Учениците од утре остануваат дома, УНИЦЕФ повикува отворањето на училиштата да биде приоритет

Поради влошената епидемиoлошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа во пикот на ковид-заразата, околу 255 илјади ученици наместо утре, во училишните клупи ќе се вратат на 1 февруари. Одлуката за одложен почеток на второто полугодие ја донесе Владата по препорака на Главниот координативен кризен штаб, а на седница вчера таа го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со кои учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин, на 10 јуни 2022.

Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158.

„Со одлуката се овозможува соодветна адаптација на наставните програми со цел запазување на датумот 10 јуни како краен рок за завршување на учебната година“, соопшти Владата по седницата.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири вчера изјави дека за приспособувањето на наставните планови, согласно владината одлука, МОН е веќе во координација со Бирото за образование и наука. Истовремено тој апелираше до родителите, наставниците и учениците и за време на продолжениот распуст максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено.

„Со цел да го зачуваме јавното здравје и здравјето на нашите најблиски, повикувам на свесност и одговорност за да го спречиме ширењето на заразата“, рече Шаќири на првата прес-конференција на новата министерска функција.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани, вчера во пишана изјава до медиумите нагласи дека одложувањето на наставата треба да биде привремено зашто во најдобар интерес на децата е да бидат во училниците. Повторното отворање на училиштата треба да биде приоритет за целата држава, вели таа, посочувајќи дека децата се соочуваат со поголеми ризици кога се надвор од училиште отколку во училиште.

„Додека земјата минува низ уште еден бран на инфекции со ковид-19, сè почесто предизвикан од сојот омикрон, најдобриот интерес на детето мора да има централно место при секое одлучување дали училиштата да останат отворени. Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците“, нагласи Ди Џовани.

Прашувајќи што кажува за нашите приоритети ако училиштата се затворени, а другите јавни места остануваат отворени, таа предупреди дека уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата зашто, како што кажа, и пред пандемијата на ковид-19 Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето и повеќе од половина од сите 15-годишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика.

„Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период. Долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо“, истакна претставничката на УНИЦЕФ.

По препорака на Комисијата за заразни болести и со одлука на Владата, учебната 2021/2022 на 1 септември почна со отворени училишта и настава со физичко присуство за сите ученици организирана според утврдени антиковид-протоколи. Исклучок се учениците ослободени со медицински потврди. Летото беа испланирани три сценарија за реализација на учебната година – настава со физичко присуство како прво и најпосакувано, настава на далечина и комбинирана настава со ротирање на групи од иста паралелка.

Во повеќе наврати претходната министерка Мила Царовска информираше дека состојбата во училиштата е стабилна и дека настава со физичко присуство ќе се применува сѐ додека се во ред бројките на заразени и додека нема интерно ширење на болеста во училиштата. Според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, до крајот на првото полугодие (30 декември 2021) процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со ковид-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 проценти.

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе