Петкоманија

Свидетелствата полни петки: карикатура на образованието или знак за квалитетно учење?

Според податоците од електронскиот дневник, просечната оценка на учениците во основно образование во учебната 2010 / 2011 била 3,88, а во средно образование 3,72. Оваа учебна година, 2020 / 21, учениците во основно образование ја завршиле со просечна оцена 4,24, а во средно со 3,95.

Во образованието постојано се зборува за реформи и за тоа дека со промените што вклучуваат модернизација и на учебниците и на образованието им се помага на учениците. Згора на сѐ, ако ги видите свидетелствата на денешните генерации, тие се полни со петки, од прва до последна, а се случува и речиси цели паралелки да имаат одличен успех.

Но просекот 5,00 е само на парче хартија, бидејќи во реалноста работите се многу поинакви. Учениците што во основно имаат одличен успех, во понатамошните нивоа на образование се соочуваат со проблеми бидејќи буквално се губат во обемноста. Во нашата држава постојат класови во кои буквално сите деца имаат петки по еден или повеќе предмети. На пример, по предметите историја, биологија, ликовно, физичко... сите деца имаат петки, а просекот на одделението е 4.80, што покажува дека има многу одлични ученици.

За тоа дали свидетелствата и оценките на денешните генерации се реалност и дали навистина имаме толку многу генијалци или, пак, тие се само одраз на незаинтересираноста на наставниците, редакцијата на МКД.мк побара став и од Министерството за образование и наука и од професорот во пензија Илија Ацевски.

За МОН големиот број на одличните ученици значи дека се подигнал квалитетот на образованието, но според професорот Ацевски тоа не е така. Во изјава за МКД.мк тој вели дека не може сите ученици подеднакво да ги бива за сѐ и сите да се генијалци и предупредува дека со високото вреднување на децата што не го заслужуваат тоа, само им се прави штета на учениците.

„Мојот став е дека свидетелствата полни со петки за учениците се карикатура за образованието и неуспех на наставниците. Секоја втора магистратура и докторат е препишана и иста со некоја претходно, а за тоа се плаќа по 500 евра за магистратура. Тој е тој егалитарен синдром и значи дека во суштина ги обезвреднува сите други критериуми, а тоа се одразува во залагањето на ученикот и во неговата претстава што е квалитетно, што не е квалитетно, во начинот на учење, дури и се добива таа претстава дека сите се еднакви. Тоа се почувствува додека јас работев на универзитет и почнаа да доаѓаат ученици од внатрешноста за упис и беа целосно одлични. Таму критериум за вредност се оценките, примавме студентки од кои 90 отсто беа одлични. Тоа создаде една неверојатна конфузија околу тоа за што е одреден ученикот“, вели професорот Ацевски.

Тој додава дека кога оценките би биле реални и кога ќе ги изострите критериумите на оценување, тогаш и му помагате на ученикот да види каде припаѓа и да се насочи кон она за што го бидува.

„Не може сите ученици подеднакво да ги бива за сѐ. Кога оценките би биле реални и кога ќе ги изострите критериумите на оценување, тогаш и му помагате на ученикот да види каде припаѓа и да се насочи кон она за што го бидува. Затоа е и конфузијата кога ќе се запишат на факултет. Катастрофа се случува. Ќе изгубите 4 до 5 години мислејќи дека за нешто ве бива, бидејќи, нели, за тоа ве оцениле позитивно, и потоа сфаќате дека всушност само сте ги изгубиле годините. Тоа се всушност длабоките последици од тој егалитарен систем. Тие нанижани петки се тотален неуспех не само за наставникот, туку и за училиштето и целиот систем што нема други алтернативи и начини и тој е урнисан систем. Тој е најобјективниот критериум дека системот е урнисан. Модернизацијата на образованието буквално нема никакви ефекти и е несоодветен правец за учениците, кој воопшто не одговара. Ефектите на овој модерен образовен процес се многу мали, речиси никакви. За мене, како професор со 40-годишно работно искуство, најважно е наставникот да биде концентриран на учениците. Ако вие како наставник не сте сконцентриран на ученикот, ако не ги процените неговите вредности и квалитети и не го насочувате да се бара себеси и да се пронајде во тоа знаење, сѐ е бадијала“, појаснува тој.

Тој за образованието има слика во која буквално се изедначуваат учениците и кога ќе стасаат на факултет, им се случува разочарување и паника уште во првата година.

„Тие се навикнати да бидат фалени, да бидат прогласувани за успешни и со добри оценки и изградиле и погрешен карактер, кој нема да им користи понатаму во животот. Како вие ќе ги научите да се ценат учениците меѓу себе кога вие како наставник не знаете да ги оцените правилно? Кога јас бев ученик, многу одамна, се сеќавам дека имаше само двајца или тројца одлични ученици и во основно и во гимназиско образование. Оваа појава е многу сложена и наставниците се ослободија од одговорност и работат со девизата 'Пишувај петки' и ако е така, ти немаш проблеми, ниту со децата, ниту со родителите, ниту со никој понатаму. Системот нема објективни критериуми да процени колку научил студентот. Јас како наставник ќе ги оценам, но објективниот критериум треба да процени колку сум ги научил. Кога ќе споите во едно, наставникот и оној што прави процена, а нема елементарен објективен критериум, е тој е тој систем. Разочарувачки е студенти од 3-та и 4-та година, кои веќе се возрасни и изградени личности, да немаат основни познавања, а се на факултет. Тоа е така затоа што никој не ги прашал и никој не побарал тоа да го знае“, дополнува професорот Ацевски.

За него како долгогодишен професор, несфатливо е како може да има толку одлични, а во исто време и толку неписмени ученици.

„Висок е процентот на одлични ученици, а децата се неписмени. Ако некој однадвор ги прочита податоците за тоа колку петкаши имаме, ќе каже дека овде во оваа држава се работи или за генијалци или за идиотски систем. Свидетелствата и дипломите буквално станаа едно обично парче хартија, кое почна да нема никаква реална вредност и воопшто не се пример за квалитетно образование. Најголем дел од оние дипломираните, односно речиси половина, не го работат она за што го студирале, а имате и многу магистри и доктори на науки што стануваат тоа што се со купен докторат или магистратура од 500 евра. Мојот став е дека ни е потребен радикален пристап и за почеток треба да се почне на ниво на експерименти, односно да почне тоа да се следи во неколку сегменти. Во образованието да направите нешто сега, резултатите ќе ги видите по 4 години, и ова што ни се случува е резултат на еден подолг временски период , да речеме од 15 години. И второ, мора да побараме помош однадвор, од оние искусните, кои би ни дале правец. Професорите мора да си постават критериуми. Во Франција наставниците од средно образование мораат два пати годишно да одат на обука од две недели и учат нови методи и содржини што ги предаваат угледни професори. Кај нас на наставниците им се дава диплома и тоа е тоа. Сме завршиле работа. Во Израел побрзо ќе станете космонаут отколку учител, бидејќи тоа е тежок пат за кој има посебни тестови и образование. Имаме и квалитетни наставници, не велам не. Велиме дека си бегаме од проблемите, но проблемите се веќе создадени. Просекот 5,00 е една формалност, но не и успех, ниту за ученикот, ниту кој за било. И оваа бројка е најдобар показател дека системот е урнисан и дека нешто длабоко е пореметено. Ако вие направите селекција на повисоки и пониски оценки, тогаш треба повеќе да работите со оние што се поуспешни. Злото буквално си дојде по своето“, завршува професорот.

Од Министерството за образование и наука во одговорот испратен до МКД.мк за тоа што значи високиот просек на оценување во училиштата велат дека биле направени промени и дека со подигнување на квалитетот на образованието, се подигнал и квалитетот на оценувањето.

Подигнувањето на квалитетот на образованието опфаќа и подобрување во делот на оценувањето на постигнувањата на учениците. На неопходноста од промени укажаа и самите наставници, кои во истражувањето спроведено од МОН и БРО, во текот на ноември 2020 година, се изјаснија дека оценувањето би било поквалитетно и пообјективно кога при формирањето на оценката би се користеле повеќе различни техники, и кога би се поставиле јасни критериуми за формирање на оценките. Токму затоа, за да ја избегнеме петкоманијата, односно да се применува реално оценување со новата Концепција за основно образование, централно место во наставните програми имаат резултатите од учењето. Од резултатите од учењето се изведени стандардите за оценување, кои ќе придонесат за објективност и транспарентност во оценувањето, на тој начин што ќе им помогнат на наставниците во определувањето на критериумите за оценување“, ни одговорија од МОН.

Сепак ако ги погледнете оценките на учениците, ви се чини дека имате едни идеални генерации што буквално успеале да го совладаат целиот материјал и дека учениците имаат одлично знаење. Но состојбата се чини дека и не е така розова во реалноста бидејќи ако ги видите учебниците, во нив има повеќе фотографии отколку пишан текст, а и ако ги прашате учениците, тие како да го подзаборавиле целиот материјал на кој претходно добиле одлични оценки.

К.Додевска 

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе