По препораките на Европската агенција за лекови

Со „Астразенека“ во земјава ќе се вакцинираат само постари од 60 години, соопшти Филипче

Вакцината на „Астразенека“ во земјава нема да се даваат на лица помлади од 60 години, а за оние што се вакцинираа во Србија ќе се чекаат нови препораки или ќе се ревакцинираат со други вакцини, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Одлуката е донесена утрово по консултација со членовите на работната група за имунизација и со директорите на клиниките откако вчера Европската агенција за лекови (ЕМА) остави секоја земја да заземе став кого ќе вакцинира, но во упатството да бидат наведени несаканите ефекти.

„Утрово разговаравме за ставот на ЕМА по евалуацијата на вакцината на ‘Астразенека‘. Има две препораки, едната е дека тромботичните појави треба да влезат во упатството за употреба на вакцината, а другата е секоја држава за заземе став. Нашиот став е вакцината да не се дава на лица помлади од 60 години во нашата земја“, рече Филипче.

По посетата на А1 Арената каде што се одвива масовната имунизација, Филипче кажа дека се очекува во текот на овој месец во земјава да стигнат околу 300.000 вакцини, од кои најголем дел од Кина.

Тој оцени дека процесот на вакцинација во А1 арената се одвива одлично и кажа дека денеска се вакцинираат дел од здравствените работници и наставниците од прво до трето одделение.

Досега според него, речиси 15.500 повозрасни граѓани во земјава се вакцинирани со „Астразенека“ и засега нема пријавена ниту една несакана реакција од вакцинацијата, освен пријавениот случај на 28-годишната девојка која имала несакани реакции по вакцинација со оваа вакцина во Србија.

„Близу 15.500 граѓани досега се вакцинирани со ‘Астразенека‘ во земјава. Во текот на денот се вакцинирани околу 1.000 и освен таа реакција кај девојката нема друга. Нема никаква несакана реакција официјално пријавена во МАЛМЕД која бара внимание или значење. Несакана реакција во смисла на локална реакција која се очекува после вакцината, мало црвенило, болка… не е нешто што би требало да се пријави како ефект или нешто што би било од клиничко значење“, изјави Филипче.

На прашањето зошто земјава не воведува задолжителен карантин за тие што доаѓаат од странство и дали има ризик да „увеземе“ бразилски сој на ковид, тој кажа дека не може светот да живее со затворени граници. Најголем проблем, според него, е локалната трансмисија, па најважно е да се придржуваме до превентивните мерки.

Ланскиот втор бран, потсети, беше резултат на еден сој кој беше типичен за нашето поднебје и беше поприсутен од почетокот на ноември.

„Минатата година не беше увезен ниаков сој на вирус, а повторно имавме силен бран како што имаме сега. Затоа е битно, без разлика на сите форми и соеви на вирусот, да се придржуваме до превентивните мерки зашто тие се универзални и важат како превенција за кој било тип на вирус“, рече Филипче.

Во врска со местата за хоспитализација, рече дека сосема доволен број кревети има во Скопје и ширум државата и веќе од вчера не се чувствува тој притисок како што беше до вчерашниот, односно завчерашниот ден.

„Многу веројатно е дека пикот на овој бран е веќе зад нас. Се надевам дека нема да има некакво изненадување. Значи веќе има слободни кревети на Интерните клиники, каде што досега беше најголемиот притисок. Сѐ уште има голем број хоспитализирани и за жал сѐ уште има и голем број пациенти кои се во тешка клиничка форма на болеста за кои се преземаат сите мерки и на интензивно и друга форма на болничко лекување“, изјави Филипче.

Сепак, не очекува во земјава да се случи италијанското сценарио од лани.

„Италијанско сценарио како фраза се користеше тогаш и се уште се користи за тоа што се случуваше на почетокот на минатата година во Италија кога не можеше да се обезбеди болничко лекување за пациентите, бидејќи болниците беа преоптоварени. Мислам дека и претходно, но и сега вакво сценарио не се случи во нашата држава. Обезбедуваме место за болничко лекување, место што значи централен довод на кислород и соодветна форма на терапија. Со брза распределба, ротација и координација што ја имаме со директорите на болниците, обезбедуваме болничко лекување за секој пациент. Во текот на вчерашниот ден имаше намалување на бројките, а денеска се очекува и бројот на позитивни лица да биде помал“, изјави Филипче.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе