Министерката за образование Мила Царовска, по повод почетокот на новата академска година, одговарајќи на новинарско прашање појасни дека би требало во текот на денот да се објават списоците, а сместувањето најверојатно ќе започне утре, заклучувајќи дека тоа е стандарден процес.
Според директорот на Државните студентски домови, Виктор Велевски проблемот не е кај нив, затоа што домовите се подготвени, само се чекаат резултатите од МОН.
„Ние сме спремни за сместување на бруцошите, и доколку се доцни ден или два сметам дека нема да има никаков проблем за нас, затоа што службите на ДСД Скопје се подготвени, но за повеќе одговори обратете се во МОН бидејќи и ние чекаме”, изјавил Велевски за МИА.
Од Универзитетското студентско собрание пак, испратиле апел до институците да ги почитуваат роковите, бидејќи како што заклучуваат од таму се создава несигурност кај студентите во поглед на сместувањето.
„V.3. Конечниот список за прием на студенти од I година ќе биде објавен на 30.09.2021 година на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб страницата на Министерството. Приговор по резултатите се доставува до архивата на Министерството за образование и наука, „ул. Св. Кирил и Методиј" бр. 54, Скопје во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите”, стои во соопштението од Министерството.