Почна учебната година

Учениците се вратија во училиштата, освен во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга

Новата учебна година за сите ученици од основните и средните училишта почнува денеска со физичко присуство и со посебни здравствени протоколи. Исклучок ќе бидат средните училишта во Тетово и Гостивар каде наставата ќе се одвива онлајн во првите 14 дена од почетокот на учебната година, а во Кичево и Струга во првите седум дена. По завршувањето на овој период, како што вчера соопшти Владата, ќе бидат донесени нови мерки согласно развојот на ситуацијата.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, наставата со физичко присуство е од голема важност не само поради процесот на учење и социјализација, туку и заради заштита на менталното здравје на учениците.

„Новата учебна 2021-2022 година започнува на 1 септември со отворени училишта за сите ученици. Образовниот систем е целосно подготвен за тоа. Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници“, истакна Царовска во изјавата по повод почетокот на новата учебна година.

Царовска на учениците им порачува да имаат верба во себе и да не се откажуваат од зацртаните цели бидејќи образованието е најважната инвестиција во животот, а упатува и благодарност до родителите за посветеноста и придонесот за успешна реализација на наставата во услови на пандемија. Верувам дека со враќањето на физичката настава во училиштата ќе биде полесно за сите, вели Царовска. Успешна работа министерката им посакува и на вработените во училиштата, нагласувајќи дека наставниот кадар е најважната алка во воспитно – образовниот процес.

Таа потенцира дека МОН е тука за сите кои имаат потреба од поддршка, но и потсетува на одговорно однесување во секоја прилика за време на овие вонредни услови за образованието и почитување на мерките и протоколите.

„Не заборавајте да бидете одговорни во секоја прилика за време на овие вонредни услови за едукација, заштитете го личното здравје и придонесете за безбедноста на другите околу вас“, порачува Царовска.

Иако вакцинацијата не е задолжителна за наставниот кадар и учениците, сепак бројот на вакцинирани наставници и останатиот кадар во училиштата е над 70 отсто, што според министерката е добра основа за почеток на наставата со физичко присуство.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека во претходните денови имало многу реакции на загрижени граѓани кои побарале наставата да се одвива онлајн. Според Филипче, тие се подготвени да дадат и други препораки доколку се влоши состојбата.

Сите анализи во однос на училиштата во светот, според министерот, покажуваат дека учебната година треба да започне со физичко присуство, оти онлајн наставата е на штета на учениците. Секако, има исклучоци за ученици кои имаат хронични заболувања или имаат болни членови во семејството кои наставата ќе ја следат онлајн.

Според Филипче и Царовска, претходната учебна година покажала дека немало ниту една интерна трансмисија кај учениците кои посетуваа настава со физичко присуство.

По повод новата учебна година се обрати и премиерот Зоран Заев: „Несомнено е дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите кои посакуваат здрав психо-социјален развој на учениците. Сите многу изгубивме изминатата година, соочувајќи се со пандемијата која го затече целиот свет. Сакам да им се заблагодарам на сите наставници, а секако и на родителите, кои се справија со предизвиците на онлајн наставата и не дозволија децата да изгубат од образованието.

Сега е време да го надополниме, сето она што не можевме да го развиваме во рестриктивните мерки. Од наставата со физичко присуство нема подобра опција, тоа го тврдат наставниците, учениците, организациите кои се бават со психо-физичкото здравје на децата. И затоа се посветивме на сето она што е најважно за враќање на учениците во училишните клупи. Владата, заедно со Министерството за образование, ги вложи сите напори во обезбедувањето  на здравствено безбедни средини за учениците. За да се спречи ширењето на ковид-19 во училиштата потребна е максимална одговорност и почитување на планот и протоколите што ги усвоивме од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители, од општините. Јас сум убеден дека децата веќе знаат зошто ги носат маските и зошто ќе се дружат малку пооддалечени еден од друг. Министерството за образование и наука има развиено планови, кои ја покажуваат спремноста да се делува во било кое од можните сценарија кои можат да се случат. Уверен сум во таа спремност, исто како што знам дека сите будно ја следиме епидемиолошката состојба и се прилагодуваме на неа. Важно е да бидеме одговорни и надвор од училиштата. Затоа и ја стимулираме вакцинацијата, бидејќи колку повеќе ни се заштитени возрасните дома, толку послободни ни се децата на училиште. Толку поголеми ќе бидат насмевките и дружбата кај учениците. Ако сите се придржуваме до мерките, послободни ќе ја поминеме оваа училишна година и со тоа ќе придонесеме да биде и последна ваква, пандемиска. Сите сме заедно во ова и секоја поддршка и соработка од родителите, наставниците и од учениците е добредојдена. Сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање и свест“, рече Заев.

Од УНИЦЕФ апелираа до целото општество да се вложи напор училиштата до останат безбедни и отворени. Претставникот на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани вели дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е критичен чекор за секое дете да има пристап до квалитетно образование со кое се градат и се признаваат вештините што им се потребни на децата и адолесцентите – вклучувајќи јазична и математичка писменост, дигитални, претприемачки и вештини за работа.

„Децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено учење. Пред пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите петнаесет годишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и математика. Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата да останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба“, истакна Патриција Ди Џовани.

Претставникот на СЗО во Македонија, Џихан Тавила вели дека ковид-19 станува вирус со кој мора да се научиме да живееме, па така мора да се намали и нарушувањето во образованието на децата и младите без оглед на нивната возраст.

„Доказите се јасни дека отсуството од училиште предизвикува значителна штета по образовниот успех, животните шанси, менталното и физичкото здравје. Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици – особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски“, додава Тавила.

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе