Кој тоа не може да се договори што да ни одговори?

Септември поминува, а МОН не кажува кој треба да купи хартија и сапун и што со „сакатите“ учебници

Средства за хигиена, сапун, влажни марамчиња, топ-хартија за потребите на училиштето. Долга е листата на потребни работи што треба да бидат бесплатни во училиштата, а кои речиси во голем дел од основните училишта паѓаат на товар на родителите, или на класните раководители. Во почеток на месецот, кога се одржуваа родителските средби, до нашата редакција стасаа многу поплаки од родители чии деца се основци во училишта од различни општини во главниот град. Им било побарано да се одвои буџет за хигиенски средства, но и за топ-хартија за печатење тестови за децата, како и за евидентирање на успехот на секое дете на хартија. Освен тоа, сите деца не добија комплет учебници.

Според член 44 од Уставот, секој има право на образование, кое е достапно на секого под еднакви услови и кое е задолжително и бесплатно.

Поради ова, редакцијата на МКД.мк се обрати до Министерството за образование и наука, на кое му укажавме за овие проблеми и од кое побаравме одговори. Но речиси еден месец МОН не може да се договори што да ни одговори и ги игнорира прашањата на нашиот медиум, кои се од клучно значење, од јавен интерес и за кои има обврска да одговори.

На телефонските повици на лицата одговорни за односи со јавност во МОН, ни беше кажано дека прашањата им се дадени на службите, но одговорите треба да се одобрат и да ни се достават во најкус можен рок. Кој тоа толку време не може да одлучи што да му одговори на нашиот медиум, не ни беше посочено.
Не добивме одговор ниту на прашањата што да прават и како да постапат учениците што немаат добиено учебници или, имаат учебници, но им недостигаат страници. Септември речиси измина, а МОН не ни одговори каков совет и насоки да им дадеме на учениците што се без учебници.

Побаравме доказ дали на општините им се обезбедени средства за набавка на топ-хартија и на други средства за основните училишта, доколку се тие надлежни за ваквите набавки. И тие наши прашања МОН ги игнорира.

Ако до лани за тетратки, прибори и ранци за едно дете беа потребни 1.500 денари, оваа година таа цена е двојно повисока. Повисоки се цените и на топ-хартијата за печатење, односно ако лани чинеше 180 денари, сега е од 350 до 400 денари.

Во Скопје има и училишта каде што се обезбедени сите потребни материјали и каде што родителите не даваат пари за истите средства за кои во други училишта секоја година се собира буџет.

Зошто е тоа така и зошто постојат разлики, останува на МОН да објасни, односно да каже дали и каде се даваат пари за набавка на средства за училиштата, а кој тоа недомаќински ги троши парите, па таа „дупка“ треба да ја пополнуваат родителите или наставниците.

Поради актуелната енергетска криза, она што за учениците е неизвесно е како ќе продолжи учебната година, односно имаат ли општините пари за покривање на сметките и на трошокот за греење во зима. 

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) им порача на Владата и на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) заедно да најдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.

За Владата е најдобро учениците да следат настава со физичко присуство, но не и за дел од општините, кои велат дека нема да можат да ги платат сметките за струја. 

Портпаролот на Владата Душко Арсовски пред неколку дена нагласи дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација. Владата, како што рече, за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.

Градоначалниците од Полошкиот регион минатата недела побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн-настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.

За ова се разговараше на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој пред неколку недели ја спомена можноста во изјава за медиумите.

„Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електрична енергија, да не се одржи онлајн-настава. Ќе треба поддршка од Министерството и ЗЕЛС, а нас нѐ поддржуваат и други градоначалници“, изјави Таравари.

 К.Д.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе