Состојба со ковид-19: расте бројот на новозаразени и на починати, болниците полни

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 27.827, оздравени се 19.479 пациенти, а починати се 949 лица. Во моментот има 7.399 активни случаи, е моменталната состојба со коронавирусот, според податоците од Министерството за здравство.

Вчера беа регситрирани нови 628 случаи со ковид-19 од 2.236 тестирања, починати се 15 пациенти од кои седум од Скопје, а регистрирани беа 531 оздравен пациент.

Есенскиот бран на ковид-19 ги наполни и болниците. Хоспитализирани се околу 650 лица, од кои 110 се на кислородона подрршка, а еден пациен е на респиратор.

Иако се зголемени капацитетите за тестирање за ковид-19 во јавните здравствени установи, министерот за здравство Венко Филипче синоќа ги повика приватните лаборатории да излезат во пресрет и да ги намалат цените на тестирањата.

Во рамки на напорите за намалување на бројот на заболени, Владата веќе донесе мерки со кои го ограничи работењето на угостителските објекти до 23 часот, освен за оние кои вршат испорака и препорача да се ограничи капацитетот на патници во автобусите на 50 проценти од вкупниот број на патници. На државната и јавна администрација, општините и судовите им препорача да работат онлајн или да ја организираат работата во смени.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, како што појасни вчера на седница претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе биде разгледан откако ќе помине на матичната Комисија за здрвство и на Законодавно-правната комисија. Образложувајќи го законот во Собранието, Филипче рече дека со измените значајно ќе се зголемат ингеренциите на сите инспекторати, а со предложените мерки ќе се избегне носење на одлука за политички час.

Според него, пакетот мерки што веќе го има заедно со законските измени во Собранието е така димензиониран за да може да функционираат граѓаните, а сепак да биде ставен приоритет на заштита на јавното здравје.

„Полицискиот час не е трајно решение. Таму каде што мерките не се почитуваат пак ќе има раст на бројките на заболени“, вели Филипче.

Бројот на новозаболени расте и во земјите од регионот и во цела Европа. Рекордни 2.243 случаи на заразени се дијагностицирани во Бугарија, а починале 42 лица. Меѓу инфицираните има и 1.948 лекари. Од почетокот на епидемијата во Бугарија се заразени вкупно 40.132 лица, а регистрирани се 1.136 смртни случаи. Во Грција се регистрирани 1.259 нови случаи на ковид-19, што е рекорден број новозаболени во еден ден и првпат бројката е четирицифрена. Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, починати се 12 лица. Од почетокот на епидемијата заразени се 32.752 лица, а регистрирани се 593 смртни случаи.

Во Србија се регистрирани 1.053 нови случаи на заразени со коронавирусот, а починале пет лица, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 798. Во Албанија се дијагностициран 284 новозаразени од 1.278 тестирани и седум починати. Од почетокот на пандемијата досега во Албанија се регистрирани 19.729 заболени, оздравени се 10.808, починати 487, а активни на болеста се 8.434 лица. Во Косово досега се евидентирани околу 18.000 заразени од новиот коронавирус, од кои 666 починале, а над 51.000 се излекувани, така што бројката на актуелни носители на вирусот моментно изнесува нешто под 2.200.

Епидемиолошката состојба во Европа се влошува со рекорден број нови случаи секој ден. Франција води со повеќе од 33.000 пациенти во последните 24 часа, Велика Британија со 22.885, Италија со 21.994, Шпанија со 18.418 и Русија со 16.550 новозаразени.

Најголем број на потврдени случаи во светот сè уште има во САД, 9.010.027, потоа следат Индија со 7.988.735, Бразил со 5.415.671, Русија со 1.547.774, и Франција и Шпанија со приближно 1,2 милиони.

Извршниот директор на Светската здравствена организација, Мајк Рајан оцени дека на Европа и треба сериозно забрзување во борбата против пандемијата на коронавирусот и предупреди дека недостигот на капацитет за ефикасно следење на контактите може да доведе до влошување на состојбата.

 

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе