МОН се колеба со одговорите

Страв меѓу наставниците и родителите, дистанцата не е можна, повеќето класови се со над 30 ученици

Наставници и родители предупредуваат дека училиштата може да станат жаришта за ширење на вирусот, бараат средба во Министерството за образование, велат дека покрај невакцинираните наставници, има и заразени наставници и деца, и изразуваат страв дека болеста може да зачука на вратите од нивните домови. Родителите се јавуваат во МКД.мк со многу прашања, а не им е јасно дали може да побараат нивното дете да учи онлајн. Од МОН велат дека постои одлука за настава со физичко присуство, но и дека има исклучоци, за што родителите ќе треба да достават медицински потврди или да побараат дозвола од училиштето.

На само неколку дена од првиот училиштен ден, ниту наставниците, ниту родителите, уште помалку децата знаат како во практика ќе се изведува наставата во услови на широко распространет ковид-19. Иако постои одлука на Владата за настава со физичко присуство, и постојат протоколи и упатства што МОН пред два месеца ги испрати до сите училишта, за што пишуваше МКД.мк, изминативе денови главното прашање што си го поставуваат и наставниците и загрижените родители е дали сепак таквата одлука ќе се промени имајќи ги предвид лошите бројки на починатите и новозаразените од ковид-19.

Уште повеќе затоа што се излезе во пресрет на барањата од полошкиот регион поради степенот на ширењето на вирусот средните училишта наставата да ја почнат онлајн. Барање за онлајн-настава во сите основни и средни училишта има и Општината Маврово – Ростуше, каде што кризниот штаб ја информира Владата и нејзината Комисија за заразни болести дека таму има над 500 активни случаи на болеста, но и дека тие бројки веројатно се многу поголеми. Болеста е раширена и во други делови од земјава.

Фото: ЕПА

Повеќе директори на основни и средни училишта, по одржани разговори во рамките на наставничките совети и училишните одбори, бараат средба со министерката за образование Мила Царовска. Велат дека имаат информација дека таква средба е можна утре или задутре.

Имаат повеќе дилеми, но главните се однесуваат на тоа што во еден број училишта во моментов има наставници и вработени што се болни од ковид-19, дел се во изолација поради болен во блиското опкружување, потоа затоа што во секое училиште има наставници што не сакаат да се вакцинираат, а што внесува дополнителен ризик. 

Од МОН велат дека опфатот на вакцинираните наставници е околу 70 проценти, но нема детална информација каков е опфатот по општини.

Во однос на самите протоколи за изведување на наставата со физичко присуство, наставниците велат дека дистанцата меѓу учениците, и во услови тие да бидат најдисциплинирани, нема да биде можна ако се има предвид дека во најголем број училишта, особено во поголемите градови, одделенијата или класовите имаат и по над 30 ученици. Реагираат на неодамнешната изјава на Царовска дека слични здравствени протоколи има и во западните земји и дека таму генерално наставата се изведува со физичко присуство.

Фото: ЕПА

„Но во развиените земји никаде нема во еден клас да учат по 33, 35 или 38 ученици. Со години се зборува во Македонија за овој проблем, не поради пандемија, тогаш немаше ковид-19, туку заради квалитетот на наставата. И имаше такви ветувања. Пандемијата само го актуализира тоа прашање, поаргументирано од што било досега“, велат наставници.

Директорите велат дека добиваат списоци со потписи од родители што бараат нивните деца да учат онлајн, или стартот на учебната година да се одложи, во страв од влез на болеста во нивните семејства. Велат дека се свесни дека МОН не може да исполнува желби, но нагласуваат дека сепак здравјето на граѓаните треба да е приоритет и порачуваат дека се загрижени поради тоа што епидемијата во земјава е широко распространета.

На прашањата што денеска ги упативме до МОН поврзани со овие дилеми, како и конкретно, дали по барање на родител може неговото дете да следи онлајн-настава, редакцијата на МКД.мк доби одговори во кои најнапред се тргнува од одлуката на Владата наставата да почне со физичко присуство, со полн капацитет и согласно со утврдените протоколи, како најдобра опција за децата и препорачана од УНИЦЕФ.

„Исклучоци од оваа одлука (физичко присуство, н.з.) може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца што доаѓаат од семејства со хронично болни лица, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.

Медицинска причина се докажува со достава на медицинска документација од овластена здравствена установа. Додека пак, немедицинска е секоја причина што не произлегува од одредена хронична болест на ученикот или член во семејството, атипичен развој на ученикот и слично, но сепак иницира оправданост за да може ученикот да не посетува настава со физичко присуство во училница за да се намалат евентуалните ризици од дополнителни компликации на состојбата. Во вакви ситуации, учениците односно нивните родители/старатели, преку непосреден контакт со наставниците и раководството на училиштето носат заедничка одлука за вклученост на ученикот во наставата преку друга форма“, се вели во одговорот за МКД.мк.

А, секако, во протоколот е наведено дека исклучок од настава со физичко присуство се и децата што се заразени со ковид, или член на нивните семејства.

Фото: ЕПА

Во протоколите инаку, пишува дека учениците на кои ќе им биде одобрено да следат настава од далечина се вклучуваат на часот во истото време додека наставникот го одржува часот со учениците што следат настава со физичко присуство.

Со други зборови, во таков случај, кога има ученици што не се во училиште, каде што наставата се изведува со физичко присуство, преку компјутерот на наставникот предавањата и испрашувањата ќе „одат“ и онлајн, за оние ученици што се дома.

Доколку не биде мал бројот на учениците што оправдано ќе бидат дома и така ќе ја следат наставата, на тој начин наставата ќе се доближи до комбинираниот модел на настава, една група да е на училиште, а друга дома, што пак е второто сценарио на МОН. Доколку уште повеќе се влоши епидемиолошката состојба, тогаш ќе се премине на третото сценарио, а тоа е комплетна онлајн-настава. Сите од дома.

Но и тогаш се можни исклучоци, односно за некои ученици наставата да се организира со физичко присуство.

„За учениците што немаат пристап до ИКТ или интернет, при настава со учење од далечина училиштето може да организира настава со физичко присуство во училиште, со согласност од родителите/старателите и исклучива согласност од Владата. Доколку родителите не се согласуваат наставата да биде со физичко присуство, училиштето може да обезбеди ИТ уред кој се дава на користење или изготвува печатени материјали кои ги преземаат родителите во соработка со наставникот/класниот раководител/образовниот асистент или следење на едукативни емисии на МТВ. Покрај ова во интерес на децата, училиштето во договор со родителите договараат најбезбеден начин за давање и преземање на ИТ уредите, учебните материјали, домашните задачи и други училишни обврски за учениците“, пишува во протоколот на МОН.

Инаку, според протоколите за настава со физичко присуство се наведува дека сите влезови во училиштата треба да бидат отворени за да не се создаваат редици од ученици, мора да има редарска служба, на децата и наставниците ќе им се мери телесна температура и доколку е над 37,4 степени, тие ќе бидат вратени дома. Задолжителна е дезинфекција на рацете, забранет е влез без заштитна маска, внатрешните простории мора да се проветруваат и дезинфицираат, не е дозволено мешање на деца од различни паралелки, ниту во спортските сали, библиотеките, ниту пак во кабинетите, и се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците, а контактите на наставниците со родителите на учениците може да бидат само преку телефон или интернет.

„ Ако ученик развие симптоми додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од ковид-19, се следат протоколите од Министерството за здравство за тој ученик, а училиштето врши консултации со Центарот за јавно здравје, за натамошно постапување со паралелката на која ѝ припаѓа ученикот", пишува во протоколот на МОН.

Фото: Роберт Атанасовски

Наставниот час во основните училишта ќе трае 40 минути, а во средните 45 минути. Одморите помеѓу часовите се во траење од 5 минути, а големиот одмор може да трае од 15 – 20 минути. Во случај да се премине на онлајн настава, тогаш часовите ќе траат по 30 минути во основните и 35 минути во средните училишта.

Инаку, директорите се одговорни за училиштето да обезбедат стабилна интернет мрежа, без оглед каде тоа училиште се наоѓа. Исто така, треба да обезбедат соодветни санитарни и хигиенски услови, многу важни кога станува збор за епидемија.

Во одговорите што МКД.мк ги доби од МОН се потенцира и дека епидемиолошката состојба постојано се следи преку секојдневни контакти со Комисијата за заразни болести, која може да даде насоки за евентуална промена на моделот на наставата.

П. Џамбазоски

Објавено

Недела, Август 29, 2021 - 16:06

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе