Психолог советува да им се дава психолошка поддршка на децата

Средношколец оставил проштално писмо, па се самоубил скокајќи од катна гаража

Средношколец од гимназијата СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ се самоубил скокајќи од катна гаража во Скопје. Имал само 17 години, а на деветтиот кат, од каде што решил да скокне и да си го одземе животот, го оставил свидетелството со оценките за завршена втора година и проштално писмо. На 1 септември неговото место во училишната клупа во средното училиште остана празно. Јасмина Јонуз, лиценциран психолог, магистер по советодавна психологија, за МКД.мк анализира дека самоубиството е еден комплексен феномен зад кој може да стојат разни причинители и ризик-фактори. Таа додава дека од корист на средношколците без разлика од типот на проблеми со кои се борат е достапна психолошка поддршка и рано препознавање на симптомите на траума, малтретирање (булинг), депресија, насилство...

Фото: ЕПА

„Самоубиството е еден комплексен феномен зад кој може да стојат разни причинители и ризик-фактори. Литературата како причинители наведува повеќе нешта, како менталните растројства (најчесто клиничката депресија, но треба да се земат предвид и состојби што не се дијагностицирани, бидејќи тоа е потешко при оваа возраст), фамилијарна историја, траума, а ризик-факторите како насилство, булинг, социјални медиуми и секако сите промени што ги носи пубертетот може да влијаат на ранливоста на младинците. Секако, анализата и превенцијата на овој чин зависи од секој поединец индивидуално и не може да се направи генерализација. 

Во секој случај, она што е неопходно и од корист на средношколците без разлика од типот на проблеми со кои се борат е достапна психолошка поддршка и рано препознавање на овие симптоми. Странските организации велат дека самоубиството е една од приоритетните грижи за јавното здравје на глобално ниво, со повеќе од 40.000 луѓе годишно што умираат од самоубиство (САД), а новите статистики сугерираат дека стапките на самоубиства, за жал, само се зголемуваат. Општиот впечаток кај истражувачите во светот е дека покрај сите напори што специјалистите ги прават на темата, превенцијата оди тешко, веројатно затоа што ниту еден фактор на ризик не го предвидува самоубиството со висока точност. Дури и самоубиствените идеи и менталното растројство, најчестоцитираните фактори на ризик, не секогаш или исклучиво предвидуваат самоубиствено однесување (Фелинг, 2021)“, вели психологот Јонуз.

Сепак, таа додава дека во литературата постојат некои насоки што може да им помогнат на наставниците и родителите да го препознаат овој ризик, а една од насоките е активна работа на детабуизирање на менталните растројства и состојби кај младите и промоција на менталното здравје преку редовни психоедукации и секако лесно достапна помош од психолог, и кај младинците, но и кај возрасните, за навремено препознавање на суицидалните мисли.

„Иако препознавањето на оваа состојба, особено на оваа возраст, не е лесна, големи промени во шемите на спиење, апетитот и социјалните активности кај децата вообичаено укажуваат на некоја психолошка состојба. Самоизолацијата, особено за децата што обично уживаат во дружењето, исто така може да сигнализира сериозни тешкотии. За младинците, врсниците и училиштето е можеби и најважна околина на таа возраст и мошне важно е тимски да се работи на создавање сигурна и пријатна околина. Обуки за разни психолошки состојби и менаџирање на ризик, групи за поддршка и препознавањето на ризик-фактори во која било форма верувам дека е од особена важност за создавање безбедно и пријатно место на младинците. И секако, барањето професионална помош, дури и при навидум ситни симптоми, може да помогне за подобро ментално здравје кај средношколците. На таа возраст, бидејќи често личноста со суицидални мисли не бара отворено помош, верувам дека е потребна лесно достапна бесплатна психолошка помош и надвор од училиштето за поединецот или врсниците околу да се охрабрат да побараат помош. За ваква комплексна проблематика, особено во едно сурово општество полно со ризик-фактори, за жал идеален план за добро ментално здравје нема, но секој чекор за промоција на менталното здравје кај младите и нивно охрабрување за барање поддршка е од големо значење“, додава таа.

Телото на момчето вечерта на 31 август околу 21 часот било најдено од случаен минувач, кој веднаш пријавил во полиција. Од МВР нема потврда за овој настан бидејќи Министерството за внатрешни работи во полициските билтени не дава информации за самоубиства. На местото на трагедија имало и јавен обвинител, а телото на момчето било дадено на обдукција, потврдија за МКД.мк од ОЈО Скопје.

„На местото на увид излезе јавен обвинител по чија наредба телото било предадено на обдукција. Издадена е наредба за графолошко вештачење на прошталното писмо, а ќе се вршат разговори и со блиските на починатото момче“, велат од ОЈО за МКД.мк.

Прошталното писмо ќе се вештачи за да се утврди дали ракописот со кој е напишано е на момчето. Што пишува во него и кој бил мотивот за толку млад човек да одлучи да му стави крај на својот живот, не е познато.

Во катната гаража камери имало само на долниот кат, каде што, според видеонадзорот, се гледа дека момчето влегува само. 

Редакцијата на МКД.мк вчера се обиде да ги добие в.д. директорката на гимназијата, Елена Стојанова, и психологот во ова средно училиште, но ни беше кажано дека директорката е на состанок и да се јавиме подоцна. Потоа никој не одговараше на нашиот телефонски повик, а не бевме контактирани ниту на мобилниот телефон што го оставивме. Нашата намера како медиум беше и сѐ уште е отворена, да ни се појасни начинот на кој се комуницира со средношколците, како и дали учениците често бараат совети, разговор со психолог, се зборува ли на темата булинг и депресија и на кој начин стручните служби разговараат и им се доближуваат на средношколците за да стекнат доверба кај нив и да побараат помош, тогаш кога можеби ја немаат поддршката од другите.

Одговор на ова не добивме, а оставаме простор за одговори од гимназијата ако од таму сметаат дека е потребно.

За булингот во последно време се зборува сѐ почесто, за малтретирањето и навредувањето од соучениците, исмевањето без престан, како и набивањето комплекси и мотивација за одземање на животот.

К.Д.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе