За Радио Слободна Европа

Стојанов: Медицинските работници се преморени, а никој не знае до кога ќе трае коронавирусот

Со ковид-19 нема правило, ги напаѓа и старите и младите, и со коморбититети и без коморбидитети. Ова е сè уште нова инфекција за сите нас и ни треба повеќе време за да направиме релевантни статистики. Излезе дека вирусот се прилагодува и на зимско и на летно време. Сепак, оптимист сум и мислам дека трендот на заболени е во намалување, не во зголемување, вели директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов.

Стојанов во неделното интервју за Радио Слободна Европа, вели дека медицинските работници се преморени, но не е прашањето само дали тие ќе издржат, туку и дали целокупниот здравствен систем  финансиски ќе може да го поднесе „товарот“.

„Медицински персонал не можеме да увеземе, а клучно во борбата против ковид-19 е почитувањето на мерките за заштита“, вели тој.

Според докторот, сега младите се поактивни и се поизложени на вирусот, а пензионерите повеќе внимаваат. Младите кои ќе завршат на респиратор, предупредува, имаат големи проблеми.

„Се трудиме колку можеме. Многу полесно ќе ни беше ако бројките беа двоцифрени, затоа што и болниците ќе се справуваа со помал број пациенти, центрите за јавно здравје помалку ќе тестираа, лабораториите ќе беа покомотни, ама, за жал, еве тоа не се случува. Се случува многу полека, јас пак сум оптимист и мислам дека трендот е во намалување, не е во зголемување, но не е само дали ќе издржиме, прашањето е и дали системот финансиски ќе издржи. Оти правиме многу големи трошоци, а немаме адекватна економска помош. И тој момент мора да се земе в предвид. Мора да се земе  предвид дека луѓето се изморени и им треба одмор на сите, барем по една недела, ние правиме некои напори, да пуштаме луѓе кај што може, но немаме друго решение освен да се работи секојдневно, ние работиме и саботи и недели и празници“, нагласува Стојанов.

Во однос на почетокот на школската година, тој е дециден дека никој не може да каже кога ќе престане целата ситуација или кога бројките ќе се намалат за да биде безбедно одењето на настава, а децата мора да учат. Проблем ќе биде, како што вели, кај класовите со повеќе ученици. Во ваков случај опција би било да се седи помалку на час и да има по три смени или половина одделение да оди на настава една недела, а половина да работи од дома, а потоа обратно. Но, треба да се процени и дали ќе има доволно наставици.

„Децата мора да учат зашто оваа ситуација може да потрае подoлго време. Никој точно не може да каже кога ќе престане ова, кога ќе се намалат бројките за да биде побезбедно одењето во школо. Дали ќе ги држиме децата уште две години дома? Мерките се општи и важат за сите: дистанца, маска и дезинфекција. Но, како тоа да се спроведе во школите зашто и поголемите деца не ги почитуваат мерките, а нешто мора да се направи за да на изостануваат од училиште. Сепак, животот мора да тече, децата треба да бидат образовани. Истото се однесува и на градинките и на школите“, изјави Стојанов.

За високата смртност во земјава, пак, смета дека има два момента, здравствениот систем и начинот на пријавување. Тој е дециден и гарантира, како што вели, дека од почетокот на епидемијата сè е транспарентно, сè е јавно кажано до детаљ и не е сигурен дека е така и во другите земји.

„Со тешките случаи најдобро се справи здравствениот систем на Германија, со тоа што уште од времето Германија има по глава на жител најголем број на интензивна нега, комплетно опремена со сè што треба. Ние не сме тој тип на држава со такво јако здравство. Другиот момент е што ние уште од почетокот значи сè што почина и во болница и надвор од болница и постмортем им земавме брисови и не сме промашиле ништо, затоа што мислевме дека во семејства каде што ќе почине некој и ако се земе брис и излезе дека е позитивен дека треба да се внимава на контактите, да се изолираат. Знам земји каде луѓе починати надвор од болница не беа воопшто ставени во таа статистика“, објаснува Стојанов.

 

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе