницата https://vakcinacija.mk/revaccination, која ќе биде во функција до 10 јули.

Од Министерството за здравство посочуваат дека преку регистрацијата на граѓаните, ќе можат да добијат детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат.

„Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни“, се наведува во соопштението на Министерството.

Со вакцината на „Астразенека“ во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите други граѓани после регистрација на сајтот, од Министерството за здравство појаснуваат дека ќе направат обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што, како што велат, ќе информираат прецизно во јавноста.

Инаку, пред три дена во државата пристигнаа 10 илјади вакцини на „Астразенека“, како донација од Хрватска. Тие од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата, а хрватската Влада донесе уште една одлука да донира дополнителни 20 илјади вакцини кои ќе бидат од производителот „Астразенека“ или на производителот „Модерна“.

Данската Влада, пак, намени два милиони вакцини „Астразенека“ како донација за Западен Балкан, од кои 250.000 дози за Македонија. Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „Астразенека“, кои Данска ги порача и ги плати, но кои не се испорачани сѐ уште. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци.

Од понеделник ќе се вакцинираат вработените во основните и средните училишта во државата, соопшти денеска Министерството за здравство. Следната недела ќе започне закажувањето термини за вакцинација и на вработените во високо-образовните институции.

Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, информираат од Министерството за здравство. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 484.220 граѓани.

Во државата продолжува темпото на намален број на новозаболени од ковид-19, па вчера беа регистрирани шест нови случаи, немаше починати пациенти, а без активни случаи на ковид-19 се 17 градови во државата.

 

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе