Ковид-19

Системот и планот за вакцинирање подготвени, се чекаат уште вакцините

Во очекување на првите дози на вакцини преку Ковакс механизмот што треба да стигнат во февруари, министерот за здравство Венко Филипче вели дека е подготвен и поставен системот за вакцинација во однос на складирањето, планот на дистрибуција, како и на идентификувањето на критичните групи според приоритет.

„Целосно е подготвен системот за вакцинација во однос на складирањето, во однос на планот на дистрибуција, идентификувањето на критичните групи според приоритет. Направен е тој план, тоа се три групи – во првата лекарите, медицинските сестри, здравствените работници кои работат со ковид пациенти, вработените во лабораториите. Понатаму штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години кои имаат коморбидитети“, рече Филипче за ТВ Сител.

Во втората група се останатите здравствени работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите, и понатаму според приоритетите кои треба да се заштитат и другите пациенти од другите возрасни групи кои имаат хронични болести. Според него, целосно се подготвени и здравствените домови и центрите за јавно здравје ширум државата за да ги преземат и ги аплицираат вакцините по овој редослед.

Во однос на тоа дали ќе се вакцинираат лицата кои веќе имаат прележано, вели дека засега препораката е да не се вакцинираат.

„Ги следиме порепораките и трендовите, гледаме какви промени се случуваат за некои препораки во согласност со политиката на производителите, но засега нема потреба тие лица кои прележале да бидат вакцинирани“, рече Филипче.

Што се однесува до воведувањето на т.н. ковид пасоши, Филипче вели дека нема консензус во ЕУ за тоа дали треба или не треба да го има и оти дискусиите по тоа прашање течат како во Европската комисија така и на ниво на Светската здравствена организација.

„Засега нема консензус по тоа прашање, но не значи дека ние не треба да размислуваме и затоа и ние разговаравме, секој еден што ќе биде вакциниран ќе добие соодветен документ од соодветната здравствена институција. Ние ќе бидеме подготвени со таква форма на сертификат“, рече Филипче.

На прашањето за пристигнувањето на вакцините и дали се доцни, тој вели дека уште на почетокот кажале дека вакцинацијата ќе почне во февруари или март и оти реагирале и комуницирале навремено по сите три механизми за набавка на вакцини.

Вели дека земјава има услови за пречекување, складирање и дистрибуција на вакцините и оти од СЗО е оценета како подготвена по тоа прашање.

„И фрижидерите стигнаа и тие што беа најавувани како донација се веќе тука, уште три во текот на следните три недели, еден фрижидер може да собере 100.000 дози на вакцини, значи имаме сосема доволно капацитети и во овој момент и Ковакс механизмот најави дека во февруари исто така ќе стигнат тие вакцини за кои што ние направивме уплата и обезбедивме соодветна гаранција“, рече тој.

Во овој контекст додаде дека добро одат преговорите и со компанијата „Фајзер", за што на вечерашната владина седница, како што во меѓувреме соопшти владината прес-служба седница, ги запознал членовите на Владата со најновите информации за набавката на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“.

„Компанијата ‘Фајзер‘ на глобално ниво има свои политики што бараат и некакво прилагодување и на сите земји, во овој момент се разговара со сите земји во регионот, така што за кратко време ќе го склучиме договорот и резервирани се дозите со таа динамика како што беше најавено од ‘Фајзер‘. Тоа се 5.850 дози во февруари, 17.500 во март и април, меѓутоа гледаме дека тоа е едно прашање е што е на некој начин проблематично и за сите земји во Европа. Сите земји и од ЕУ добија значајно помалку од тоа што беше планирано и тоа е причината зошто тој трет механизам на солидарност на некој начин доцни заради тоа што тие не можат да си дозволат да одделат сега во оваа фаза одредена количина и затоа најавија дека тоа ќе се случи во следните месеци по месец март“, рече Филипче.

Повтори дека преку Ковакс механизмот ќе добиеме 833.000 дози за цела 2021 година, а првата количина дози, чија бројка се уште не е позната, се очекува да пристигне во февруари.

Во врска со најавата на премиерот Зоран Заев за можност за набавка на 200.000 кинески вакцини, Филипче рече дека нашиот комитет за имунизација одлучил да даде приоритет на вакцината која е одобрена од ЕМА и ФДА.

 

 

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе