Ковид-19

Уште не е утврдено дали ќе треба вакцинирање за пат во странство. А што со тие што имаат антитела?

Во Европската Унија сѐ уште не е ништо договорено во однос на тоа дали и како ќе се патува по вакцинацијата. Вакцините против ковид-19 не се задолжителни. Но ако се договорат некакви „ковид-пасоши“ (само тие што се вакцинирале да имаат право на патување во странство), дали ќе мора да се вакцинираат и лицата што прележале ковид-19 и имаат изобилство од антитела?

Некои авиокомпании веќе се подготвуваат за протокол за патување со т.н. „ковид-пасош“, со кој секој патник пред летот би потврдил дека се вакцинирал. Но очигледно е дека има многу отворени прашања на кои надлежните во овој момент се чини не ни размислуваат.

На нашето прашање за лицата со антитела и нивното право за патување, од македонското Министерство за здравство само ни одговорија дека ни во ЕУ сѐ уште ништо не се знае.

„Воведувањето таканаречен ‘ковид-пасош’ засега е само размислување на многу земји во светот, дури и некои авиокомпании најавуваат задолжителна вакцинација на патниците. Сѐ уште нема јасен став на повеќето земји на ЕУ и препораки како ќе се патува по вакцинацијата. За идејата да се користи пасош за вакцинација сѐ уште не е усвоен предлогот на ниво на ЕУ. Уште од почетокот на пандемијата, земјите насекаде во светот, секоја индивидуално, носеше одлуки за рестриктивни мерки за влез и излез од државата“, велат од Министерството за здравство на Македонија.

Д-р Никола Пановски во изјава за МКД.мк вели дека „тие што имаат антитела во првата фаза нема да примаат вакцина, особено ако прележале и клинички. Нема потреба да ја примат пролетва, бидејќи има приоритет, а тоа се ранливите групи што не прележале ковид-19, како и здравствени работници“, вели Пановски.

Во оние 400 илјади лица што ќе треба да се вакцинираат со најавените први 800 илјади вакцини, според него, не треба да влегуваат оние што ја прележале болеста и што имаат антитела, а за понатаму, како што вели, ќе се види дали уште им траат антителата.

„Сега знаеме дека антителата траат 8-9 месеци, како ќе биде понатаму ќе каже науката. Сепак, од моето искуство, можам да кажам дека не пречи и тие да примат вакцина кога ќе има вакцини. Но сега не треба да се туркаат преку ред, бидејќи тие го поминале ковидот“, ни изјави Пановски.

Што се однесува на најавата и размислувањата за „ковид-пасоши“, тој вели дека тие се нереални и против човековите права, иако не исклучува дека може да се случи и такво нешто, како што сега се бараат негативни тестови. Исто така смета дека кога ќе се смири состојбата, никој нема да има интерес да бара таков „пасош“, а ако бара, тоа ќе значи дека некој ќе сака да влијае со сила.

Никола Пановски

„Вакцината е доброволна, не е потребна кај деца и ако некој сака да оди на летување со деца или можеби да се пресели, ќе треба да ги вакцинира, а се знае дека децата не заболуваат или лесно заболуваат, па зошто да им ставаме вакцина?“, вели Пановски.

За него таквата политика би била дискриминаторска и се надева дека тоа нема да се случи.

Повеќе светски ИТ-компании работат на мобилна апликација преку која секој човек ќе може преку својот мобилен телефон да го покаже имунолошкиот статус. Секој оној што се вакцинирал ќе треба на оваа апликација да ја внесе таа информација и пред да го поминат кој било граничен премин, или пред да влезат во авион, само да го покажат својот мобилен. Истото би можело да се користи и за концерти, натпревари, претстави, па дури и ресторани.

И да се воведе таков „ковид-пасош“, се поставува прашањето за периодот на важење на тој пасош. И самите производители на вакцините сѐ уште не кажуваат колку точно ќе трае заштитата од вирусот по вакцинацијата. Шест месеци, една година...

Во САД веќе функционира мобилната апликација КомонПас, преку која се внесуваат податоци за вакцинација или за ковид-тест. Оваа апликација е во функција и некои американски авиокомпании веќе ја применуваат.

Во Русија, пак, лицата што се вакцинирале добиваат потврда за тоа, а потоа секое лице посебно ги внесува податоците на интернет-страницата за државни услуги, по што потврдата автоматски се генерира.

А.Д.

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

повеќе