Штрајкот во мирување

Учениците се вратија во училиштата, дел од членството на СОНК незадоволно

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го стави штрајкот во мирување откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот. Од денес, учениците треба да се вратат на настава, но дел од членството на СОНК незадоволно од најновата одлука на синдикатот вчера протестираше барајќи одговорност од првиот човек на синдикатот. Велат дека оние деца што ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.

Сите оние кои ќе дојдат во училиште, ќе бидат прифатени. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава, изјавија дел од наставниците кои вчера се собраа пред седиштето на СОНК.

Порачаа дека не им се важни процентите за зголемување на платите, туку колективните договори. Се чувствуваат изиграни од претседателот на синдикатот.

„Се ретерира без знаење на членството и се носи одлука за која членството не е информирано. Тука сме да изразиме револт. Ние сме базата, ние сме членството и должен е Неделков да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката“, изјавија незадоволните членови на синдикатот.

Од СДСМ ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека се обидува да прави притисок врз членовите на СОНК.

„Откако СОНК објави дека штрајкот е во мирување, согласно Законот за мирно решавање на работни спорови, граѓаните гледаат како ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски очајно прават притисоци врз членовите на СОНК и директорите на училиштата во општините раководени од градоначлниците на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите обиди на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски им прават штета и на наставниците и на членовите на СОНК“, наведе СДСМ.

Одлуката дека штрајкот се става во мирување ја објави претседателот на СОНК Јаким Неделков, кој изјави дека е направена консултација со правни лица и дека мора да се постапи согласно законот. Најави дека доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соодветни решенија, штрајкот повторно ќе биде активиран.

„Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде“, изјави Неделков.

Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена.

„Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката“, вели Неделков.

Од СОНК се надеваат дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори за основно и средно образование и за детска заштита ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

Министерството за образование и наука ја поздрави одлуката на СОНК, која, како што оцени, е во интерес на учениците и континуитетот на процесот на образование.

„Тргнувајќи од итноста за заштита на јавниот интерес на граѓаните, правото на образование и последиците кои можат да настанат во случај кога овој процес е прекинат, а воедно земајќи ги предвид и барањата на СОНК, Министерството за образование и наука постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и во текот на денешниот ден упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес. Со оваа одлука, Министерството за образование и наука ја искажува спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај“, наведе МОН во соопштението.

Според министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во преговорите не треба да се застане само на минималната плата, туку да се разгледаат и други начини за мотивација и подобрување на образовниот процес. За телевизија Телма, Шаќири вчера изјави дека предлогот за мирно решавање на спорот не е предложен порано затоа што се надевал дека со синдикатот ќе постигнат позитивен договор.

Медијатор во спорот ќе биде Драгица Исаиловска-Митровска. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска верува дека Исаиловска-Митровска со нејзиното долгогодишно искуство ќе придонесе да се најде решение.

„Таа е непристрасна, го знае правото, Законот за работни односи и законите за образование и има компетенции да биде помирувач. Со нејзината улога верувам дека ќе стигнеме до решение. Ќе има преставници на МОН, на СОНК и заедно со медијаторот ќе учевствуваат во преговорите“, изјави вчера Тренчевска за телевизија 24.

Според Тренчевска, наставниците  треба да се вратат на работа бидејќи штрајкот е ставен во мирување, а доколку тоа не го сторат, тогаш ќе се смета дека се неоправдано отсутни и ќе се постапи согласно Законот за работни односи, поточно може да изгубат работа или да биде покрената дициплинска постапка против нив.

„Кога се пристапува кон мирно решавање на спорот, штрајкот се става во мирување. Советот на СОНК постапил согласно закон и кога е прифатена медијацијата, штрајкот се става во мирување. Ако не се вратат наставниците на работа и продолжуваат со штрајкот кој веќе е прекинат со одлука на СОНК, тогаш ќе си сносат одговорност согласно Законот за работни односи – може да изгубат работа, да биде покрената дициплинска постапка....“, рече Тренчевска.

Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за усогласување на платите со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК. На последната седница на Советот на СОНК и по изјаснувањето на членството, беше донесена одлука градинките повторно од средата да почнат со работа, а училиштата останаа и понатаму да штрајкуваат. 

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе