„Максимално сме конструктивни и сакаме што побрзо штрајкот да заврши во интерес на учениците и на родителите, како и на вработените во образованието и предучилишните установи, секако“, рече Неделков.
На прашањето дали од утре ќе има настава ако има попладнево биде постигнат договор, Неделков рече дека тоа ќе зависи од повеќе фактори, потсетувајќи дека СОНК ќе треба да добие повратни одговори од 600 синдикални организации и 20 регионални одбори.
„Ако навистина има добар предлог, ние не би спиеле цела ноќ, би работеле со нашето членство за да изнајдеме решение. Но, велам, ако имаме соодветна, коректна понуда која навистина ќе може да помине во членството“, рече Неделков.
Пред денешната средба претседателот на СОНК Неделков за МКД.мк изјави дека првично даваат согласност за покачување на платите за 18 проценти, на што треба да се согласи Владата.
„Тоа ќе биде условот да продолжиме низ дијалог со Владата во наредниот период да ги решаваме другите тековни проблеми. А тоа се усогласување на платите со минималната плата и колективните договори, потоа потпишување на нови колективни договори за трите дејности, основните и средни училишта, како и за градинките, како и други детали“, ни изјави синдикалниот лидер Неделков.
Претходно министерот за образование и наука Јетон Шакири изјави дека тој ги разбира и оправдува барањата за повисоки плати на наставниците и воспитувачите, како и на вработените во училиштата и градинките и дека размислува за откажување од некои инвестициски и други трошоци со фискални импликации со цел тие средства да се пренаменат за плати во образованието.
Шаќири уште додаде дека упатил повик и до другите министри да ја разгледаат таквата можност во своите ресори со цел да се обезбедат средства кои би се доближиле до бараното покачување на платите.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура од понеделникот ја започна организацијата на генералниот штрајк во училиштата и градинките.
Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот и поради тоа на 11 април го активираше најавениот штрајк.