Спасот е во вакцинирањето, повторно се отвора пунктот во „Борис Трајковски“, порача Филипче

Од среда или четврток повторно ќе почне вакцинација во А1 арената „Борис Трајковски“, но во помалата сала каде што ќе има 20-тина места за вакцинација со што ќе се растоварат гужвите пред здравствените домови, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

„Имајќи го предвид притисокот во здравствените домови, во среда или најдоцна во четврток неделава повторно ќе се отвори салата ‘Борис Трајковски‘ зашто дел од вработените во Здравствен дом коишто беа на годишни одмори ги прекинаа и порано за да дојдат и да ја стават салата во функција. Сега ќе биде онаа помала сала, не големата. Меѓутоа, ќе има околу 20-тина места каде што ќе може да се спроведе вакцинацијата и верувам дека тоа ќе ги растовари гужвите и редовите коишто ги имаме пред Здравствените домови“, рече Филипче.

Тој порача дека граѓаните мора да знаат дека додека не се вакцинираат сите ова нема да престане. Тоа е спасот, вели Филипче.

Образложувајќи ја мерката прележаните да можат да влегуваат во затворени објекти и угостителски објекти и настани на отворено до 45 дена од прележувањето на ковид-19, а потоа само со потврда за вакцина, Филипче рече дека за пациентот којшто се опоравува нема разлика дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци, но има разлика за колективниот имунитет, бидејќи вакциналниот имунитет е траен, а природниот се намалува.

„Има јасни препораки дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот е потраен. Тоа го укажува американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ), тоа го укажува Светската здравствена организација. Според препораките на ЦДЦ, дури и десет дена после тестирање кај асимптоматски случаи се препорачува вакцинација. Точно е дека има студии кои констатираат дека граѓаните имаат имунитет и после 5-6, па и 8 месеци по прележувањето на болеста, меѓутоа природниот имунитет се намалува. Битно е граѓаните да се вакцинираат за што пократко време да се подигне степенот на вакцинација и да се постигне колективен имунитет заради тоа што вакциналниот имунитет е траен. Сакајќи да спречиме следни бранови, зошто да чекаме, мораме ова да го прекинеме. Тоа е логиката за овие 45 дена“, рече тој.

На новинарско прашање околу можноста за воведување карантин во тетово и Гостивар поради тешката состојба со коронавирусот, Филипче рече дека засега нема потреба од таква мерка.

„Ги разгледуваме тие прашања. Разговаравме за овие мерки и заклучокот е дека засега нема воведување карантин, тоа сепак е голема рестрикција. Ставаме акцент на вакцинацијата, вклучувајќи ги овие градови каде што е најголем бројот на нови случаи и на хоспитализирани, а воедно е најмал опфатот на вакцинацијатата“, изјави Филипче и апелираше граѓаните да се вакцинираат, а вакцини има доволно.

Карантин нема да има ни за граѓаните од Авганистан кои се очекува да пристигнат во земјава.

„Разработивме еден протокол, препорака, со оглед на ситуацијата и со оглед на тоа дека организирано можно е организирано да дојде поголема група луѓе и секако, да се пречекаат како што треба. Ние не знаеме како е точно таму ситуацијата, па во таа смисла треба да им се пружи лекарска помош ако им е потребна. Ќе стигнат жени и деца, ќе дојдат гинеколошки и педијатриски тимови, како и матични лекари за сите, за да видат дали евентуално е потребна лекарска помош“, изјави министерот Филипче.

Тој најави дека на сите овие луѓе ќе им се направи ПЦР тестирање, а невакцинираните од сите што ќе дојдат, после два или три дена од тестирањето ќе бидат вакцинирани.

„Тоа ќе се спроведе во местата односно во хотелите каде што ќе бидат сместени. Карантин нема да има бидејќи имаме ПЦР тестирање и гледаме дали се вакцинирани.  Ова е поголемо внимание бидејќи организирано доаѓа поголема бројка на луѓе“, вели Филипче.

Во однос на серификатите за вакцинација и можноста за фалсификување, Филипче одговори дека контролата е во надлежност на инспекторатите. Тој потсети дека од пред неколку дена е потврдено дека нашиот сертификат се признава во Европската Унија и соопшти дека покрај  апликацијата CommonPass, од средината на следната недела европскиот сертификат ќе може да се симне и на нова апликација – Мое здравје.

„Ги имаме сите електронски алатки за инспекторатите да бидат сигурни дека граѓаните имаат веродостоен документ“, додаде Филипче.

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе

Неделава во Тирана за првпат 31 прехранбена и 6  дистрибутивни компании од регионов заеднички ќе настапат на саемот во организација на Коморскиот инвестициски форум кој го предводиме ние.

повеќе