И покрај пандемијата со ковид-19

Туристичката агенција Дипломатик ќе носи ученици на „летен камп од соништата во Грција“, МОН вели екскурзии се забранети

Летен камп за основци и средношколци во време на пандемија организира туристичката агенција Дипломатик од Скопје. Флаери со понуда за патување во Скионис, Грција, се испраќаат до родителите, а истовремено им се испраќаат и пораки со детали околу тоа кои наставници од училиштето во кое учи детето ќе ги носат децата на екскурзијата и таму да се обратат за информации. Патувањето е предвидено да се реализира од 1 до 7 јуни, а за децата постари од 10 години потребен е негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.

Редакцијата на МКД.мк зборуваше и со родителите во врска со оваа понуда, а став побаравме и од Министерството за образование и наука. Родителите велат дека секому му се оди на летување периодов, особено бидејќи бевме подолго време затворени, а исто и децата, а МОН децидно ни одговори дека забранети се екскурзии во овој период.

Згора на сѐ, ниту границите сѐ уште не се отворени, а не се знае ни каква ќе биде состојбата за во иднина со пандемијата со ковид-19.

Летниот камп за кој агенцијата „Дипломатик“ дели флаери требаше да се одржи минатата година, за кога дел од родителите веќе уплатиле одредена сума за своите деца. Но бидејќи агенцијата не им враќа пари, од таму донеле одлука дека оваа година може да направат организација на екскурзијата, па уплатите на децата да им важат за годинава. Организатор е самата агенција во соработка со училиштата. Но за ова од МОН велат не се известени и упатуваат дека ќе биде известен Државниот просветен инспекторат.

„Имајќи ја предвид состојба со пандемијата ковид-19, Министерството за образование и наука направи измени на подзаконските акти (Правилници за начинот на изведување на екскурзиите, излетите и другите вонучилишни активности на учениците од основните и средните училишта), согласно со кои е забрането, односно не се предвидува организирање екскурзии за време на настава кој трае помалку од 180 наставни дена, како и реализирање настава по скратени наставни програми во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), или за време на организирање настава преку далечинско учење. Доколку имате попрецизни податоци за училишта што постапуваат спротивно на донесениот правилник, замолуваме да ни доставите или да го известите Државниот просветен инспекторат“, се вели во одговорот што МКД.мк го доби од МОН.

„Добивме порака дека агенцијата Дипломатик организира летен камп и дека важи она што сме го уплатиле од минатата година пред пандемијата. Пари не ни враќаат. Ни пишаа кај кои двајца наставници да се обратиме. Се работи за шест ноќевања и полн пансион. Ни кажаа дека се патува со автобус и дека засега ќе бидат исполнети 70 проценти од местата, според протоколите. Но од агенцијата велат дека не треба да се грижиме, односно до јуни најверојатно ќе можело и 100 проценти полн автобус. Сместувањето е во хотелот Империјал на сама плажа, а во понудата во хотел со 4 ѕвезди има појадок и вечера. Оваа понуда е за сите средни и основни училишта, не само за нашето. Влета дека границите наскоро се отвораат и дека нема ништо спорно за ваков вид екскурзија“, вели родител чие дете е ученик во Основното училиште „11 Октомври“ во Скопје.

Во флаерот на агенцијата стои дека ова ќе биде највозбудливото патување и дека сите што сакаат незаборавни доживувања може да се пријават.

„Драги родители и ученици, со задоволство ви го претставуваме најбезбедниот и најдобар летен камп Скионис 2021. Сакаме да ве известиме дека кампот ќе се реализира по протоколи издадени од Грција и за дете постаро од 10 години ќе треба да се направи ПЦР-тест пред поаѓање и со тоа оваа година акцентот на кампот ќе биде безбедноста и психо-физичката активност на децата, се со цел тие да се ресоцијализираат и да ги оттргнат мислите од секојдневието. Дозволете ни да Ве удостоиме со највозбудливото патување до сега, каде ќе имате можност да стекнете нови пријателства, култури, каде ќе можете да уживате во прекрасните плажи кои оваа година ги одбравме за Вас. Со врвен професионализам, комфор, добра анимација и забава, внимателно одбрани активности, адекватно сместување и секогаш богата и возбудлива програма и овој пат ќе ви докажеме дека има летен камп од вашите соништа. Ако ги сакате новите искуства и незаборавни доживувања, Вашето присуство е задолжително. Целото патување и забава да не ви бидат прераскажани бидете со нас и ова лето во летниот камп Скионис 2021“, пишува во флаерот на агенцијата.

За сега состојбата со ковид-19 во нашата држава се смирува, но постојаниот став на Министерството за здравство и надлежните е граѓаните да не се опуштаат и да ги почитуваат препораките и мерките за заштита од ковид-19.

Дел од родителите велат дека сѐ уште се плашат да ги пуштат своите деца на екскурзија во гужва, бидејќи дискутабилно е колку таму ќе почитуваат мерките и никој не им гарантира дека нема да се заразат за време на летниот камп. Има и такви што велат дека уплатиле уште минатата година, па ред е да ги пуштат децата да прошетаат и да одат на одмор по долгиот период седење дома.

К.Д.

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе