Расте бројот на болни ученици и наставници

Училиштата стануваат трансмитери на ковид-19, институциите не ги кажуваат податоците

Колкав е бројот на болните ученици и наставници од ковид-19 и колкав е бројот на учениците и наставниците што се во изолација? Надлежните институции, Министерството за образование, Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство не даваат конкретни податоци. МОН нашата редакција им ја упати на „надлежните институции“, Институтот и МЗ пак упатуваат на МОН. Кругот е така затворен. Но секој ученик, родител, наставник може да ви даде бројки за кои лично знае. Се зголемува бројот на училиштата што бараат дозвола од МОН да преминат на онлајн-настава. Одговори не добиваат.

Директори на неколку училишта бараат од Министерството за образование дозвола наставата да ја продолжат онлајн, затоа што не е мал бројот на учениците што не доаѓаат на настава поради температура и кашлица, а дел од нив се и потврдени на ковид-19. Нивните барања се игнорираат, велат директорите.

Координаторите на училиштата задолжени да го известуваат општинскиот епидемиолог за секој нов случај на ковид-19 речиси секојдневно испраќаат извештаи и потоа ги очекуваат насоките според епидемиолошките анкети, колкумина од децата треба да одат во изолација и наставата да продолжат да ја следат онлајн. Податоците веќе се затрупуваат еден врз друг. Вработените што се определени на влез во училиштата да им мерат температура на децата, како што дознаваме од неколку скопски средни училишта, секојдневно враќаат дома по неколку ученици. На наставничките совети тема број еден за дискусија не е наставниот материјал, туку ковид-19.

Во некои училишта директорите не им дозволуваат на наставниците часовите да ги одржуваат на отворено во училишниот двор, иако на почетокот дел од наставата без проблем се одвиваше надвор. Наставници негодуваат, директорите само ги подигаат рамениците. Аргументите дека надвор е убаво времето, а ризично во училниците со повеќе од 30 ученици, како да не се издржани.

За состојбите со болните ученици, наставници и вработени во училиштата, на само две недели од почетокот на учебната година, никој не сака да дава официјални информации. Се чини дека бројот на болните, позитивните и учениците и наставниците во изолација се кријат, затоа што веќе е јасно дека има трансмисија на вирусот во образовните институции. Ако во првите неколку дена од почетокот на учебната година бројот на заразените беше низок и се сметаше дека станува збор за внес на вирусот од надвор, и за мал број случаи, сега, според сознанијата на МКД.мк, речиси и нема училиште каде што нема и ученици и наставници отсутни од наставата.

Двоцифрени бројки на позитивни на ковид-19 има во средните скопски училишта „Георги Димитров“, каде што и цел еден клас по епидемиолошките анкети премина на онлајн-настава, потоа во „Орце Николов“, „Никола Карев“, болни деца има во „Корчагин“, во Медицинското училиште, во основните училишта болни деца има во „Корчагин“, во Медицинското училиште, во основните училишта „Гоце Делчев“, „Киро Глигоров“, „Песталоци“, „Братство“ и речиси сите други... Во Куманово има најмалку 30 болни деца, отсуствуваат од наставата ученици во повеќе училишта во Велес, Штип, во основни училишта во Тетово, ако се следат локални медиуми, речиси и нема поголема општина каде што нема деца и наставници позитивни на вирусот. „Орце Николов“ и „Корчагин“ упатиле и барање да се премине на онлајн настава.

Ученици што се ковид-позитивни или се во изолација поради контакт со заразен ученик наставата што се одвива со физичко присуство ја следат онлајн од дома. Но, се жалат дека таквата настава е тешко изводлива, не го слушаат ниту го гледаат цело време наставникот, бидејќи наставниците и не можат да бидат цело време пред компјутер, зашто „во живо“ предаваат и испрашуваат.

Расте бројот на барања од родителите до наставничките совети нивното дете да учи онлајн. Велат, загрижени се за децата, загрижени за сопственото здравје и здравјето на нивните најблиски. Родителите нагласуваат дека протоколите, носење маска цело време, одржување растојание и дезинфекција, е тешко да се спроведат стопроцентно и во армијата, каде што дисциплината се подразбира самата по себе, а не пак меѓу деца. Учениците маските ги отстрануваат за време на одморите, а по школските часови безгрижно другаруваат.

Пред точно седум дена на прашање на МКД.мк за бројот на децата болни од ковид-19 и дали ќе се премине на друг модел на настава, од МОН само кусо одговорија дека бројот на учениците позитивни на вирусот изнесува 0,01 процент. Пресметавме. Според вкупниот број на учениците во земјава, кој изнесува близу 300 илјади, станувало збор за 30 ученици во цела Македонија! Се чини, беше тоа процент од ракав. Ден подоцна, МОН го зголеми процентот на 0,02 отсто!

„Тоа што е особено важно да се потенцира е дека училиштата не се трансмитери на заразата и дека во секој случај кога има појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно со протоколите и алгоритмите“, одговорија пред една недела од МОН за МКД.мк.

Во одговорот беше додадено: „Деталните податоци ги поседуваат надлежните служби кои констатираат присуство на вирус кај суспектни лица и издаваат решенија за изолација.“

Го повторивме прашањето до МОН и вчера. Овојпат не добивме никаков одговор.

МКД.мк вчера упати прашање со истата содржина до Институтот за јавно здравје, како надлежна институција. Од Службата за односи со јавност на Институтот добивме брз одговор:

„Институтот за јавно здравје не располага со вкупниот број на отсутни ученици и наставници што се регистрирани како ковид-19 случаи, за повеќе податоци обратете се до Министерството за образование“.

Претходно и од Министерството за здравство нѐ упатија на МОН.

Кругот така е затворен. Се чини, никој не е надлежен или не сака да биде надлежен, или пак, не сака да признае дека училиштата станаа високоризичен затворен простор за ширење на вирусот. Такви предупредувања од лекарската фела имаше.

П. Џ.

ДУИ е дел од влада која, дел поради пандемијата, а дел поради непостоење на политичка волја за реформирање на системот и искоренување на корупцијата и организираниот криминал создаде назадоволство кај граѓаните.

повеќе

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе