Од 1 септември електронско водење на педагошката евиденција

Училишниот дневник заминува во историјата, но хартијата останува задолжителна

Иако од 1 септември големиот дневник со тврди корици заминува во историјата, сепак целата педагошка документација и евиденција еднаш месечно ќе се печати на хартија и таа ќе се чува во училишните архиви. Министерството за образование вели дека проблеми со интернетот не треба да има во ниедно училиште, затоа што обврска на директорите е да обезбедат стабилна мрежа и непречено пополнување на електронскиот дневник.

Од 1 септември, со почетокот на новата учебна година, наставниците нема да влегуваат во училниците со големите дневници во рацете. Дневникот во кој се запишани сите ученици од едно одделение или клас, сите нивни оценки, точки, минуси и плусови, како и изостаноците и забелешките за поведението и во кој секој наставник го запишува часот, станува минато. Се заштедува на хартија, се заштедува на време, им се олеснува на наставниците кои и во изминатите години покрај во стандардниот дневник, сета материја ја заведуваа и во електронскиот дневник. Понекогаш лесно, понекогаш со многу мака, во зависност од тоа дали интернет мрежата е функционална и брза или не, или пак проблеми имаше кога повеќето наставници од целата земја во исто време ги пополунваа своите податоци во електронскиот дневник.

Повеќето наставници велат дека како олеснување го доживуваат исфрлањето на хартиениот дневник, тежок од многуте страници и особено од тврдите корици. Носталгијата сигурно ќе остане, зашто секој дневник е сведоштво на едно време поминато помеѓу ученичките клупи, а мастилото сведочи и за тоа како изгледал еден час – некаде ракописот е смирен, некаде одраз на нервоза на часот – големите кецови или „нежни" петки даваа плус податоци за знаењето на ученикот или односот на наставникот кон него.

Но, сепак ќе има и хартија!

На прашањето што МКД.мк го упати до Министерството за образование дали сепак заради безбедност на податоците наставниците ќе имаат обврска внесените податоци во електронскиот дневник потоа и да ги печатат, го добивме следниот одговор:

„Според Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на педагошката документација и евиденција во основните училишта од страна на одделенскиот раководител, дневниците се отпечатуваат на хартија на крајот на секој месец во текот на наставната година".

А, Правилникот е дел од законска одредба која го определува начинот на водењето на педагошката документација и евиденција, која изрично определува дека на крајот на месецот сите податоци се печатат на хартија.

На прашањето дали може училиштата, особено оние во некои рурални средини, каде имаше проблеми да се одвива онлајн наставата или таа воопшто и не можеше да се одвива, да се соочат со проблеми да не може да ја исполнат обврската за пополнување на електронскиот дневник, од Министерството ја отфрлаат таа можност.

„Набавката на интернет е надлежност на секое училиште, така што раководствата на училиштата имаат обврска да обезбедат интернет за сите објекти под нивна надлежност", ни одговорија од Министерството.

На прашањето дали поради исфрлањето на досегашниот хартиен дневник, ќе биде надграден софтверот, што е во надлежност на Министерството, и дали ќе биде безбедносно зајакнат со цел некој однадвор да не може „да влезе" и да ги избрише или промени внесените податоци во електронскиот дневник, добивме одговор дека секоја година се склучува договор со надворешна фирма за одржување, корисничка поддршка и надградба системот.

„Така и за учебната година 2021/2022 Министерството за образование и наука веќе има активен договор со надворешна компанија кој вклучува одржување и надградба на софтверското решение, како и корисничка поддршка на наставниците", велат од Министерството.

Со други зборови, надворешни информатичари ќе се грижат за безбедноста и стабилноста на целиот систем, а секако поддршка ќе даваат и информатичарите од секое училиште, доколку ги има.

Од Бирото за развој на образованието, на кое првично му ги поставивме овие прашања, а на одговор во писмена форма попусто чекавме две недели, во телефонски разговор велат дека воведувањето исклучиво на електронскиот дневник е на барање и на самите наставници кои сакаа да бидат растоварени од обврската да водат двојна евиденција во воспитно-образовниот процес.

„Електронскиот дневник со години е дел од образовниот процес и нема да претставува проблем за наставниците бидејќи практично, ништо не се менува во однос на внесувањето на податоците", велат од Бирото.

Од Бирото нагласуваат дека хартиениот дневник не е трајна педагошка документација.

„За секој ученик постои уште едно евидентирање во Главна книга која претставува трајна педагошка документација и таа ќе остане во печатена форма", ни рекоа од Бирото за развој на образованието.

Неколку наставници со кои разговаравме, велат дека и навистина би требало да им биде олеснета работата, бидејќи досега водеа двојна евиденција. Многу пати од дома, во неможност од училиште да се вклучат на интернет или поради немање време.

Сите изразија стравување од стабилноста на мрежата.

„Доколку целиот систем не биде зајакнат, а факт ќе биде дека поголем број наставници во исто време ќе бидат вклучени во електронскиот дневник, се плашиме дали непотребно ќе трошиме повеќе време седнати пред компутер и дека ќе се случува системот да 'падне' и тоа да внесе многу забуни во веродостојноста на податоците", велат наставниците.

Дел од нив изразуваат жалење што трајно ќе го загубат дневникот со тврди корици.

„Во него пишувавме, дневниците ја чуваат автентичноста на часот, во него не можеш да избришеш оценка што си ја запишал. Можеш да чкртнеш, можеш да допишеш, ама и тоа е сведоштво за еден час, за знаењето на еден ученик, за односот наставник – ученик. Но што е тука е, новото време носи нови предизвици, добро ќе биде ако целиот образовен систем е подготвен за сите новини", велат наставници.

П.Џамбазоски

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе