Го наруши здравствениот и државниот систем

Станков: Судот на честа може да ѝ ја одземе лиценцата на лекарката Цаца Билјановска, го стави во опасност здравјето на граѓаните

Лекари, граѓани, родители, функционери, глумци... сите се разочарани од постапката на директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска, која со својата несовесна постапка доведе многу луѓе во опасност да се заразат од коронавирусот. Осуда и разочарување има на сите страни, но тоа не е доволно. Владата и Министерството за здравство поради една неодговорна постапка на лекарка воведуваат мерки со цел да се спречи ширење на коронавирусот. 

Од денес затворени се училишта, факултети, се откажуваат прегледи, претстави, настани, јавни собири...

Лекарската комора објави официјален став дека докторката заболена од коронавирусот засега може да добие само опомена, но не и да ѝ се одземе лиценцата за работа, што значи дека таа повторно може да работи. Обвинителството, пак, вели дека засега не можело да се покрене истрага ниту каква било постапка против лекарката бидејќи не било утврдено дека некој е заразен.

Но претходно постои случај во кој на Николче Дамчевски, гинекологот што лажеше пациентка дека е бремена, му беше одземена лиценцата за работа пред правосилна судска пресуда.

Во Лекарската комора постои независен орган Суд на честа, кој работи врз основа на Статутот на лекарската комора.

Во членот Член 34 став (1) е наведено дека Судот на честа расправа и одлучува за одговорноста на членовите на Комората за сторена повреда од етичка, деонтолошка и професионална гледна точка, за повредите на Статутот и Кодексот на медицинската деонтологија и непочитување на одлуките и актите на Комората.

Директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и криминалистичка деонтологија во Скопје и член на Катедрата за медицинска етика, Александар Станков, за МКД.мк појаснува дека доколку се анализира постапката на докторката Цаца Билјановска и се прочита Кодексот на медицинската деонтологија, лесно може да се утврди дека постапката на докторката претставува тешко кршење на огромен број членови на Кодексот, како во општите одредби, така и посебните начела.

„Постои кршење на начелата на Хипократовата заклетва, Женевската заклетва и Меѓународниот кодекс на лекарската етика. Кршењата на начелата се од областа на нарушување на угледот и честа на лекарската професија, односите лекар пациент и односите лекар-лекар и лекар-здравствени работници. Во сите овие документи се вели 'Животот и здравјето на пациентот ќе ми биде на прво место и со ниедна постапка нема да го загрозам животот и здравјето на моите пациенти'. Исто така, според овие документи, лекарот е должен да се бори и да го чува угледот и честа на лекарската професија додека пак колегите ќе му бидат како браќа“, вели Станков.

Првиот човек на Институтот за судска медицина додава дека врз основа на ова, Судот на честа како независно тело на Лекарската комора има елементи да покрене постапка во која без разлика дали постои истрага од Обвинителството или пак правосилна пресуда, може да ѝ се одземе лиценцата за работа.

„Се разбира, сè треба да се поткрепи со докази и во една праведна постапка да се донесе и правилно решение. Како пример ќе го наведам лекарот што лажеше пациентка дека била бремена во постапка пред Судот на честа му беше одземена лиценцата за работа пред да биде завршена судската постапка. На крајот на краиштата, постои привремено и трајно одземање на лиценцата“, појаснува Станков.

Во врска со кривичната одговорност на лекарката што се врати од Италија, одеше цела недела на работа и во опасност стави многу луѓе, Станков вели дека со овој потег таа го нарушила и безбедносниот систем на државата, како и здравствениот систем.

„Кривичната одговорност на докторката треба да ја докаже Обвинителството. Само ќе наведам дека со нејзината постапка нарушен е безбедносниот систем на државата, нарушен е здравствениот систем со можност за негов колапс, загрозено е здравјето и животите на пациентите и вработените во здравството сè поради непочитување на одлуките на Владата. За сите овие работи мора да постои некаква одговорност, а Обвинителството не треба да чека да се појави заболен, туку треба да ги испита сите околности врз основа на кои може да покрене истрага. Тоа е исто како терорист што поставил бомба, а таа во склоп на некои околности не експлодирала, па бидејќи нема повредени или загинати и не постои материјална штета, да не поведе истрага“, вели Станков.

Тој дополнува дека како раководител на Институтот за судска медицина и член на Катедрата за медицинска етика, смета дека човек што е свесен за можните последици од сторената постапка, особено што се работи за лекар и кој многу добро знаел дека доаѓа од ризично подрачје и што сè може да произлезе од нејзината постапка, не треба да биде лекар.

„И да не била свесна за последиците, според нејзиното образование и позиција, таа требало да знае што може да предизвика нејзината постапка. За да се биде лекар, првенствено треба да се има емпатија или сочувство кон пациентите, треба да се сакаат колегите, да се почитуваат законите и човековите права, да се биде пример за тоа како треба да изгледа еден професионалец во чии раце се животите на луѓето. Сите нејзини постапки се спротивни на професијата лекар, а да не зборуваме да биде директор на една од најдобрите клиники во државата. Се чувствувам многу лошо бидејќи пак лекарите се ставени во позиција на криминалци и изложени на ѕидот на срамот поради ароганцијата, несовесноста и површноста на една наша колешка. Таа како директор била должна да се бори да се почитуваат законите и одлуките на Владата“, смета Станков.

Лекарката Цаца Билјановска била во Италија и кога се врати од таму, наместо да ги следи препораките на Владата и Министерството за здравство, цела недела продолжила да оди на работа. Згора на сè, таа во саботата им држела предавање на околу 100 лица во ресторанот „Рагуса 360“ во Скопје и сите што биле таму, како и лекари од целата Клиника за кожни болести, се во изолација, а Клиниката е затворена.

Во моментов таа се лекува на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде што заедно со неа заразени од коронавирусот се уште 6 лица.

Првата пациентка што се врати од Италија и беше заразена со коронавирусот оздраве и е пуштена на домашно лекување.

Од резултатите за 12 сомнителни случаи, позитивни се тестовите на двајца. 

Оние што се во изолација, а кои биле во контакт со заболената лекарка или биле на настанот во „Рагуса 360“ засега се во добра здравствена состојба, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој денес појасни дека доколку кај било кој од овие лица се појават симптоми, тие веднаш ќе бидат тестирани.

К. Додевска 

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе